Ноле има многу адути за лесно да стигне до нова титула

Новак Ѓоковиќ против Диего Шварцман ќе играат во днешното финале на Мастерс-турнирот во Рим. Српскиот тенисер и актуелен број 1 на АТП-листата во светот е голем фаворит за трофејот, но Аргентинецот сигурно ќе сака да докаже дека не случајно е дел од финалето.

За Шварцман ова е првпат да игра во финале на мастерс, додека Ѓоковиќ е единствен тенисер кој ги има освоено сите девет модерни Мастерс 1000 турнири, и тоа го направил по двапати. Финалистите во Рим досега играле четирипати меѓу себе, а без изненадување, Новак е многу поуспешен. Србинот ги добил сите четири претходни меча, а последен пат се сретнаа на Отвореното првенство на Австралија оваа година, кога Ѓоковиќ триумфираше, а го исфрли Шварцман во четвртфиналето.

Во корист на Ѓоковиќ ќе оди и фактот дека Шварцман е многу поуморен во пресрет на финалето. Новак играше во попладневните часови и се задржа два часа на теренот. За разлика од Србинот, Шварцман помина повеќе од три часа во полуфиналето против Денис Шаповалов од Канадa. Дуелот заврши по 22:30 часот, што значи дека финалистот има само 18 часа за одмор пред финалето. За Ѓоковиќ останаа повеќе од 24 часа пауза меѓу полуфиналето и финалето.

 

- Оглас -

Најнови вести