Нов проблем за Ливерпул, без Алисон на реваншот со Атлетико

Првиот голман на Ливерпул, Алисон Бекер, има повреда на колкот, и нема да брани на дуелот со Борнмут во Премиерлигата, но ќе го нема ниту на пресметката со Атлетико Мадрид, најави тренерот Јорген Клоп.

„Не знам дали ќе може да брани против Евертон, но во претстојната недела нема да биде на гол. Потоа ќе видиме како ќе се одвива процесот на рехабилитација. Тој се повреди на тренинг, но прво мислевме дека не е ништо страшно“ – изјави Клоп.

Ливерпул е во пад на формата, бележи лоши резултати во последно време, и како да нема крај на проблемите. Титулата во Премиерлигата нема да им побегне, но трофејот во ЛШ кој го бранат од лани, може да го загубат рано, уште во осминафиналето ако в среда вечер не го надоместат минусот од 0-1 против Атлетико.

Алисон се повреди на тренинг пред дуелот со Челзи од ФА купот, па местото меѓу стативите ќе го заземе Шпанецот Адријан, кој на куп мечот со Челзи имаше прилично голем кикс при првиот примен гол. Бразилецот Алисон најрано би можел да се врати на голот на градското дерби против Евертон на 16 март.

Неизвесен за дуелот со Атлетико е и Џордан Хендерсон, но неговите шанси да заигра се поголеми од тие на Алисон.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести