Поранешниот напаѓач на Барселона, Серхио Агуеро, покрена судски спор против Каталонците поради долг од три милиони евра. Желбата на фудбалерот беше да игра заедно со Лео Меси, па во 2021 направи трансфер од Манчестер сити во Барселона, но во текот на сезоната му беа дијагностицирани проблеми со срцето и тука беше крајот на неговата кариера.
Иако имаше договор на две сезони со Барселона, сепак постигнаа договор да му биде исплатена само првата сезона, а Каталонците планираа тие три милиони евра да ги покријат од осигурувањето кое го имаат фудбалерите. Сепак, осигурувањето одби да го плати тоа, обвинувајќи го фудбалерот и неговиот менаџер дека знаеле за срцевите проблеми и не го известиле клубот кога потпишале, нешто што категорично беше негирано.
Сега Агуеро се обидува да ја „седне“ Барселона на маса и да се договорат, па затоа е покренат судски спор, а целта е вонсудски да се договорат. Фудбалерот е подготвен да прифати исплата на рати, со што парите би ги добивал во рок од пет години.