Нови страшни детали од несреќата во која загина Рејес

Некогашниот шпански репрезентативец Хозе Антонио Рејес во саботата го загуби животот во сообраќајна несреќа. Освен фудбалерот, во несреќата загина и неговиот роднина Џонатан Рејес, а третиот сопатник Мануел Калдерон преживеа и е во болница.

Страшна е глетката од автомобилот со којшто се случила несреќата. Целосно е уништен „мерцедес брабус С550“ со кој Рејес возел дури 237 километри на час, кога му пукнала гума и загубил контрола врз возилото, па излетал од патот. Автомобилот удрил во неколку бетонски столбови, а на крајот завршил на 200 метри подалеку од местото на првиот удар.

Мануел Калдерон го преживеал ударот и бил свесен, па дури тргнал да ги спасува останатите двајца патници. Тој сакал да ги извлече Хозе Антонио и Џонатан од автомобилот, но во тој момент „мерцедесот“ експлодирал. Затоа Калдерон сега е во болница со тешки изгореници по целото тело.

Рејес, кој во богатата фудбалска кариера имаше играно за Реал Мадрид, Арсенал, Севилја и неколку други клубови, вчера беше погребан во Севилја.

 

- Оглас -

Најнови вести