Даниел Георгиевски нема да има можност да игра во фазата по групи во азиската Лига на шампиони по поразот против актуелниот шампион Кашима Антлерс со 1-4.
Јапонците беа апсолутни фаворити и ја оправдаа улогата со убедлив триумф против Њукасл џетс. Со головите на Ито и Јамамото во првото полувреме и двата на Сержињо во вториот дел, Кашима го доби квалификацискиот нокаут-меч со 4-1.
Голот за Њукасл џетс го постигна Варгас во 23-тата минута, во тој момент за израмнување на 1-1. Кај гостите од Австралија стандардно на десната бековска позиција играше нашиот поранешен репрезентативец Даниел Георгиевски, но и тој и соиграчите не најдоа начин како да ги сопрат разиграните Јапонци.
Кашима лани ја освои првата титула во историјата на клубот во азиската Лига на шампиони, а потоа играше и на Светскиот клупски куп и го освои четвртото место.