Иако беше најавувано дека денеска е „Денот Д“ околу (не)останувањето на Жељко Обрадовиќ на клупата на Партизан, носењето дефинитивна одлука е одложено барем до утре.
Откако синоќа му го омекнаа срцето на Обрадовиќ со спектакуларен пречек на аеродромот во Белград, на денешниот состанок во четири очи со претседателот Остоја Мијаиловиќ, Обрадовиќ го повторил ставот дека невозможно е да остане под вакви услови бидејќи има проблем со односот кон него од неколку „непослушни“ играчи.
Обрадовиќ си поднесе оставка по поразот од Панатинаикос, клубот не му ја прифати и го убедуваат да остане, но тоа нема да биде лесно. Од Партизан прифаќаат и да се разделат со сите тие играчи со кои тренерот е во лоши односи, но во овој период од сезоната тешко е да се најдат соодветни засилувања.
Тимот треба да тренира утре во 17 часот и ќе се види дали ќе го води Жељко или некој друг.

