По Македонија Ѓорче Петров и Академија Пандев, вечерва елиминација од квалификациите во Лигата на Европа доживеа и Шкупи. Тимот од Чаир загуби на арената „Тодор Проески“ од Пјуник со 1:2 и тоа беше доволно да ги заврши евронастапите уште по двомечот со првиот ривал.
Шкупи навистина има за што да жали бидејќи по првиот меч во Ерменија, скопјани имаа позитивен резултат (3:3). Тоа значи дека на свој терен доволно ќе им беше да одиграат и нерешено (0:0; 1:1; 2:2) за да се радуваат на крајот. Сепак, тоа не се случи и со пораз ги завршија настапите во Европа.
Играчите на Пјуник знаеја дека им треба победа во Скопје и тргнаа офанзивно, а тоа го крунисаа со погодок само по седум минути игра, кога погоди Јадигарјан. Нов шок за повеќе од 10 000 фанови на Шкупи следуваше во 31-вата минута, кога Миранјан зголеми на 2:0 за гостите.
Надеж дека може Шкупи да остане во Европа стигна по голот на Хрватот Марин Јурина во 82-рата минута. Сепак, Пјуник успеа да ја задржи предноста и на крајот да се радува на триумф од 2:1. Во 86-тата минута Шкупи остана и со играч помалку откако директен црвен картон доби Сержињо.
По денешната елиминација на трите македонски екипи, во Европа останува само уште шампионот Шкендија. И тетовци беа елиминирани, но тие ќе имаат втора шанса бидејќи од квалификациите за Лигата на шампионите сега ќе се преселат во квалификациите за Лигата на Европа.