Од сумата боли глава: Колку пари заработил Мурињо од клубовите кои го бркале?

Жозе Мурињо дефинитивно е еден од тренерите кои ги одбележаа последните две децении во фудбалот. Се појави како тренер на Порто, кој успеа да направи чудо и да го одведе португалскиот клуб до титулата во Лигата на шампионите и оттогаш секогаш е меѓу најпосакуваните тренери во светот.

Португалецот од пред два дена е без работа, откако доби отказ од Манчестер јунајтед. Тој отказ не го загрижува многу бидејќи најтрофејниот англиски клуб ќе му искешира вкупно 26,5 милиони евра за да го избрка од „Олд Трафорд“. Англиските медиуми решија да пресметаат колку вкупно пари Мурињо добил од клубовите кога го бркале.

Првиот таков случај му се случи во Челзи. Во 2007 година доби отказ од лондонскиот тим, а газдата Роман Абрамович мораше да му исплати 23 милиони евра, пари кои се неверојатни за многумина и во денешно време. Потоа замина во Интер. „Нераѕурите“ не го избркаа, туку го продадоа во Реал Мадрид и тоа за сума од 10 милиони евра.

Кралскиот клуб веруваше дека Мурињо е вистинското решение за клубот, но по некое време реши да го избрка и за тоа му плати 10 милиони евра. Од Реал, повторно се врати во Челзи и повторно следуваше истото сценарио. Абрамович реши да го избрка, а овојпат за тоа му плати 14 милиони евра компензација.

Ако се соберат сите пари кои Мурињо ги добил од клубовите кога решија да го избркаат, се стигнува до сумата од 73,5 милиони евра. Едноставно, Мурињо навистина е Специјален, бидејќи нема тренер кој заработил повеќе пари кога го бркале од клубовите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести