Од финале на Вимблдон до квалификации на Австралија опен

Маркос Багдатис кај мажите и Вера Звонарева и Сабине Лисицки се најпознатите тениски имиња што ќе почнат од квалификациите на Австралија опен, со цел да стасаат до главната сцена и настап на гренд-слемот што ќе се игра од 14. јануари во Мелбурн.

Маркос Багдатис ќе биде 14. носител во квалификациите, а кариерата на 33-годишниот тенисер од Кипар е во надолна линија, па сега ќе мора да го мине филтерот од три рунди за да настапи на главната сцена.

Багдатис е поранешен број 4 светски тенисер и играше финале во Мелбурн на првиот гренд-слем во сезоната во изданието во 2006 година. Тогаш загуби од Роџер Федерер со 1:3 во сетови и не успеа да сата со гренд-слем титула.

Кај дамите има две тенисерки кои ја почуствувале магијата на гренд-слем финалињата. Вера Звонарева во 2010 година беше во врвна форма, стаса до втората позиција на ВТА листата, а играше две финалиња, во Лондон на Вимблдон и во Њујорк, на САД опен. И двете ги загуби со по 0:2, на терените на „Њу Ингланд клубот“ од Серена Вилијамс и потоа на „Флешинг Медоуз“ во Њујорк од Ким Клајстерс, па остана без гренд-слем титула.

Сега на 34-годишна возраст е прва носителка во квалификациите за настап на АО, турнир каде има две полуфиналиња, во 2009 и во 2011 година.

Со неа во квалификациската шема за ново учество на гренд-слем турнирот во Мелбурн е и Сабине Лисицки, тенисерка која играше меч за титула на Вимблдон во 2013 година. Во меч на две дебитантки во гренд-слем финалињата подобра од Германката беше Мерион Бартоли и ја освои единствената круна на еден од четирите најценети турнири.

Годинава во квалификациите за настап на Австралија опен нема ниту еден претставник од Македонија.

 

- Оглас -

Најнови вести