Македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов имаше одлична сезона во дресот на Шалке 04, тим со кој успеа да избори место во Бундеслигата. Чурлинов имаше одлични настапи за екипата од Гелзенкирхен, но таму беше само како позајмен играч, па веќе ова лето, напаѓачот се пресели во клубот со кој има актуелен договор, а тоа е Штутгарт.
Иако ги започна подготовките со Штутгарт и веќе почна да постигнува погодоци на контролни мечеви, уште постоеше опцијата за Чурлинов да се врати во Шалке 04, но сепак парите се проблем. Штутгарт не сака повторно да го отстапи Чурлинов, па Шалке доколку го сака во своите редови, ќе мора да плати три милиони евра за раскин на договорот.
Од Шалке 04 велат дека таа опција не доаѓа во предвид, па затоа тука и завршува соработката меѓу македонскиот репрезентативец и екипата од Гелзенкирхен.
„Ние сакаме Дарко Чурлинов повторно да игра за нашиот тим, но Шалке во моментов нема пари да го откупи неговиот договор. Се надеваме дека во иднина работите можеби и ќе се променат“, рече директорот на Шалке 04, Рувен Шредер.