Од шетање со крави до клупата на Барса – Сетјен во јануари беше најгордиот човек на светот, а сега…

Ако веќе треба да се бара виновник за вчерашното фијаско на Барселона, како и за пропаднатата сезона, тогаш прстот треба да се насочи кон управата. Катастрофалните трансфери во изминативе години, како и лошиот избор на тренери се дело на првиот човек Бартомеу. Но, Кике Сетјен е тој што трпи најмногу критики по неповторливиот пораз од 8-2 против Баерн Минхен.

Кога во јануари Сетјен ја презеде клупата на Каталонците по отказот на Ернесто Валверде, беше најгордиот човек на светот кој доби привилегија да работи со можеби најдобриот фудбалер на сите времиња, Лионел Меси, на дополнителната тежина што ќе ја води Барселона.

„Вчера шетав покрај крави во родниот град, а денес седнувам на клупата на Барселона. Огромна привилегија е што ќе работам со најдобрите играчи во светот, во најдобриот клуб во светот со кого ќе ги освоиме сите трофеи оваа сезона“, кажа Сетјен во јануари при промоцијата.

Валверде му го препушти тимот како лидер во Ла Лига и беше во игра за останатите трофеи, па Сетјен даде збор дека ќе напаѓа на сите фронта. Но, се случи сосема спротивното. Шпанскиот престол го презеде Реал Мадрид, Кралскиот куп ќе замине за Баскија, додека Лигата на шампионите остана енигма.

Сега кога дојде време да се плати сметката за катастрофалната сезона, ќе му ја препуштат на Сетјен. Денес се очекува реакција од раководството и официјално отпуштање на шпанскиот стратег.

- Оглас -

Најнови вести