Двократниот европски првак Вардар вечерва на свој терен го игра првиот меч од новата сезона во Лигата на шампионите. Противник на Црвено-црните е добро познатиот ривал, Мешков од Брест. Вардар и Мешков во изминативе девет години одиграа дури 28 меча во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата, а билансот е неверојатно израмнет. Вардар има 13 победи, Мешков се радувал 12 пати, а три меча завршиле нерешено.
И вечерва се очекува да биде неизвесен дуел, а според коефициентите во Sport Life, токму средбата во „Јане Сандански“ има најголеми шанси од сите кои се играат во второто коло од ЛШ, да заврши нерешено. Вардар во првото коло веќе одигра „икс“, и тоа на гости кај Елверум (27:27), додека Мешков дома беше поразен од фаворитот Кил со 33:30.
Дополнителен мотив за вардарци да стигнат до победа е фактот дека гостите ќе бидат без петмина ракометари, и тоа голманот Иван Пешиќ, како и Артем Селвасјук (пивот), Павел Пачковски (десен бек), Егор Будејка (десен бек) и плејмејкерот Јака Малус.
Според препишаните протоколи, во „Јане Сандански“ ќе биде дозволено присуство на 1.800 гледачи, но и тоа треба да е доволно за македонскиот првак да има голема поддршка од трибините.