Одбојкарите мотивирани преку Украина да дојдат до ЕП

Македонската машка одбојкарска репрезентација има реални шанси да обезбеди прв, историски настап на Европско првенство, а вечерва против Украина во Запорожје, ја има првата меч-топка.

По одлуката на ЦЕВ од претстојниот континентален самит во Белгија, во Франција, во Холандија и во Словенија, наместо 16 да учествуваат 24 селекции, оваа генерација предводена од капитенот Никола Ѓорѓиев, го живее сонот да излезе на големата одбојкарска сцена. До таквиот успех остануваат два натпревара.

Вечерашниот противник е квалитетен, има максимален ефект досега, и за да го обезбеди првото место, потребни му се два сета. Нам победа би ни завршила голема работа, иако со два освоени сета, а со тоа и заработен бод, па дури и без него, шансите би постоеле, секако со услов во последното коло на 9-ти јануари во Скопје да ја совладаме Унгарија со 3:0 или со 3:1.

Во табелата на второпласираните репрезентации (од седум групи, на ЕП одат пет најдобри втори) нема да се бројат резултатите од мечевите со националните состави коишто ќе завршат последни, па нам ни одговара Швајцарија да биде последна во нашата група. Во таков случај ќе се избрише нашиот пораз од неа дома, така што во табелата на второпласираните ние би имале најмалку две победи, под услов да триумфираме против Унгарија в среда во „Кале“.

„Силно! Борбено! Со позитивна мисла!“, – вели капитенот Никола Ѓорѓиев за начинот на којшто Македонија треба да игра во Запорожје.

„Трениравме добро деновиве, за разлика од летоска, сите се во подобра форма. Затоа ќе одиме на победа, нема да калкулираме. Не сакам да размислувам за другите, сакам да победиме и да ги решиме дилемите уште во Украина“, заклучува Ѓорѓиев.

Селекторот Никола Матијашевиќ, уште жали за испуштената победа над Украинците во Скопје, кога водевме 2-0 во сетови.

„Се уште имам трпки кога ќе се присетам. Тешко ми е да се враќам на тие спомени. Јас мислам дека тие сега ќе играат со одбојкарите коишто го направија пресвртот во Скопје. Ги променија техничарот, коректорот и либерото, а тоа е половина екипа. Кај нас не можеме да менуваме толку играчи, но ако ги надиграме на сервис и во прием, би имале шанса да играме рамноправно. Со големата желба и волја можеме да победиме“ – селекторот.

- Оглас -

Најнови вести