Одбојкарите одат по злато во Европската сребрена лига, уште две победи до целта

Само победа против Хрватска во денешното полуфинале од 17 часот е во мислите на македонските одбојкари кои на завршницата на Европската Сребрена лига во Струмица ќе се обидат да дојдат до финалето, и со евентуален триумф на турнирот да се пласираат во Златната лига во која играат посилни репрезентации од тие со кои играме сега.

Македонскиот национален тим во септември ќе игра на Европско првенство и оваа генерација предводена од капитенот Никола Ѓоргиев, чувствува дека има шанса која треба да се искористи.

„Со нетрпение го очекуваме дуелот со Хрватска. Го скаутиравме противникот, знаеме дека се подмладени малку, но сепак се одлична репрезентација предводена од познат италијански тренер кој им е селектор. Ќе биде големо дерби, ќе биде тежок натпревар, но верувам во нашите момци, мислам дека се зависи од нас. Ако бидеме на посакуваното ниво, сигурно ќе победиме. Здравствено се чувствуваме одлично, мотивирани сме, желни да го освоиме златото, и догодина да играме во Златната европска лига“ – вели Ѓоргиев кој пред неколку дена доби ќерка, па ќе има мотив плус.

Во другото полуфинале, играат Унгарија и Данска. Со Хрватите последен пат Македонија играше пред три години во Сребрената лига кога претрпевме пораз од 2-3, иако нашите одбојкари имаа предност од 2-0.

- Оглас -

Најнови вести