Одбојкарите поразени од Чешка и во осминафиналето на ЕП ќе играат против Италија

Одбојкарската репрезентација на Македонија со пораз од Чешка со 0-3 во сетови, и тоа со 19:25, 23:25 и 17:25 загуби во последното коло во групата Ц и како четвртопласирана обезбеди пласман во осминафиналето, каде што ја очекува дуел со силната Италија.

Одбојкарите настапите на ЕП ги започнаа со две победи над Данска и Црна Гора, со кои обезбедија пласман во осминафиналето, но во следните три меча загубија од Полска, Холандија и вечерва од Чешка, која на крајот заврши како третопласирана во групата Ц.

Во првиот сет, Чесите беа подобри уште на стартот, поведоа со 2:5 и не им дозволија на избраниците на селекторот Јошко Миленкоски да се вратат во игра и на крајот со 19:25 го освоија сетот.

Во вториот сет имаше многу поголема борба, Чешка прва се обиде да се одлепи и направи три поени предност (6:9), но Македонија успеа да израмни на 9:9.

Потоа следуваше нова мини-серија на Чесите, со која дојдоа и до четири поени предност (13:17), но избраниците на Миленкоски не се предадоа и дојдоа до 20:21 по поенот на Милев, по што се влезе во неизвесна завршница. На крајот, Вашина го блокира смечот на Никола Ѓорѓиев за 23:25 и водство од 0-2 во сетови за Чешка.

И во третиот сет идентично сценарио како и првите два, Чесите беа во водство, а Македонија постојано го бркаше резултатот. На крајот Чешка славеше со 17:25 за триумф од 3-0 во сетови и освојување на третото место во групата Ц.

Македонија како четвртопласирана во групата Ц, која се играше токму во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“, обезбеди пласман во осминафиналето, каде што ја очекува пресметка со главниот фаворит на Европското првенство, Италија. Натпреварот ќе се игра на деветти септември во Бари, Италија.

Пласман во осминафиналето од групата Ц, која се играше во Скопје, обезбедија и Полска како првопласирана, Холандија како втора, а Чешка како трета.

 

- Оглас -

Најнови вести