Одиграјте Спортска прогноза до 15.30 часот – Тринаесeтка што не се пропушта, „ајфонот“ го чека првиот сопственик во третата сезона

Тековното 26. коло на Спортска прогноза е специјално, особено за дамите, а наградите што ги доделуваат Sport Life и Спорт Манија можат да ви го разубават празничниот 8. март.

Топ-наградата и за оваа рунда е прекрасниот мобилен телефон „ајфон 11“ во играта што ја организираме бесплатно веќе трета сезона.

Не е е доцна да се приклучите со свои прогнози, а рокот е денеска до 15.30 часот кога ќе започнат двата дуели од Бундеслигата, кои се први на менито на популарната Тринаесетка.

Во третата сезона „ајфонот“ се уште го чека првиот сопственик, па токму 26. коло може да биде среќно за прогнозерите што ќе ги погодат сите 13 пара.

Стартот на колото е со германското дерби меѓу Борусија Менхенгладбах и Баер Леверкузен во битка за позициите што водат во Лигата на шампионите, а паралелно со тој меч, од 15.30 часот ќе се игра и дуелот меѓу Хофенхајм и Волфсбург.

Во фокусот денеска ќе биде италијанското дерби меѓу Јувентус и Лацио од 20.45 часот, а возбудувањата ќе продолжат и со утрешните големи фудбалски пресметки во Мадрид и во Манчестер.

Атлетико и Реал ќе играат во мега-дербито во Ла Лига, од 16.15 часот во недела, дуел што може многу да влијае и на целата сезона во Шпанија.

Победа на домаќините им носи спокојно продолжение на првенството на лидерската позиција, а триумф на Реал ќе значи возбудлива трка за пехарот на три екипи, вклучувајќи ја и Барселона.

Градско дерби ќе има и во Манчестер меѓу Сити и Јунајтед, утре од 17.30 часот, а во Англија ситуацијата е појасна и Граѓаните се на прагот на нова титула.

Сепак манчестерското дерби секогаш е со посебен шмек, без разлика на позицијата на табелата и на формата на екипите, што е уште еден предизвик да ги покажете вашите вештини за прогнозирање на фудбалските натпревари.

Колото ќе заврши со уште едно дерби. Во понеделник од 20.45 часот ќе играат Интер и Аталанта во италијанската Серија А. Дуел што е значаен во трката за Скудетото, како финале на 26. рунда на Спортска прогноза.

 

- Оглас -

Најнови вести