Ракометната федерација на Македонија и селекторот на машката репрезентација, Кирил Лазаров, и официјално ја продолжија соработката до 2029 година.
„Официјално ја продолживме соработката со селекторот на нашата машка сениорска репрезентација, Кирил Лазаров, со договор до 2029 година. Веруваме дека континуитетот и стабилноста се клучни за напредокот на националниот тим и македонскиот ракомет во целина. Се надеваме на успешна и плодна соработка во наредниот период, во кој со заеднички труд, посветеност и јасна визија ќе продолжиме да остваруваме добри резултати и да го развиваме нашиот спорт.“ – рече претседателот на РФМ, Александар Стефанов.
Задоволство од постигнатиот договор за продолжување на соработката има и кај селекторот.
„На заедничко задоволство ја продолживме соработката со Ракометната федерација на Македонија. Водењето на национален тим, поготово на својата земја, е голема чест и одговорност. Благодарен сум за укажаната доверба и поддршка. Пред нас е период исполнет со сериозна работа, јасни цели и високи очекувања. Со заеднички труд, дисциплина и целосна посветеност ќе продолжиме да работиме на напредокот на националниот тим и достоинствено претставување на Македонија, со фокус на стабилност и резултати на долг рок.“ – изјави селекторот, Кирил Лазаров.

