Официјално: Маурисио Сари нов тренер на Јувентус

Италијанскиот првак Јувентус ја официјализираше соработката со Маурисио Сари. Екстренерот на Челзи и Наполи потпиша тригодишен договор со Старата дама, со кој ќе се задржи на „Алијанц“ стадионот до јуни 2022 година. Само неколку часа по соопштението на Челзи во кое пишува дека соработката со Сари е прекината, Јувентус ја обелодени веста која се чекаше доста време.

Сари се врати во Италија само една сезона откако го напушти тимот од Неапол. Изминатата сезона го водеше тимот на Челзи со кој го освои својот прв трофеј во 20-годишната тренерска кариера (Лигата на Европа), а исто така го предводеше лондонскиот тим до третото место во Премиер лигата и финале во Лига Купот.

Откако Макс Алегри реши да замине од Торино, Сари се најде меѓу фаворитите за клупата, а како што беше најавено ќе заработува 6,2 милиони евра по сезона.

Сега ќе биде интересно да се види реакцијата на фановите на Наполи, кои дел од нив овој потег на Сари го сметаат за предавство, бидејќи Италијанецот три години тактизираше во таборот на Наполитанците.

- Оглас -

Најнови вести