Официјално: Прандели е нов тренер на Џенова и Горан Пандев

Џенова по отказот на Иван Јуриќ, го назначи Чезаре Прандели за нов предводник на екипата. Шеесет и едногодишниот италијански стратег потпиша едно и полгодишен договор, според кој на кормилото на калчолигашот ќе остане до јуни 2020 година.

Џенова веќе втор пат во сезонава менува стратег, Јуриќ издржа само осум меча, на кои не оствари ниту еден триумф, a претходно му врачија отказ на Давиде Балардини.

Прандели уште денес ќе го води тренингот на првиот тим за којшто настапува и капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев, а во кратки црти на италијанските медиуми им истакна дека со нетрпение чека да ја започне новата авантура.

„Возбуден сум што го прифатив овој предизвик, со нетрпение чекам да ја започнам мојата нова авантура“, истакна Прандели.

Прандели се враќа во Серија А по осум години, откако во неговиот последен ангажман во италијанскиот шампионат го водеше тимот на Фиорентина. По напуштањето на репрезентацијата на Италија, Прандели имаше ангажмани во Галатасарај, Валенесија и Ал-Наср од Обединетите Арапски Емирати.

Прв предизвик за Прандели ќе биде дуелот со СПАЛ на домашен терен, мечот кој е закажан за во недела, со почеток од 18 часот.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести