Дојде и тој ден за Вардар. Шампионскиот трофеј од фудбалското првенство на Македонија, повторно ќе ги краси витрините на најтрофејниот колектив кај нас. Вардар во минатото коло и официјално ја освои титулата, а денеска кога се игра последното коло од првенството, шампионскиот пехар ќе заврши во рацете на вардаровите играчи и навивачи.
Не можеше да посака Вардар на поубав начин да слави титула. Игра на арената „Тодор Проески“ и тоа против најголемиот ривал сезонава, тетовска Шкендија. Тетовци сезонава освен што ја загубија трката за титулата во првенството, туку го загубија и пехарот во Купот, откако во средата беа нокаутирани од Силекс со 1:0, па Шкендија остана со празни раце.

Мечот кој ќе се игра од 18 часот нема да има никакво резултатско значење, но затоа се подготвува голема прослава како на трибините, така и на теренот по средбата. Челниците на Вардар уште претходно најавија дека по завршување на дуелот, славјето ќе продолжи во Градски парк на популарната „Школка“.
Освен славеничкиот дуел на „Тодор Проески“ денеска од 16 часот ќе играат и екипите на Арсими и Струга Трим Лум. И овој меч нема големо резултатско значење. Струга секако завршува на третото место, додека Арсими е спасен, но на крајот од сезоната може да стигне и до петото место, ако денеска слави, а Тиквеш во понеделник загуби кај Работнички.

