Сан Антонио убедливо славеше над Оклахома со 103:82 во четвртиот натпревар од финалето на Западната конференција и така ја израмни серијата на 2-2.
Блескава вечер имаше Виктор Вембањама, кој со 33 поени го предводеше својот тим, а натпреварот го одбележа и фантастичната одбрана на Спарс, која го сведе нападот на Тандер на најмал број поени сезонава.
Откако лесно ги помина првите две рунди од плејофот, Оклахома во финалето на Западот се соочи со далеку посериозен противник. Иако на Оклахома ѝ недостасуваа повредените Џејлен Вилијамс и Аџај Мичел, одбраната на Спарс целосно ги неутрализираше нивните најсилни оружја.
Тандер мечот го заврши со само 82 поени, што е нивен најслаб офанзивен учинок сезонава. Гостите имаа катастрофална шутерска вечер и реализираа само шест од 33 обиди за три поени, односно 18,2 проценти, а запишаа и 20 загубени топки.
Серијата сега се сели во Оклахома Сити, каде во вторник ќе се игра петтиот натпревар.

