Норвешка, земја со население од 5,7 милиони (во споредба со 342 милиони во Соединетите Американски Држави), се наоѓа на врвот на табелата по број на освоени медали на три последователни Зимски олимписки игри.
И постојано се подобруваат, сега во Милано Кортина освоија 41 медал (18 златни). Во просек имаат по еден медал на секои 137.000 жители, додека САД освојуваа еден медал на секои 10,5 милиони жители.
Сето ова со годишна стипендија од 15.000 евра по спортист и без дополнителни наградни фондови за резултати.
Земјата од северот на Европа додека го јаваше бранот на олимписката слава, вчера експлодира во фудбалска екстаза. Бодо/Глимт го елиминира Интер и оди во осминафиналето на Лигата на шампионите, а Норвежанецот Александер Сорлот постигна хет-трик за Атлетико Мадрид во победата над Клуб Бриж.
Норвешка ќе игра на СП во фудбал, доминантно се пласираа таму, го имаат и еден од најдобрите светски голгетери Ерлинг Халанд.
Каде е тајната на успехот?
„До 13-годишна возраст децата не се натпреваруваат за резултати, нема рангирање и вежбаат во различни дисциплини. Многу деца имаат одлични можности да го развијат својот потенцијал во различни области, а спортот е една од нив… потоа тие ќе го развијат својот потенцијал како човечки суштества и граѓани. Тоа е систем што функционира. Сè е фокусирано на забава, пријателство и тимска работа. Никој не победува и никој не губи. Секој има еднаков пристап до најдобрите тренери, најсовремените системи и научните и медицинските истражувања“, откри Торе Овребо, една од клучните фигури зад овој успех.
Поранешниот олимписки веслач на Игрите во Сеул во 1988 година, кој е раководител на операциите за норвешкиот тим од 2013 година и привремен директор на локалниот олимписки комитет, верува дека недостатокот на конкуренција на рана возраст го намалува обесхрабрувањето на децата и нивното напуштање на спортот пред да имаат време да го развијат својот потенцијал.
Во моментов норвешкиот спорт може да се пофали со фигури како што се: Јоханес Клебо, Ерлинг Халанд, Александар Сорлот, Мартин Одегард, Каспер Руд, Јакоб Ингебригтсен, Карлстен Ворхолм, итн.

