Манчестер јунајтед во неверојатен натпревар синоќа загуби од Копенхаген со 4:3 во рамките на Лигата на шампионите, со што продолжи со очајните игри сезонава.
Црвените ѓаволи на стадионот „Паркен“ водеа и со 0:2 и 2:3, но во финишот примија два гола и останаа без бодовите.
Иако влијание врз играта и резултатот има исклучувањето на Маркус Рашфорд, статистиката нема милост за Црвените ѓаволи и покажува дека ова е најлошиот Јунајтед во последните пет децении.
Манчестер јунајтед од почетокот на сезоната одигра 17 меча во сите натпреварувања и загуби дури на девет од нив. Такво нешто последен пат на Јунајтед му се случило во сезоната 1973/74.
Таа сезона навивачите на Црвените ѓаволи не ја паметат по добро бидејќи екипата за последен пат испадна од најсилната англиска лига.
Никој не верува дека на Јунајтед може ова сценарио да му се случи и сега, но статистиката јасно покажува дека ситуацијата е алармантна и мора да се носат драстични решенија.