Ова не му се случило никому досега – Со двојна суспензија дојде од Хрватска во Германија и никако да почне да игра за Ајнтрахт

Новото засилување на Ајнтрахт Франкфурт, Хрватот Хрвоје Смолчиќ ич нема среќа и ќе го пропушти и денешниот меч за Орлите против Баерн Минхен во премиерата на новата сезона во Бундеслигата откако не играше и на дуелот од Купот со Магдебург.

На 21-годишниот стопер, кој до неодамна играше со Дарко Велковски во Риека како тандем стопери, му се случи неверојатна работа што веројатно и никому не му се случила досега во светот на фудбалот.

Не играше против Магдебург за Ајнтрахт во првото коло од националниот Куп на Германија на 1 август поради тоа што беше исклучен во финалето на Хрватскиот куп, кое Риека го загуби од Хајдук со 1:3.

Сега е откриено дека не може да игра ниту против Баерн во првото коло од Бундеслигата денеска од 20.30 часот во Франкфурт бидејќи во Хрватска бил суспендиран поради жолти картони во првенството, а не ја одлежал казната од еден меч.

Автоматски му се пренесува во новиот клуб, па не смее да игра против најтрофејниот германски клуб.

„Е, вакво нешто немам доживеано во кариерата. Купивме играч со двојна суспензија, но знам дека ќе помине и тоа. Верувам во квалитетите на Смолчиќ, кој има само 21 година и е многу перспективен дефанзивец“, изјави Оливер Гласнер, тренерот на Ајнтрахт.

Ако не му откријат уште некоја суспензија што важи за мечеви од Суперкуп, Смолчиќ би требало да дебитира за Ајнтрахт на 10 август, против Реал Мадрид, во Суперкупот на Европа во Хелсинки.

 

- Оглас -

Најнови вести