Бекот на Вашингтон визардс, Расел Вестбрук, направи трипл-дабл (14 поени, 21 скок и 24 асистенции), кој ќе остане запаметен во историјата бидејќи е само трети во кој еден играч имал над 20 скока и асистенции на еден меч. Прво такво достигнување имаше Вилт Чемберлен во 1968 година, а другите два такви трипл-дабли се дело на Вестбрук, во 2019 година и сега.
И аналитичарите и тренерите во САД се чудат како Вестбрук го прави ова бидејќи речиси и да не се памети некој плејмејкер да има 20 или повеќе скокови на еден натпревар. Со ваква игра на Вестбрук, Визардс ја победи Индијана со 154-141. За популарниот Рас, овие 21 скок се личен рекорд, а 24-те асистенции му се изедначување на личниот рекорд. Вестбрук имаше 21 асистенциja по три четвртини и беше на пат да го нападне НБА-рекордот на Скот Скајлс од 30 асистенции, но не успеа.
Вестбрук има 32 трипл-дабли сезонава, 18 на последните 22 меча, 178 во кариерата и му фалат само три за да го стигне рекордерот Оскар Робертсон.
За одбележување е и податокот дека ветеранот Кармело Ентони стана десетти стрелец во историјата на НБА, потиснувајќи го Елвин Хејс на 11-тата позиција. Ентони има 91 поен помалку од Мозес Мелоун, кој е деветти, па може и него да го помине. За жал на Ентони, Портланд загуби од Атланта со 114-123.
Лос Анџелес лејкерс без Леброн Џејмс го победи Денвер со 93-89 во најнеефикасниот меч синоќа. Никола Јокиќ даде 32 поени, но потфрлија останатите негови соиграчи. Езерџиите одиграа многу добра одбрана, а и победата ја запечатија со добра одбрана и блокада на Ентони Дејвис. Погледнете го клучниот потег на средбата:
https://twitter.com/i/status/1389443119091965952