Овечкин е рускиот цар во НХЛ-лигата

Александр Овечкин е рускиот крал на стрелците и асистенциите во НХЛ-лигата, а ноќеска за еден поен го престигна на врвот легендарниот хокеар на Детриот редвингс, Сергеј Федоров.

Овечкин во третата минута му асистираше на Ти-Џеј Оши за првиот погодок на Вашингтон во победата од 3:2 против Ванкувер и со 1.180 поени стана најефикасниот руски хокеар на сите времиња.

Капитенот на Вашингтон моментно има постигнато 644 голови во НХЛ, комбинирани со 536 асистенции и го остави зад себе некогашниот соиграч од редовите на Кепиталс.

Федоров и Овечкин играа заедно во Вашингтон во 2008 и 2009 година, а Сергеј сега е втор со 1.179 поени. Овечкин има одиграно 193 натпревари помалку од Федоров и има шанса да си го подобри рекордот.

„Не ми се верува дека сум најефикасниот руски хокеар во Лигата. Кога пристигнав во НХЛ, сон ми беше да постигнам неколку голови. Сега сум прв на листата на која има многу легенди на хокејот. Се радувам што до мене е мојот голем пријател Федоров“, изјави Овечкин.

Ланската сезона тој го предводеше Вашингтон до титулата во НХЛ, прва за него во богатата кариера.

- Оглас -

Најнови вести