Алекс Овечкин не дозволи Вашингтон капиталс да бидат елиминирани со популарната метла од Њујорк ајландерс и со два гола успеа да му даде шанса и нов живот на прекланскиот НХЛ-шампион.
Ајландерс водеа со 3:0 во плејоф-серијата од првото коло во Источната конференција и имаа предност од 2:0 ноќеска во четвртиот меч, но воскресна Александар Велики, како што го нарекуваат Овечкин.
Најпрво Кузнецов намали на 1:2, а потоа најдобриот играч на Вашингтон блесна со два гола за комплетен пресврт и прва победа на шампионот од 2018 година со 3:2 во серијата со одличниот тим од Њујорк.
Мечот беше тензичен, а за малку ќе настрадаше голманот на победничкиот тим Брејден Холтби. Во налет при една акција на Ајландерс, напаѓачот Ентони Бувилие му го заби стапот во телото и го заглави во дресот на Холтби, но, за среќа, и не го погоди во телото или во главата.
https://twitter.com/NHL/status/1295819906219474945?s=20
Несекојдневен момент дури и за лига каква што е НХЛ и спорт што е многу динамичен и со безброј контакти. Холтби и буквално висеше како на закачалка, но, за среќа, мина без повреда.
Вашингтон мора да ги добие сите три следни дуели ако сака подвиг и пласман во втората рунда од плејофот, а таква шанса веќе нема Чикаго блекхокс.
Шесткратните прваци се елиминирани со резултат 4:1 по поразот од 4:3 ноќеска од Вегас голден најтс. Блиску до пласман во второто коло е Филаделфија флаерс, откако третпат го победи Монтреал и води со 3:1 во плејоф-серијата.
Далас старс славеше со 2:1 против Калгари флејмс и води со 3:2 во серијата до 4 победи.