Дома Blog Страница 102

Баерн Минхен остана без големиот талент Ленарт Карл за реваншот со Реал Мадрид

Младиот офанзивец на Баерн Минхен, Ленарт Карл, се соочи со неочекуван удар, повреда на мускулот што ќе го оддалечи од терените во наредниот период.

Веста ја потврди баварскиот гигант, но без конкретна прогноза за должината на паузата. Станува збор за повреда на бутниот мускул, што практично значи дека Ленарт сигурно ќе го пропушти реваншот против Реал Мадрид, а неговиот настап во евентуалното полуфинале во Лигата на шампионите останува неизвесен.

Сезоната за 18-годишниот талент беше вистинска приказна за пробив. По повредата на Џамал Мусијала, Ленарт Карл доби шанса која максимално ја искористи. На 36 настапи постигна девет погодоци и забележа седум асистенции, бројки што го вметнаа меѓу најпријатните изненадувања во составот на Баерн.

Со договор кој го врзува за клубот до 2029 година, јасно е дека во Минхен сериозно сметаат на неговиот развој. Но, на краток рок, стручниот штаб ќе мора да бара нови алтернативи.

За реваншот ротив Реал Мадрид, изборот најверојатно повторно ќе падне на Серж Гнабри, додека опција е и вклучувањето на Мусијала во стартниот состав.

Македонија со победа над Турција обезбеди пласман во следната фаза од мундијалските квалификации

По триумфот од 6:3 во дуелот против Турција, футсал репрезентацијата на Македонија обезеди место во главната рунда од квалификациите за учество на Светското првенство.

Македонските репрезентативци одлично го отворија натпреварот и на половина од првото полувреме имаа предност од 3:0.

Избраниците на селекторот Газменд Хисејини првиот гол го постигнаа по само 91 секунда од играта, а стрелец беше Таулант Исмаили.  Во деветтата минута Тони Киревски зголеми на 2:0, а во 12-тата, Бурак Угурлу ја погоди сопствената мрежа за водство на Македонија од 3:0.

Во 18. минута Умур Агир намали на 3:1, а само две минути подоцна Марио Благоевски се запиша меѓу стрелците за предност од 4:1.

По убедливото водство следуваше опуштање во нашите редови, а тоа го искористи противникот и за само дваесетина секунди преку Бурак Угурлу постигнаа два гола и намалија на 4:3.

Но, тоа беше сигнал македонските репрезентативци повторно да заиграат на највисоко ниво што резултираше со нови два погодоци за убедлива победа.

Во 33. минута, Јакуп Рамадан зголеми на 5:3, а на минута и пол пред крајот на мечот, нов погодок на Киревски за конечни 6:3 и сигурен пласман во вториот круг од квалификациите за Светскиот куп.

Во последното коло противник ни е домаќинот на турнирот Литванија и за освојување на првото место потребен ни е најмалку нерешен резултат.

Натпреварот се игра в недела со почеток во 16 часот.

Дидие Дешан е сериозен кандидат за нов тренер на Реал Мадрид

Селекторот на Франција, Дидие Дешан, сериозно се вклучува во трката за нов тренер на Реал Мадрид, открива „РМЦ Спорт“.

Според француските медиуми, интересот за Дешан не е изолиран случај, повеќе европски клубови го следат неговиот статус, но Kралскиот клуб веќе го позиционирал меѓу главните кандидати за клупата.

Во Реал Мадрид ситуацијата е далеку од идеална по заминувањето на Карло Анчелоти минатиот јуни. Тимот никако да пронајде континуитет, a Алваро Арбелоа, кој ја презеде функцијата во јануари, се соочува со ризик сезоната да ја заврши без значаен трофеј, додека пред него Чаби Алонсо кратко се задржа и беше разрешен по само седум месеци.

Во ваков амбиент, раководството активно бара стабилно и докажано решение, a Дешан се издвојува токму поради своето искуство, авторитет и победнички менталитет. Неговото педигре зборува само за себе, успеси со Монако, Јувентус и Марсеј, како и светска титула со Франција во 2018 и финале во 2022 година.

Дополнителен адут е неговата блиска релација со дел од француските ѕвезди во Мадрид, пред сè со Килијан Мбапе, кој има сè поголемо влијание во клубот. Токму неговото незадоволство во периодот со Чаби Алонсо се споменува како фактор во соблекувалната, додека со Дешан има докажано одлична соработка на репрезентативно ниво.

Разврската би можела да дојде побрзо од очекуваното и евентуална елиминација од Лигата на шампионите би го забрзала процесот на промени на „Сантијаго Бернабеу“.

Сепак, Дешан засега останува воздржан. Иако има важечки договор со Фудбалската федерација на Франција, конечната одлука за својата иднина планира да ја донесе по Светското првенство 2026. Во меѓувреме, интересот не доаѓа само од Европа, туку сериозна понуда има и од Саудиска Арабија.

Јасно е дека неговото заминување од клупата на Франција по Мундијалот ќе означи крај на една ера, а како најлогичен наследник веќе се наметнува Зинедин Зидан.

Јувентус го продолжи договорот со Спалети до 2028 година

Италијанскиот фудбалски гигант Јувентус испрати јасна порака за стабилност и амбиција, откако ја продолжи соработката со искусниот стратег Лучијано Спалети до 2028 година.

Старата дама реши да му ја довери иднината на човек кој веќе една деценија е синоним за тактичка зрелост и авторитет, а самиот Спалети не ја криеше емотивната врска што ја изградил со клубот за релативно кратко време.

„Кога дојдов пред седум месеци, ова изгледаше како едно внимателно ‘запознавање’, период во кој двете страни ќе се почувствуваат и ќе видат дали се создава вистинска хемија. Без двоумење прифатив, љубопитен да го запознаам Јувентус одвнатре. Големината на клубот секогаш била јасна, но она што навистина ме освои е духот на оваа екипа, сплотеноста, гладот за успех и желбата да растеме заедно. Јуве ми е во мислите секој ден, па одлуката да останам уште две години беше природен чекор“, истакна италијанскиот стратег.

Со овој потег, Јувентус не само што обезбедува континуитет на клупата, туку и испраќа силен сигнал дека гради долгорочен проект со јасна визија и стабилна рака на кормилото.

Манчестер сити ќе понуди 100 милиони евра за ѕвездата на Нотингем Форест

Англискиот премиерлигаш Манчестер сити ќе претрпи важни промени на лето. Капитенот Бернардо Силва ќе замине по истекот на договорот како слободен играч, а засега не е познато каде ќе ја продолжи кариерата. Исто така, неизвесно е дали Родри ќе потпише нов договор, што би можело да доведе и до негова продажба, а во редот чека Реал Мадрид.

Пеп Гвардиола не сака да чека разврска, па дал зелено светло клубот да тргне по Елиот Андерсон.

Играчот на Нотингем Форест е голема желба на Гвардиола и важи за еден од најдобро оценетите играчи од средниот ред во Премиер лигата. Се наведува дека неговата цена изнесува најмалку 100 милиони евра.

Според информациите, и сопственикот на Нотингем Форест, Евангелос Маринакис, лично му порачал на Андерсон дека ќе учествува во преговорите доколку стигне сериозна понуда од Манчестер.

Интересно е што тој е поврзуван и со Манчестер јунајтед, но наводно самиот играч повеќе би сакал трансфер во Сити.

Од „Етихад“ пристигнуваат информации дека Андерсон е планиран како долгорочно решение, независно од исходот на преговорите со Родри, поради заминувањето на Бернардо Силва и неизвесната состојба со повредата на Матео Ковачиќ.

Андерсон има 23 години, а во Нотингем Форест пристигна од Њукасл Јунајтед за 41 милион евра. Сега се проценува дека би можел да чини и повеќе од двојно.

Интер ќе стори сѐ да го задржи Чалханоглу и следната сезона

Италијанскиот калчолигаш Интер има намера да го задржи играчот од средниот ред Хакан Чалханоглу и подготвен е повторно да го одбие интересот од страна на Галатасарај во следниот трансфер период, исто како и минатото лето, пишува „Газета дело Спорт“.

32-годишниот Чалханоглу има нешто повеќе од една година од актуелниот договор со Интер, кој истекува во летото 2027 година. Турскиот репрезентативец помина девет сезони играјќи во Милано, од кои последните пет во дресот на Нераѕурите. Тој повеќепати беше поврзуван со трансфер во Галатасарај, но понудите на турскиот клуб беа одбиени во изминатите трансфер периоди.

Раководството на Интер смета дека Чалханоглу е лидер во средниот ред и дека може да помогне во одржување на високо ниво и континуитет, особено ако тимот доживее поголеми промени во летниот преоден рок. Засега не е јасно дали тој ќе потпише нов договор или ќе замине по истекот на сегашниот, но сигналите укажуваат дека Интер не сака да го загуби во претстојното лето.

Реал вечерва против Жирона без тројца дефанзивци што играа цел меч против Баерн

Реал Мадрид дури попладнево ја објави листата на фудбалери кои се во комбинација да настапат вечерва на лигашкиот натпревар против Жирона на „Бернабеу“.

После двата порази по ред, од Мајорка и Баерн, на Реал му треба победа за зголемување на самодовербата пред реваншот од ЛШ со Баварците в среда. Тренерот Алваро Арбелоа реши да им даде одмор на Александер-Арнолд, Ридигер и Карерас кои играа цел меч против Баерн, а повика шест играчи од младинскиот погон. Ќе го нема ни Мастантуоно кој е суспендиран, како и Куртоа и Родриго кои се повредени.

Се враќа Ферлан Менди на кого ова ќе му биде тест колку може да се смета на него за реваншот во Баерн каде ќе им треба за дуели со крилото Олисе, бидејќи е многу подобар и поцврст во одбрана од Карерас.

Трансферот на Јаго од Ѕвезда во Виртус Болоња најави интересен ден во Евролигата

Црвена ѕвезда се раздели со бразилскиот плејмејкер Јаго дос Сантос, а веднаш потоа официјално беше потврдено дека тој потпишал за еден друг евролигаш, италијанскиот првак Виртус Болоња.

Јаго беше во Ѕвезда од 2023 година и остави трага во клубот, но оваа сезона минутажата значително му е намалена, па така и придонесот му е скромен. Клубот му дозволи да си замине како слободен играч, иако имаше договор до 2027 година. Виртус нема шанси за плејоф во Евролигата, но Јаго ќе им треба во битка за титулата во Италија и за следната сезона во Евролигата.

Вечерва ќе се комплетира претпоследното коло во Евролигата. Монако и Барселона имаат по 20-16 и ќе пробаат да влезат во плејофот или барем во плејин разигрувањето, но поразениот ќе биде во опасност да остане надвор и од топ 10, особено ако Дубаи го совлада Анадолу Ефес.

Освен Дубаи, „сигурица“ треба да биде и победа на Црвена ѕвезда против Асвел во Лион. Победа му треба и на Жалгирис кој гостува кај Партизан, литванскиот тим сака да остане во топ 6 и да избегне плејин.

Италија има нов, привремен селектор

Фудбалската федерација на Италија (ФИГЦ) објави дека за привремен селектор е наименуван Силвио Балдини, досегашниот селектор на младата У-21 репрезентација.

Балдини ќе го води првиот тим на Аѕурите само на двете пријателски средби во јуни, на гости против Грција и Луксембург, и толку.

На 22-ри јуни треба да се избере нов претседател на ФИГЦ, и потоа новото раководство ќе треба да донесе нов селектор кој би го наследил Џенаро Гатузо кој си замина откако Италија не успеа да се пласира на Светско првенство. Наредниот официјален меч на Италија треба да биде кон крајот во септември во новата сезона од Лигата на нации, каде ривали на Италија се Франција, Белгија и Турција.

Левандовски сака нов предизвик, од Барса сели во Милан?

Роберт Левандовски кој е пред разделба со Барселона, нема ништо против кариерата да ја продолжи во Милан, објави „Газета дело спорт“.

Ова не е прв пат Полјакот да се поврзува со Милан, клуб кој сака нов напаѓач. Никлас Филкруг ќе се врати во Вест Хем на крајот од позајмицата, а тренерот Макс Алегри секако би бил среќен ако го добие Левандовски и тоа како слободен играч без клубот да плати отштета. По истото сценарио Росонерите го привлекоа и Лука Модриќ.

Ветераните од Хрватска и Полска беа ривали во шпанската лига, а сега би можеле да заиграат заедно како тандем.

Левандовски има договор до 30 јуни, има богати понуди од САД и Саудиска Арабија, но негов приоритет е да остане во Европа. Тој пристигна во Барселона во летото 2022 година од Баерн Минхен за 45 милиони евра, и ја оправда довербата, на 186 натпревари за Барса, постигна 118 гола и регистрираше 23 асистенции.

Платата му е висока, но Росонерите ќе ги направат своите пресметки дали ќе може да си го дозволат, и од тоа најмногу ќе зависи трансферот на Леви.

Левандовски сака да остане во Барселона, но веројатно ќе треба да си оди летово. Инаку 37-годишниот Полјак оваа сезона има постигнато повеќе голови од Леао и Пулишиќ кои се најдобрите стрелци на Милан.

Освен Милан, од Серија А тимовите и Јувентус е заинтересиран за голгетерот.