Дома Blog Страница 10584

Спалети има објаснување зошто Интер и Барса примија по 4 гола

Лучано Спалети вели дека Интер загубил од Аталанта, но викендов загубила и Барселона од Бетис, и тоа покажува дека овие два тима го платиле данокот на нивниот тежок меѓусебен меч во вторникот од Лигата на шампионите.

„Не успеавме да останеме сконцентрирани, а ја немаше и нашата креативност. Долго време ни требаше да влеземе во мечот. Се релаксираме со музика пред меч, но кога ќе стапнете на терен, мора фокусот да биде максимален. Против Аталанта, направив грешки, донесов погрешни одлуки, и вината е кај мене, не си ја завршив добро работата. Мислам дека бевме и физички и ментално исцрпени после дуелот со Барселона во вторникот. И Барса имаше лошо издание против Бетис“ – изјави Спалети чиј тим загуби од Аталанта со 1:4.

 

Зверев против Чилиќ покажа германски менталитет

Александар Зверев го совлада Марин Чилиќ со 7-6, 7-6 во првиот денешен меч на завршниот АТП Мастерс во Лондон, и дојде до 55-тата победа сезонава. Вечерва, во истата група „Гуга Кертен“, Новак Ѓоковиќ се среќава со Џон Изнер.

Германецот Зверев лошо го почна мечот, губеше со 0-3 во гејмови, спаси и гејм поен на противникот за 0-4, потоа беше во негатива од 3-5, но не се предавашае, беше упорен, и после брејкот за 4-5, се избори за тај-брејк кој го доби со 7-5.

Добивањето на првиот сет, на Зверев му ја зголеми самодовербата. Во вториот сет двајцата тенисери освоија по еден гејм на противнички сервис, па повторно мораше да се игра тај-брејк, во кој Германецот помалку грешеше, и го доби со убедливи 7-1.

Така, после 2 часа и 6 минути, петтиот го победи седмиот носител. Сега Зверев има 6-1 во дуелите со девет години повозрасниот Чилиќ. Хрватот сега има 1-9 на мечевите од завршните турнири.

Претепан судија во Ирска и тоа од победничкиот тим!

Фудбалскиот судија Даниел Свини кој вчера делеше правда на еден меч од аматерска лига во Република Ирска, по натпреварот бил жестоко претепан на паркингот кај стадионот, и се здобил со скршена вилица, на јаболчницата, и повреда на носот.

Полицијата објави дека нападот го извршиле тројца фудбалери на Мулингар таун, и еден навивач на тој тим. Играчите најверојатно ќе добијат доживотна забрана за играње фудбал. Најчудно е што тепачите се од екипа која победила на натпреварот со резултат 3:1.

Објавена е фотографија од болница, на која се гледа тежината на повредите. Засега никој не е уапсен, и не се знаат точните причини за ѕверскиот напад.

Меси: Во Шпанија секој може да победи секого

Лионел Меси ја прими наградата на весникот „Марка“ за најдобар стрелец во шпанското првенство за минатата сезона кога даде 34 гола, како и за најкорисен играч (МВП) и на церемонијата изјави дека се надева оти изедначеноста во лигата ќе потрае подолго време.

„Добро е што сезонава лигата е компетитивна и изедначена како никогаш досега. Нема лесни мечеви, секој може да победи секого, се надевам дека подолго време ќе остане така. Кој гол ми беше најубав? Повеќе ги сакам важните, отколку убавите голови“ – изјави ѕвездата на Барселона.

Завчера на Меси против Бетис му се случи еден малер, првпат во кариерата загуби меч со Барселона кога тој лично постигнал два гола.

Наградата за најдобар голман му припадна на Јан Облак од Атлетико Мадрид, кој прими најмалку голови (22 гола на 37 меча), Јаго Аспас од Селта е најдобар стрелец меѓу Шпанците, а за најдобар тренер е прогласен Марселино Гарсија од Валенсија. Се доделија и други признанија, како она за најдобар гол, кое му припадна на Чема од Леванте, постигнат на натпреварот со Реал Сосиедад.

 

Начо го пропушта Светското клупско, Каземиро неизвесен

Европскиот шампион Реал Мадрид нема да смета на Начо, а можеби ниту на Каземиро, на Светското клупско првенство кое од 12-ти до 22-ри декември се игра во Обединетите Арапски Емирати. Овие двајца фудбалери се повредија синоќа, на гостувањето кај Селта, а денешните прегледи покажаа дека имаат непријатни повреди.

Листата на повредени кај Реал е долга, особено во дефанзивниот ред, но олеснителна околност е што сега следува пауза за репрезентациите, па играчите кои веќе извесен период се во аут, ќе имаат време да закрепнат. Наредниот меч на Реал е на 24-ти ноември на гости кај Еибар, три дена подоцна гостува кај Рома, а на први декември игра дома со Валенсија.

Начо, кој може да игра на секое место во одбраната, го повреди коленото и нема да може да игра во наредните два месеца. Што се однесува до Бразилецот Каземиро, кој е стандарден стартер, доби силен удар во зглобот и паузата му е минимум три недели, па и тој нема да биде во комбинација до крајот на месецов, можеби и подолго.

Засега не е објавено каква е повредата на младиот Регилон, кој одлично го замени Марсело на левата бековска позиција и исто така се повреди против Селта.

Сепак, по паузата, до 24-ти ноември би требало да се вратат барем двајца од повредените (Марсело, Варан, Карвахал и Валјехо), па тренерот Солари ќе може некако да го скрпи одбранбениот ред.

Блокотехна стана осмиот член на БИБЛ

Раководството на Балканската лига официјално потврди дека Блокотехна се враќа во БИБЛ. Иако сезоната во оваа регионална лига веќе е почната, за гевгеличани нема да има проблем да се уфрлат во календарот, бидејќи има и други два клуба (косовска Приштина и Барси од Казахстан) кои уште не одиграле меч.

Блокотехна во минатата сезона како дебитант во БИБЛ стигна до фајнал форот како второпласирана во регуларната сезона, но на завршниот турнир во Самоков ги загуби двата меча.

Првиот натпревар за тимот на тренерот Марјан Илиевски ќе биде на четврти декември, на домашен терен против бугарски Академик Бултекс, а целосниот распоред ќе се објави за неколку дена. Ова значи дека наскоро ќе се знае и кога ќе бидат локалните дербија против Кожув, кој засега има 0-2, а третиот настап го има в среда против Башкими.

Од БИБЛ изразија задоволство што амбициозната Блокотехна се враќа во нивното друштво, па со осум учесници, секоја екипа ќе одигра барем по 14 меча во лигашкиот дел.

„Тики-така“ лекција: Сити имаше 44 додавања пред да го даде третиот гол во дербито (Видео)

Манчестер сити синоќа се радуваше во градското дерби против Јунајтед, но тоа што восхити во играта на „граѓаните“ беше покажувањето на „тики-така“ играта која ја воведе тренерот Пеп Гвардиола. Откако шпанскиот стратег е во Сити, тимот постојано е доминантен во поседот на топката.

Вистинска лекција за „тики-така“ беше акцијата по која домаќините го постигнаа третиот погодок. Играчите на Сити точно две минути ја држеа топката во свои нозе, имаа 44 точни додавања, а на крајот Гундоган го совлада Де Хеа.

https://twitter.com/citizawii/status/1061737028071636992

 

Њујорк, Њујорк ќе се пее во Палермо – Несторовски и Трајковски ќе имаат нови газди

Илија Несторовски и Александар Трајковски ќе имаат нови сопственици, а американска фирма од Њујорк ќе го купи Палермо.

И тоа комплетниот дел од акциите, со што ќе заврши ерата на владеење на контроверзниот Маурицио Цампарини.

Засега останува тајна името на компанијата од Њујорк, која е подолг период во преговори со раководството на Палермо, но италијанските медиуми објавија дека договорот е на прагот. И дека не 70 проценти од акциите, како што беше најавувано, туку Цампарини и останатите сопственици на акции ќе го продадат комплетниот пакет на новите газди.

Услов е новите сопственици да ги подмират долговите на Палермо од околу 23 милиони евра, а најавен е европски проект. Амбициите се клубот од Сицилија експресно да се врати во Серија А и веднаш да се атакува на места кои гарантираат настап во европските купови.

Моментно, Несторовски, Трајковски и соиграчите се лидери на табелата во Втората лига со 24 бода, два повеќе од Пескара, но и со меч помалку.

Двете првопласирани екипи ќе се преселат во Серија А, а уште една ќе има можност да им се приклучи преку натпреварите во баражот.

Завршни подготовки во Швајцарија за да го освоиме Лихтенштајн

Македонската фудбалска репрезентација денеска ќе ги почне завршните подготовки за дуелот со Лихтенштајн во Лигата на нациите, а базата ни е во Швајцарија.

Во малото место Фојсисберг со околу 5 илјади жители, нашите репрезентативци ќе имаат одлични услови за да ги финишираат подготовките за дуелот што следи на 16-ти ноември.

Играчите на Лихтенштајн веќе тренираат во Балзерс, а мечот ќе се игра во Вадуц, на „Реинпарк“, во петок од 20.45 часот. На Македонија ѝ одговара и реми во Вадуц, под услов да се победи Гибралтар на 19-ти ноември во Скопје, во последниот меч од нашата група.

Лихтенштајн ни е редовен муштерија и против нив имаме пет победи по ред, односно вкупно 7, само со едно реми во досегашните 8 меѓусебни пресметки.

Ние сме лидери и ни требаат четири бода на двата последни натпревари за да бидеме полуфиналисти во Сегментот Д.

Од оваа конкуренција шампионот, односно селекцијата што ќе биде најдобра во плејофот на четирите првопласирани репрезентации ќе патува на Европското првенство во 2020 година.

 

За 100 и 150 денари на прослава за првото место во Лига на нации

Македонската фудбалска репрезентација ја започнува последната мисија за освојување на првото место во групата од Лигата на нациите. Националниот тим денеска започнува со подготовки за гостувањето кај Лихтенштајн. Дуелот се игра в петок, а потоа следи и последниот дуел, и тоа против Гибралтар во Скопје на 19-ти овој месец.

Од денеска започна продажбата на билетите за дуелот на „Филип Втори“ против Гибралтар. Цената на билетите е по 100 и 150 денари. Македонија моментно е лидер со 9 бодови, пред Ерменија со 6, колку што има и Гибралтар. Лихтенштајн е без шанса само со три бода.