Начо го пропушта Светското клупско, Каземиро неизвесен

Европскиот шампион Реал Мадрид нема да смета на Начо, а можеби ниту на Каземиро, на Светското клупско првенство кое од 12-ти до 22-ри декември се игра во Обединетите Арапски Емирати. Овие двајца фудбалери се повредија синоќа, на гостувањето кај Селта, а денешните прегледи покажаа дека имаат непријатни повреди.

Листата на повредени кај Реал е долга, особено во дефанзивниот ред, но олеснителна околност е што сега следува пауза за репрезентациите, па играчите кои веќе извесен период се во аут, ќе имаат време да закрепнат. Наредниот меч на Реал е на 24-ти ноември на гости кај Еибар, три дена подоцна гостува кај Рома, а на први декември игра дома со Валенсија.

Начо, кој може да игра на секое место во одбраната, го повреди коленото и нема да може да игра во наредните два месеца. Што се однесува до Бразилецот Каземиро, кој е стандарден стартер, доби силен удар во зглобот и паузата му е минимум три недели, па и тој нема да биде во комбинација до крајот на месецов, можеби и подолго.

Засега не е објавено каква е повредата на младиот Регилон, кој одлично го замени Марсело на левата бековска позиција и исто така се повреди против Селта.

Сепак, по паузата, до 24-ти ноември би требало да се вратат барем двајца од повредените (Марсело, Варан, Карвахал и Валјехо), па тренерот Солари ќе може некако да го скрпи одбранбениот ред.

- Оглас -

Најнови вести