Дома Blog Страница 10583

Докузовски: Притисокот беше на страната на МЗТ, заслужено победивме

Тренерот на Работнички, Марин Докузовски, по дербито против МЗТ кое неговиот тим го доби со 90:88, истакна дека Работнички заслужено победи во „Јане Сандански“, и покрај кратката клупа која ја имаше на располагање вечерва.

„Сметам дека притисокот беше на страната на МЗТ, ние игравме порелаксирано. Ја сменивме тактиката во одбраната иако дадоа многу кошеви, но, мислам дека од психичка гледна точка не се снајдоа најдобро. Ние игравме одлично во нападот, иако имавме проблеми со ротацијата, претходниве денови недостасуваат доста играчи на тренинзите, па трениравме само со осум играчи. Сепак, ако се земе се во предвид, ние цело време водевме и сметам дека заслужено победивме. Јанески имаше 6/6 за три поени, но промашивме други отворени шутеви, сепак, не е лесно да се постигнат 90 поени против МЗТ“, истакна Докузовски.

Докузовски имаше и пофални зборови за фановите на двете екипи, кои целото дерби го проследија со коректно навивање, а вели дека само МЗТ и Работнички можат да приредат убава атмосфера.

„Победата значи бидејќи е дерби. Само МЗТ и Работнички можат да направат убава атмосфера. Каде и да се игра кошарка во Македонија, нема да биде вака како што беше. Мило ми е и што двете навивачки групи се однесуваа коректно и што помина без инциденти“, додаде предводникот на тимот од „Градски парк“.

Јанески и тројката на Мираковски го оставија Работнички непоразен

Првото кошаркарско градско дерби сезонава му припадна на Работнички, кој во „Јане Сандански“ славеше со 90:88. Актуелниот првак остана лидер на табелата како единствен непоразен тим сезонава.

Притисокот што го прави ова дерби, донесе неизвесна кошарка, никој не можеше да се одлепи, и јасно беше дека финишот ќе го одлучи победникот.

Марјан Јанески беше супер расположен, даде шест тројки од шест обиди, a и од рекетот беше опасен и тој беше човекот на мечот во првите 35 минути. Клучните поени беа дело на Мираковски кој погоди тројка за плус три која му донесе психолошка предност на гостинскиот тим.

Кулминацијата на драмата беа последните две минути во кои се влезе во 86-86. Мираковски погоди тројка за 89-86 на 58 секунди до крај, Магдевски не одговори на ист начин, а потоа Работнички потроши 24 секунди без да шутне, па на 15 секунди до крај, домашните имаа напад. Симоновски не погоди тројка, но Стојановски ја фати топката и беше фаулиран. Тој ги погоди пеналите, додуша второто несакајќи, за 88-89.

Ветеранот Мираковски од пенал линијата стави точка на 1,8 секунди до крајот, иако можеше да се случи и чудо ако со звукот на сирената Бојиќ дадеше тројка преку целиот терен, а беше блиску до тоа. МЗТ имаше уште еден обид преку Симоновски, но и тој не успеа од својата половина.

Дракслер надвор од составот на Германија

Жулијан Дракслер нема да биде дел од селекцијата на Германија за пријателскиот меч против Русија, закажан на 15-ти ноември. Германецот побарал да биде ослободен од обврските за да помине малку време со своето семејство, па Јоаким Лев му ја исполнил желбата.

Сепак, фудбалерот на ПСЖ би можел да се приклучи на репрезентацијата за натпреварот од Лигата на Нации против Холандија, меч кој „панцерите“ ќе го играат на 19-ти ноември, во родното место на Дракслер, во Гелзенкирхен. Лев не посегна по алтернативна замена за Германецот.

За ноемврискиот репрезентативен циклус, Германија ќе биде без голманот Марк Андре Тер Штеген, дефанзивците Жером Боатенг и Шкодран Мустафи, како и Емре Џан.

 

Конте за враќање во Серија А: Никогаш не вели никогаш

Ексменаџерот на Челзи и Јувентус, Антонио Конте, посочи дека има желба повторно да работи во Серија А. Италијанскиот стратег моментално е без ангажман по отказот од клубот од Лондон кој го доби изминатово лето.

„Да работам повторно во Серија А? Никогаш не вели никогаш. Јас сум Италијанец, секако дека би сакал еден ден да се вратам во мојата родна земја, но, секако оставам простор и би ги разгледал сите опции во други лиги. Моментално одморам од фудбалски обврски, гледам натпревари колку што можам, а и ја следам работата на неколку мои колеги“, истакна Конте.

Во изминатиов период се зборуваше дека Конте ќе го наследи Хулен Лопетеги на клупата на Реал Мадрид, но откако двете страни не најдоа заеднички јазик, „кралевите“ посегнаа по Сантијаго Солари, кој ја оправда довербата и ќе биде предводник на актуелниот европски првак најмалку до крајот на оваа сезона.

Работнички со тројки прави предност, има плус четири на полувреме

Убава атмосфера, околу 2.500 гледачи и ефикасна кошарка на дербито МЗТ Скопје Аеродром – Работнички. Интересно е и на теренот и на трибините.

Гостите водат со 48-44 на полувреме, најмногу благодарение на подобрата реализација на тројките (7/16), а има и тројца расположени играчи со двоцифрен број на поени.

Работнички нема пораз, и сака да остане единствен тим кој не знае за пораз во првата лига, а МЗТ нема пораз пред своја публика и ова е сериозна закана за неговата серија.

Дербито почна доста неефикасно, а потоа со серија тројки Работнички се одлепи и на плус десет, но МЗТ ја намали негативата, иако во првиот квартал имаше проблем со реализацијата на слободните фрлања. Во втората четвртина постојано водеа „црвено-белите“, но се чини дека до самиот крај на средбата.

Самир Насри на прегледи во Вест хем

Ексфудбалерот на Арсенал и Манчестер сити, Самир Насри, по пауза од 18 месеци ќе се врати на фудбалските терени, и повторно ќе заигра во една од најсилните лиги во Европа. Британските медиуми најавија дека Французинот е веќе на медицински прегледи во Лондон, а следниот месец треба да потпише договор со Вест хем кој ќе важи до крајот на оваа сезона.

Според договорот, Насри ќе заработува 80,000 фунти неделно, а ќе има можност да му биде продолжен договорот на уште една сезона, доколку двете страни се согласат.

Триесет и едногодишниот фудбалер во февруари 2017 година доби суспензија од 18 месеци поради користење на недозволиви супстанци како член Севилја, а право на настап ќе има од јануари 2019 година.

Стариџ под истрага за обложување и откривање информации во врска со фудбалски натпревар

Даниел Стариџ, фудбалерот на Ливерпул, е под истрага од фудбалската асоцијација на Англија поради прекршување на правилата за обложување и откривање информации во врска со фудбалски меч. Како што пренесуваат медиумите од Островот, Стариџ ги прекршил правилата во јануари оваа година, па сега има рок до 20-ти ноември да се изјасни за овие оптужби.

ФА соопшти дека Англичанецот прекршил две правила – Првото се однесува за забрана на обложување за учесник на еден меч, директно или индиректно, додека второто правило кое го прекршил е што на неколку лица открил информации непознати за јавноста, во врска со натпревар во кој учествувал.

Ливерпул по овој повод истакна соопштение во кое тврди дека нивниот фудбалер никогаш не учестувал, ниту се обидел да се обложува на фудбалски натпревар, и целосно стојат зад Стариџ и го поддржуваат во овој случај.

Марсијал и Погба му откажаа на селекторот Дешамп

Пол Погба и Ентони Марсијал нема да играат за француската репрезентација на претстојните два меча, и тоа е малер за селекторот Дидие Дешамп, бидејќи играчите на Манчестер јунајтед беа во добра форма, особено Марсијал кој на пет меча по ред во Премиерлигата дава голови.

Тие двајца се појавија на тренинг кампот во Клерфонтен, но лекарот на репрезентацијата, Франк Ле Гал, ги прегледа и ги ослободи од обврските.

Погба од гостувањето кај Јувентус има повреда на бутот на левата нога, и не настапи ниту на градското дерби против Манчестер сити. Марсијал играше со Сити, даде и гол од пенал, но ги повреди препоните, и нема да игра за „триколорите“ на дуелите со Холандија и Уругвај. Мечот со „лалињата“ на 16 ноември е од Лигата на нации, а четири дена подоцна следува пријателски меч со Уругвај.

По откажувањето на ѕвездите на Јунајтед, Дешамп ги повика Муса Сисоко од Тотенхем и Александре Лаказет од Арсенал. Сепак, Лаказет и покрај повикот ќе мора да ги пропушти репрезентативните обврски, бидејќи и тој се справува со повреда, додека „триколорите“ останаа и без Бенџамин Менди, бекот на Сити, од истата причина.

Ја доби довербата: Солари ќе потпише договор до 2020 година

Сантијаго Солари нема уште долго да биде привремен тренер на Реал Мадрид. Аргентинецот деновиве ќе потпише повеќе годишен договор со „кралевите“, според кој ќе се задржи на клупата до 2020 година. Според законите на фудбалската федерација на Шпанија, Реал мораше до денес да одлучи дали ќе ангажира нов тренер, или пак Солари ќе остане да го води тимот до крајот на сезоната.

Не само што ја оправда довербата да биде предводник на Реал до крајот на оваа сезона, Солари со сигурност ќе остане на чело на стручниот штаб и во сезоната 2019/20, доколку продолжи со добрите резултати. Под негово водство, Реал победи на четири средби во сите натпреварувања, постигнувајќи 15 погодоци, додека дозволија само два гола во нивната мрежа.

 

Женската репрезентација без бело знаме против фаворитите

Женската кошаркарска репрезентацијата го одржа првиот собир во пресрет на двата последни натпревари во рамки на квалификациите за Европското првенство 2019.

На собирот се појавија 12 кошаркарки, од кои девет го одработија првиот тренинг. Нена Трајчевска, Кристина Јаневска и Јелена Антиќ пријавија повреди, а во текот на оваа седмица на тренинзите ќе се приклучат и Матеа Николиќ, Софија Лазареска и Ивона Кожобашиовска. Ана Тантуровска ќе го пропушти овој циклус поради повреда.

Целта на овие два натпревари е достоинствено да се завршат квалификациите.

„Навистина ми е жал што во овој квалификациски циклус не успеавме да ја насликаме реалната слика на репрезентацијата и да ги демонстрираме нејзините можности. Сметам дека најкомплетни бевме минатата година во јуни кога одигравме три натпревари овде во Скопје на турнир и оттогаш не можевме да се комплетираме. Нема да се предаваме пред да започне натпреварот. Имаме неколку дена за темпирање на формата и ќе се обидеме што подобро да ја претставиме репрезентацијата“ – изјави селекторот Марјан Лазовски.

Македонките на 17 ноември играат дома против Шведска, а на 21. ноември во Забок, гостуваат против Хрватска.