Дома Blog Страница 10640

УЕФА барала од Николов да молчи на „Македонија е Грчка“, одговорот е: Реагирајте вие

Бобан Николов не смее вечерва да реагира на евентуална политичка провокација на навивачите на ПАОК, барем такви се инструкциите од делегатот на дуелот меѓу грчкиот вицешампион и МОЛ Види.

Како што ексклузивно дознаваме, нашиот репрезентативец добил „добронамерен“ совет од претставникот на УЕФА да не реагира ако навивачите на ПАОК повторно го истакнат транспарентот „Македонија е Грчка“.

Тоа е вообичаен декор на трибините на „Тумба“ во Солун, а УЕФА реагира млако на сите политички провокации и транспаренти на грчките навивачи.

Одговорот на Николов бил ако веќе тој не смее да протестира, да реагираат барем претставниците на УЕФА. Казните на чуден начин ги заобиколуваат Грците, иако УЕФА строго забранува транспаренти со политички содржини. И покрај тие забрани на стадионот на ПАОК, за време на дуелите од европските купови постојано стои транспарент на кој пишува „Македонија е една и единствена и е тука“.

Можно е дури и вечерва Николов да биде резерва кај гостите на мечот во Солун за да се избегне евентуално вжештување на ситуацијата на теренот.

 

Дурант бара замена: Вади ме од игра, овие се многу слаби (Видео)

Кевин Дурант одигра извонреден меч против Вашингтон визардс, но со непристоен гест малку ја подрасипа претставата. Постигна 30 поени, комбинирани со 8 скока и 7 асистенции, но камерата го фати како му сугерира на Стив Кер да го извади од игра.

„Вади ме, не ми се игра против овие, многу се слаби“, е коментарот на популарниот Кеј Ди кон клупата на Голден стејт вориорс. Шампионот го декласираше Вашингтон со 144:122, а блескаше и Стефан Кари со 51 поен.

Погледнете го гестот на Дурант.

По 15 години, вечерва во Битола ќе ечи за ракометна Македонија

Македонската ракометна репрезентација вечерва ќе започне уште еден квалификациски циклус за пласман на големо натпреварување. Предводени од капитенот Кирил Лазаров, најдобрите наши ракометари ќе играат против Турција, во првото коло за пласман на Европското првенство во 2020 година.

Салата „Боро Чурлевски“ во Битола ќе биде претесна да ги прими сите оние кои сакаат во живо да го бодрат националниот состав. Билетите се распродадени уште пред неколку дена, а битолската публика одбројува до стартот. Задоволството е уште поголемо бидејќи ракометната селекција за прв пат по 15 години се враќа да одигра меч во Битола, можеби најракометниот град во земјава.

Македонија е голем фаворит против Турција, но тоа треба да се докаже и на теренот. Селекторот Раул Гонзалес не направи измени во составот, па со проверени сили ќе атакуваме на првите два бода.

По дуелот во Битола, Македонија ќе игра против Грција на гости. Во нашата група од квалификациите е и селекцијата на Исланд. Првопласираните две во групата сигурно обезбедуваат место на континенталната завршница.

 

Нова победа фина за Лина во Истанбул

Најдобрата македнска тенисерка Лина Ѓорческа ќе игра во полуфиналето на ИТФ фјучрс турнирот во Истанбул по победата во два сета против Дарија Кружкова.

Руската тенисерка имаше сили само за предност од 2:0 на стартот од мечот, а потоа сè беше во знакот на Ѓорческа. Со серија од 6 добиени гемови и само еден загубен, Македонката го доби првиот сет со 6:3. Потоа веднаш поведе со 2:0 и со нова серија го заврши мечот со убедлива победа од 6:3, 6:2.

Противничка за финале ќе ѝ биде Романката Ралука Шербан, која беше поуспешна од Ана Врљиќ и славеше со идентичен резултат како и Ѓорческа против Кружкова.

Бонучи и Кјелини добија покана од „Харвард“

Манчестер јунајтед не успеа да го пробие одбранбениот бедем на Јувентус во дуелот од Лигата на шампиони, па „црвените ѓаволи“ мораа да се помират со поразот од 0-1 на „Олд Трафорд“. За тоа каква била одбраната на Јувентус на тој меч, најдобро кажа тренерот на Манчестер, Жозе Мурињо. Португалскиот стратег објасни дека дефанзивниот ред на Јувентус е перфектен благодарение на дуото Леонардо Бонучи и Џорџо Кјелини.

Мурињо изјави дека Бонучи и Кјелини се толку добри во одработување на работите како централни дефанзивци, што слободно може да заминат и да предаваат на еден од најпрестижните универзитети во светот, „Харвард“. Оваа идеја на Мурињо стигна и до одговорните на Универзитетот.

„Размислуваме за тоа. Кјелини би можело да се занимава со делот на медицината во фудбалот. Неговиот нос, кој е скршен 100 пати, сигурно би можел да биде дониран во име на образованието. Бонучи може да предава за психолошкиот дел на тренингот. Тој замина во Милан, а потоа повторно се врати во Јувентус, што би било како еден феномен на поделена личност“, изјави на шега Франциско Д’Агустино, кој е помошник фудбалски тренер на „Харвард“.

Италијанскиот стратег од „Харвард“ подоцна реши да биде посериозен и ги пофали двајцата легендарни дефанзивци.

„Шегата на страна, во целост се согласувам со Мурињо. Тие двајца се вистински академици во фудбалот. Кога мојот тим би можел да ги следи нивните настапи во живо, сигурно ќе научиме да примаме помалку голови“, додаде Д’Агустино.

 

20 милиони причини сè уште го чуваат Лопетеги од отказ

Првиот човек на Реал Мадрид по вторпат сакал да му врачи отказ на Хулен Лопетеги, и тоа по победа на Кралскиот клуб, но има многу причини да не брза.

Реал Мадрид го победи П’лзењ со 2-1 во меч од Лигата на шампионите, а шпанските медиуми објавија дека Перес бил толку бесен, што веднаш сакал да го „избрка“ тренерот.

Сепак, добил совет од директорот на клубот Анхел Санчес да не брза и да го почека Ел Класико. Мечот со Барселона на „Камп ноу“ ќе се игра в недела, а Перес е убеден дека со Лопетеги на клупата, Реал секако ќе загуби, иако Барса ќе игра без Меси.

Уште поголема причина за трпение кај претседателот на актуелниот европски првак е што треба да му плати 20 милиони евра отштета на Лопетеги ако му врачи отказ.

„Лопетеги е веќе сменет, и го знае тоа. Сега ја има улогата на чувар на позицијата тренер за неговиот наследник“, пишуваат шпанските медиуми.

Ако дојде до смена, привремено решение би бил Сколари, додека не се добие јасна слика дали Конте или можеби и Мурињо би биле новото решение за клупата на Реал Мадрид.

Фаворитите нудат лесна добивка во Лигата на Европа

По два дена возбудувања во Лигата на шампиони, вечерва на програмата се 24 дуели во Лигата на Европа. И второто по ранг натпреварување на УЕФА нуди возбудливи мечеви, а има екипи кои треба да се апсолутни фаворити, посебно кога играат на свој терен. Затоа ви нудиме пет меча кои ако се спојат во еден тикет, има голема шанса за добивка. Се работи за пет „КЕЦА“.

Некогашниот европски првак Милан на свој терен игра против Бетис. Иако противникот е од шпанската Примера, сепак, кога „росонерите“ играат на свој терен, тие се фаворити. Бетис нареди два порази во низа во првенството, но во Лигата на  Европа уште нема примено погодок. Победа на Милан е со коефициент 1.90.

Од „Стемфорд бриџ“ поразени си заминувале многу големи европски клубови, па гостувањето на БАТЕ Борисов не треба да биде проблем за лондонскиот тим да освои нови три бода.Очигледно е дека Челзи се штеди во ЛЕ, бидејќи на двата меча победи минимално само по 1-0, но и тоа е доволно за максимални шест бода. Со нова победа, тимот ќе биде речиси сигурен за нокаут-фазата, па сигурно ќе сакаат да си ја завршат домашната задача. Триумф на Челзи е со коефициент 1.16

Ајнтрахт е во страшна голгетерска форма, па Аполон нема што да бара на гостувањето во Франкфурт. Германскиот тим даде дури 20 гола во последните два меча. Во Бундеслигата со 7-1 ја победи Фортуна Диселдорф, а претходно на пријателски меч против нисколигашот Ханау даде 13 погодоци. И ако се види табелата во ЛЕ, кипарскиот гостин нема што да бара во Германија освен да се врати со пораз.  За три бода на Ајнтрахт се дава коефициент 1.46

Кога Севилја и Вилјареал играат пред својата публика, тогаш може да бидат победени и екипи какви што се Барселона и Реал Мадрид. Затоа нема дилеми дека вечерва овие два шпански претставници во Лигата на Европа ќе се радуваат на триумфи против Акхисар, односно Рапид Виена. Коефициентот на Севилја е 1.12, додека за победа на Вилјареал има коефициент 1.37

 

Хероина на денот: Со скршена нога лазеше за да стигне до целта (Видео)

Неверојатна спортска драма се случи во Јапонија. За време на една штафетна трка во Фукуока, една од учесничките заработи скршеница на ногата, но не се откажа.

Младата 19-годишна студентка не можеше да продолжи да трча, но затоа продолжи да лази. Ваквиот нејзин потег наиде на чудење кај многумина кои беа покрај патеката да ги бодрат учесниците, но атлетичарката не се предаде и ја заврши трката.

Тоа е вистински спортски дух.

Дојде ред и Бејл „да оди во затвор“

Шпанските даночни власти не застануваат во истрагата да ги откријат сите фудбалери кои имаат затаено данок. Откако во изминативе неколку години се дозна дека данок затајувале Лионел Меси, Кристијано Роналдо, Дани Алвес, Хавиер Маскерано и уште голем број ѕвезди… сега дојде редот и на Герет Бејл.

Капитенот на велшката репрезентација и еден од најдобрите играчи на Реал Мадрид ги прикрил приходите заработени од маркетинг во 2013 година. Според направените пресметки, Бејл ќе треба да плати 337.000 евра, што сигурно не е голем проблем за ѕвездата на Реал Мадрид.

Во Шпанија затајувањето на данок се казнува со затвор, но доколку се работи за прв таков престап, затворската казна може да стане условна, а да биде платена висока парична сума. На тој начин затвор избегнаа и Меси и Роналдо.

Николов бара рецепт како да ја прескокне „Тумба“

Бобан Николов и неговите соиграчи од МОЛ Види вечер од 21 часот ќе бијат битка за првите бодови во групата Л во Лигата на Европа, а гости му се на грчкиот вицешампион ПАОК.

Унгарците и во август беа гости во Грција, и тогаш немаа ниту грам среќа против АЕК во дуелите од баражот за пласман во Лигата на шампионите. АЕК се извлече и со вкупен резултат од 3-2 се пласира во луксузното натпреварување.

„Немавме среќа против АЕК, па се надевам дека вечерва ќе ни се насмевне против ПАОК. Играме добро, но тоа не е доволно, ни требаат голови и бодови. Имаме квалитет рамноправно да се носиме со грчкиот состав, а дополнителен мотив ни е добрата игра во Лондон против Челзи“, вели Николов за Спорт Манија.

МОЛ Види сè уште го чека првиот гол и бод(ови) во групата. На стартот беа поразени од БАТЕ Борисов со 0-2 на домашен терен и потоа одиграа одличен меч против првиот фаворит Челзи, но повторно загубија со голот на Алваро Мората во второто полувреме.

Пред Николов, од нашите фудбалери вечерва на терен ќе истрчаат Стефан Ристовски за Спортинг во големото дерби со Арсенал во Лисабон, потоа и Иван Тричковски за АЕК Ларнака против Лудогорец, Елиф Елмас за Фенербахче во Брисел против Андерлехт и Аријан Адеми во Трнава против Спартак. Сите овие дуели се закажани за 18.55.

Неизвесно е дали за АЕК Ларнака вечерва ќе настапи Даниел Мојсов, кој е повреден.