Бонучи и Кјелини добија покана од „Харвард“

Манчестер јунајтед не успеа да го пробие одбранбениот бедем на Јувентус во дуелот од Лигата на шампиони, па „црвените ѓаволи“ мораа да се помират со поразот од 0-1 на „Олд Трафорд“. За тоа каква била одбраната на Јувентус на тој меч, најдобро кажа тренерот на Манчестер, Жозе Мурињо. Португалскиот стратег објасни дека дефанзивниот ред на Јувентус е перфектен благодарение на дуото Леонардо Бонучи и Џорџо Кјелини.

Мурињо изјави дека Бонучи и Кјелини се толку добри во одработување на работите како централни дефанзивци, што слободно може да заминат и да предаваат на еден од најпрестижните универзитети во светот, „Харвард“. Оваа идеја на Мурињо стигна и до одговорните на Универзитетот.

„Размислуваме за тоа. Кјелини би можело да се занимава со делот на медицината во фудбалот. Неговиот нос, кој е скршен 100 пати, сигурно би можел да биде дониран во име на образованието. Бонучи може да предава за психолошкиот дел на тренингот. Тој замина во Милан, а потоа повторно се врати во Јувентус, што би било како еден феномен на поделена личност“, изјави на шега Франциско Д’Агустино, кој е помошник фудбалски тренер на „Харвард“.

Италијанскиот стратег од „Харвард“ подоцна реши да биде посериозен и ги пофали двајцата легендарни дефанзивци.

„Шегата на страна, во целост се согласувам со Мурињо. Тие двајца се вистински академици во фудбалот. Кога мојот тим би можел да ги следи нивните настапи во живо, сигурно ќе научиме да примаме помалку голови“, додаде Д’Агустино.

 

- Оглас -

Најнови вести