Дома Blog Страница 10650

Интер верува до крај

Навивачите на Интер ја слават големата победа над градскиот ривал Милан. Триумфот е уште посладок ако се знае дека беше извојуван со гол во 92 минута, кога „росонерите“ помислија дека ќе извлечат реми. Но, капитенот Мауро Икарди даде гол за победа, и потврди дека Интер е многу опасен во финишите.

Оваа сезона, тимот на тренерот Лучано Спалети има постигнато 7 гола во последните 15 минути од натпреварите, и со тоа Интер е најдобар во Серија А. Ова покажува дека имаат цврст карактер, и веруваат до крај дека може да извлечат позитивен резултат.

Негативност за Интер од синоќешното дерби е повредата на Раџа Наинголан, кој веројатно нема да може да помогне в среда против Барселона во Лигата на шампионите.

Гостинска доминација во НХЛ

Тампа беј лајтнинг славеше на гостувањето кај „црните соколи“ од Чикаго со убедливи 6-3. По неизвесноста во првиот период, гостите ја презедоа контролата во втората третина, па постигнаа три гола за десетина минути и веќе создадоа сигурна предност. Чикаго се обиде да се врати во игра, меѓутоа, на нивните два гола во решавачкиот период Тампа беј возврати со иста мера и ги освои бодовите.

Продолжува лошиот почеток на сезоната за Њујорк. Само со две победи на продолжение, Њујорк ноќеска повторно претрпе пораз, веќе шести, а „скалпот“ им го зеде и Калгари флејмс со 4-1. Гостите влегоа во последните 20 минути со предност од 3-0, а Зибанејад постигна почесен погодок искористувајќи го играчот повеќе на мразот.

Бафало сејберс преку пресврт им го нанесе третиот пораз на Анахејм при конечни 4-2. Домаќините до 13-тата минута во вториот перод имаа предност од два гола, а Бафало со двата гола постигнати за една и пол минута се врати во игра. До комплетен пресврт Бафало стигна во решавачката третина, откако прво реализираа гол со играч повеќе, а потоа го искористија и празниот гол за да ја потврдат победата на помалку од дваесетина секунди до крајот.

Битолчани уште утрово ќе навалат по билети за Македонија – Турција

Утрово во 9 часот почнува продажбата на билети за дуелот помеѓу машките сениорски репрезентации на Македонија и Турција. Овој меч од квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2020 се игра во четврток (25 октомври), со почеток во 20.15 часот, во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.

Љубителите на ракометот, кои ги има во голем број во „градот на конзулите“, ќе имаат можност да купат влезници на популарниот Широк Сокак во Битола (непосредно пред кафе барот „Портал“) почнувајќи од денеска, од 9 часот.

Количината која ќе биде пуштена во продажба ќе биде ограничена. Останатите влезници ќе може да се набават на билетарницата на салата во Битола пред почетокот на натпреварот. Цената на билетот изнесува 150 денари.

Првиот собир на нашите најдобри ракометари е попладнево во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, а тимот во среда заминува за Битола.

Противници на Македонија во овие квалификации се Турција, Грција и Исланд. Селекторот Раул Гонзалез на првата прозивка нема да смета само на Филип Талески, кој синоќа имаше меч од Бундеслигата и ќе задоцни малку.

Гатузо си призна: Интер беше подобар

Интер се радуваше на 222-рото градско дерби во Милано, откако Мауро Икарди со погодок во 92-рата минута им донесе радост на навивачите на „нераѕурите“. Милан успеваше да се одбрани сè до почетокот на судиското надополнување, но потоа се случи лоша проценка на голманот Донарума, која Икарди не пропушти лесно да ја казни.

Тренерот на Милан, Џенаро Гатузо, кој како играч беше познат како голем фајтер до самиот крај, овојпат мораше да признае дека подобриот тим победил.

„Интер беше подобар на теренот и секако дека заслужи повеќе од нас. Сепак, останува да ни биде жал бидејќи загубивме на овој начин. Во последните 15 минути можевме многу подобро да ги изиграме контранападите кои ги имавме. Сепак, задоволен сум од начинот на кој мојата екипа одигра во овие 90 минути“, рече Гатузо, кој одби вината за поразот да ја префрли на голманот Донарума.

Сосема поинаква беше атмосферата во таборот на Интер. Стрелецот на голот, Икарди, вели дека е уште посреќен што токму во 92-рата минута стигнале до победата.

„Изминатата недела размислувавме само за дербито и рековме дека мора да победиме. Едноставно, тоа беше нашата цел која ја зацртавме. Можевме и порано да го решиме дуелот, но вака ми е уште помило што победивме со гол во 92-рата минута“, рече Икарди, кој додаде дека Интер мора да продолжи да игра во овој ритам.

 

 

Потег на утрото: Блокада за победа над шампионот на НБА (Видео)

Шампионот на НБА, Голден стејт, го претрпе првиот пораз сезонава, и тоа на гостувањето кај Денвер. Втор меч по ред „воините“ одиграа драматичен дуел, но овојпат среќата не беше на нивна страна и загубија со 100:98. Голден стејт започна одлично и поведе со 25:17, но Денвер до полувремето успеа да намали само на два (49:47), навестувајќи неизвесен меч до самиот крај.

По одличната трета четвртина, Денвер во последните 12 минути влезе со предност од 80:70, но тука уште ништо не беше готово. Голден стејт се врати во игра и на крајот имаше напад за израмнување. Џонс се најде во ситуација да погоди од под кошот, но кога се мислеше дека ќе има сигурна реализација и дека натпреварот ќе оди во продолжение, Хернангомез успеа да го блокира и да му донесе победа на Денвер.

https://twitter.com/BleacherReport/status/1054200593873620992

Харис со 28 поени и Јокиќ со 23 поени, 11 скока и 6 асистенции беа најдобри кај Денвер, додека кај Голден стејт прв стрелец беше Стеф Кари со 30 поени, а Дурант додаде 20 поени.

Во останатите мечеви кои утрово се играа во НБА-лигата: Кливленд – Атланта 111:133, Оклахома – Сакраменто 120:131, ЛА клиперс – Хјустон 115:112.

Од дербито ќе се памтат и кореографиите (Фото)

Големото дерби на Милано беше решено со гол во судиското надополнување. Мауро Икарди е херојот на Интер, кој се радува на трите бода против Милан. Според прикажаното на теренот, Интер имаше теренска иницијатива, упати повеќе удари, имаше повеќе шанси и на крајот даде гол.

Освен погодокот во 92 минута, ова дерби ќе се памти и по кореографиите кои ги направија навивачите на двата тима. Според тоа што беше покажано на трибините, се покажа дека дербито многу повеќе го оправда овој епитет кај навивачите, отколку кај играчите на теренот.

 

Икарди во 92 минута покажа дека Интер е газда во Милано (Видео)

Мауро Икарди е херојот на Интер во градското дерби против Милан. Капитенот на „нераѕурите“ го даде единствениот гол за радост на поголем дел од навивачите на „Џузепе Меаца“. Интер имаше иницијатива во поголемиот дел од средбата, но сето тоа делуваше јалово.

Милан добро се бранеше, но тоа беше така се до 92 минута. Кога се мислеше дека нема да има погодоци, еден прецизен центаршут во шеснаесетникот на Милан, а Икарди со глава го матираше Донарума.

Интересно е тоа што и двата тима во првото полувреме по еднаш ги тресеа мрежите. Најпрво Интер даде гол од офсајд, а потоа кратко траеше радоста и на Милан, бидејќи и погодокот на „росонерите“ беше од недозволена позиција.

Интер победи и сега е на третото место на табелата со 19 бодови, додека Милан е на 12 позиција со само 12 бодови.

https://dai.ly/x6vvqn9

Несторовски ја затресе и мрежата на Лече

Илија Несторовски влезе во голгетерски ритам. Македонскиот репрезентативец даде гол на гостувањето кај Лече за водство на Палермо од 1:0 во 29 минута. Сепак, гостите не успеаа да го задржат водството до полувреме. Лече израмни, па по првите 45 минути резултатот е 1:1.

За Несторовски ова е четврти погодок во Серија Б сезонава.

 

Раиконен го освои Остин, Хамилтон ќе почека за светска титула

Возачот на Ферари, Кими Раиконен, ја забележа првата победа во оваа сезона, освојувајќи ја Големата награда на САД, по вечерашната трка на патеката „Остин“. Финецот ја искористи погрешната стратегија на Хамилтон, кој калкулираше како ќе ја заврши трката во однос на Фетел, за да ја одбрани светската титула.

На Хамилтон му беа потребни осум бодови повеќе од Фетел за официјално да биде прогласен за старо-нов шампион, но Британецот на крај не успеа да го престигне Верстапен за втората позиција, заврши како трето пласиран, додека Фетел на два круга пред крајот го престигна Ботас и заврши како четврти. Верстапен беше човекот кој извозе најдобро гледајќи ја целокупната трка, откако стартуваше од 18-тата позиција, а на крајот заврши на подиумот како втор.

На Раиконен ќе му биде од големо значење оваа победа, откако последен пат се радуваше во 2013 година на трката за Големата награда на Австралија, поточно после 113 трки.

Хамилтон ќе мора да почека до следниот викенд, кога Формула 1 шампионатот се сели во Мексико.

 

„Луди“ Англичани: Навивачи на Милвол и Вест хем се тепаа на бокс меч (Видео)

Кога ќе заминете на бокс меч планирате да гледате професионалци како ги одмеруваат силите во рингот. Сепак, на мечот меѓу Џони Гартон и Гери Коркоран се случи масовна тепачка во публиката.

Гартон го доби мечот по техничкиот нокаут во 11 рунда и стана британски првак во велтер категорија. Новиот шампион јавно се декларира како голем навивач на Милвол, а токму тоа беше и причина за тепачката на трибините. Симпатизерите на Гартон започнаа тепачка со навивачи на Вест Хем.

Овие два лондонски клуба важат за едни од оние кои ги имаат најозлогласените навивачи во Англија. Тоа се потврди и овојпат, бидејќи наместо да седат и да гледаат бокс меч, на голем дел од трибината беше хаос и тепање на сите страни. За среќа Вест хем е во Премиер лигата, а Милвол е во пониско натпреварување, па навивачите на овие два тима не може така често да се сретнат на трибината. Овојпат тие го искористија бокс мечот за да се пресметаат.

https://youtu.be/ZxYL6A_1b9w