Дома Blog Страница 10651

Свети Лук конечно му помогна на Евертон

Евертон го совлада Кристал Палас со 2:0 во единствениот премиерлигашки меч денеска, а головите беа постигнати од резервни фудбалери, и тоа во последните пет минути од мечот. Доминик Колверт-Левин во 87 и Ченк Тосун во 89 минута, беа стрелци на головите.

Голем придонес во победата на Евертон има и голманот Џордан Пикфорд, кој во 59 минута му одбрани пенал на Лука Миливојевиќ.

Евертон имаше само една победа на последните 14 меча во недела, а веднаш до стадионот „Гудисон парк“ има црква која се вика „Сент Лук“, па денеска светецот им помогна на „карамелите“. Евертон за првпат по јануари 2017, има серија од три победи по ред.

Кристал Палас одеше на 200 победа во најсичната англиска лига, а 100-та откако се вика Премиерлига, но не успеа. На лондонскиот тим му требаа бодови, бидејќи наредните четири меча им се со Арсенал, Челзи, Тотенхем и Манчестер јунајтед. Палас сезонава има дадено само пет гола. Не е ни чудно, кога ниту од пенал не можат да погодат.

 

Јуве без Емре Џан против Манчестер, а можеби и долго време

Емре Џан сигурно нема да биде во составот на Јувентус за гостувањето кај Манчестер јунајтед од Лигата на шампиони, а ако проблемот со тироидната жлезда се покаже како голем, Германецот со турско потекло ќе треба да оди на операција и тоа ќе значи надвор од фудбалските терени на подолг период.

Џан сезонава има 10 настапи за „старата дама“ каде што дојде како слободен играч од Ливерпул, а вчера против Џенова првпат сезонава на дуел од Серија А, 90 минути остана на клупата за резерви. Ако тренерот Масимилијано Алегри не може да смета на Емре подолго време, улогата ќе ја преземе Уругваецот Родриго Бентанкур.

Шкендија се навикна на славја против Вардар

Со триумфот од 2:0 на гостувањето во Маџари против Вардар, екипата на Шкендија дојде до шести меч по ред без да загуби од „црвено-црниот ривал“. Шкендија не знае за пораз од Вардар од 14 октомври 2017, значи повеќе од една година, а од тогаш се сретнаа четири пати, од кои два во Купот.

Тетовци после мечот во соблекувалната ја прославија победата, која е позначајна, отколку само три бода. Тие се враќаат во битка за првото место и самодовербата ќе им биде на повисоко ниво.

Феноменален гол на Винисиус, а нема да игра на „Камп Ноу“? (Видео)

Доколку шпанската фудбалска федерација не му го поништи едниот од двата жолти картони, младиот фудбалер на Реал Мадрид, Винисиус, нема да може да игра следниот викенд во „Ел Класико“ против Барселона.

Иако црвениот картон го доби на меч од втората лига, каде повремено настапува за Кастилја (Реал Мадрид Б), тој нема право да игра наредниот викенд ниту во првата лига, бидејќи е со двојна лиценца. Винисиус доби картон за наводно глумење фаул, а снимката покажа дека играчот на Селта Б го повлече малку Бразилецот пред тој да падне во 86 минута. Од Реал ќе се жалат, и ако жалбата биде прифатена, Винисиус ќе може да биде во составот на првиот тим кој е во голема резултатска криза.

Само три минути пред исклучувањето, Винисиус даде гол и тоа видете каков:

Васоски: Пораз за отрезнување, игравме нервозно

Тренерот на Вардар, после поразот од Шкендија, се осврна на слабостите на својот тим, и рече дека сега не смеат да ги спуштат главите.

„Разочарани сме. Едно се договоривме пред натпреварот, друго се случи. Бевме разлетани на почетокот, а договорот беше да бидеме попретпазливи. Во второ полувреме игравме подобро, имавме ситуации за гол, но се забележуваше некоја нервоза во нашиот тим и игра. Ова е шлаканица која треба да делува освестувачки за нас. И да победевме, немаше да биде гаранција за титула, а вака мора да запнеме на наредните дуели. Што е тука е, уште сме лидери, ќе биде опасно ако ги спуштиме главите. Треба машки да го поднесеме поразот и да се сконцентрираме на наредниот натпревар“ – изјави тренерот на Вардар.

Што се однесува до спорниот момент кога Шкендија по шутот на Емини поведе со 1-0, а вардарци се бунеа дека топката не ја минал гол-линијата, Васоски има свое гледање.

„За првиот гол, не коментирам, беше сомнителна ситуација, и на вакви мечеви не знам колку треба да се свирне ако не си 100 проценти сигурен. И од еден метар не се гледаше дали е гол, камоли од аут линија. Голот влијаеше психолошки врз тимот, после такво нешто, не си истиот, нервозата си го прави своето. Не би требало да се вадиме на тој момент, но беше еден од клучните на овој меч“ – додава Васоски.

Гачевски: Каков гол нема шанси, ова е срам за македонскиот фудбал

Филип Гачевски вели дека Вардар е драстично оштетен во последните моменти од првото полувреме на дербито со Шкендија и дека по ударот со глава на Изаир Емини, топката не ја минала гол-линијата.

„Каков гол, нема шанси. Топката ми беше в раце и точно ја контролирав ситуацијата. Замислете контролорот на мечот реагира исправно и вели дека не е гол, но помошникот судија, иако нема добар преглед на ситуацијата сигнализира дека е гол. Ова е срам за македонскиот фудбал. Од федерацијата треба да се замислат зошто нашиот фудбал не оди напред. Со вакви срамни одлуки ќе паѓаме на уште пониски гранки. И честитам на Шкендија за фер однос и на победата. Ова е само спорт, но вакви неправди му штетат на македонскиот фудбал“, вели Гачевски за СПОРТ МАНИЈА.

Шкендија победи со 2:0 во Скопје, но за моментот од четвртата минута од судиското продолжение во првиот дел уште долго ќе се дебатира, дали беше гол, или Вардар е оштетен.

Иличиќ со хет-трик ги надлета „летечките магариња“

Словенецот роден во Босна и Херцеговина, Јосип Иличиќ, даде три гола, и за 60 минути игра покажа дека не заборавил да дава голови, иако ова му се први погодоци сезонава. Тој со трите погодоци придонесе за победата на Аталанта од 5:1 кај Киево во Верона.

Интересно е што ова е хет-трик на Иличиќ во Италија, а и првиот го имаше на стадионот во Верона во март 2018, а и тогаш (против Верона) како денеска, од првиот до третиот гол имаше само 24 минути. Киево и после девет кола уште не може да стигне до позитивно салдо на бодови. Има само две нерешени, а сезонава ја почна со казна од минус три бода, па подвиг ќе биде ако избори опстанок.

Во Серија А, денеска се играа и овие мечеви: Фрозиноне – Емполи 3:3, Болоња – Торино 2:2, Парма – Лацио 0:2. Вечер играат Фиорентина – Каљари и дербито Интер – Милан.

Матијас Силвестре од Емполи по вторпат годинава успеа на еден меч да постигне и гол и авгоол. На ниту еден друг фудбалер во Серија А не му успеало тоа.

Жикица Тасевски донесе „романтика“ во Работнички

Жикица Тасевски имаше успешно деби на клупата на Работнички, откако попладнево „романтичарите“ триумфираа со 2:0 на гостувањето кај Ренова. За дебармаалци заврши серијата од четири првенствени, и вкупно пет натпревари по ред без победа, и очигледно дека добро им дојде тренерската промена.

Негативно за Работнички е што Остоја Стјепановиќ, кој од пенал го даде првиот гол, доби црвен картон, па нема да може да игра во следното коло во Кратово кај Силекс.

И Ренова е со нов тренер, Никола Илиевски Џиџи, но тој немаше успех како колегата Тасевски, па на друго место ќе ги бара првите бодови.

Христијан Кировски беше творец на победата на „лавовите“ над „пандевци“, а во големото дерби, Шкендија до победата дојде до два гола во последните минути од првото односно второто полувреме, а во 90 минута погоди и Победа, но само за да го ублажи поразот во Струмица. Шкупи од 50 до 57 минута даде два гола за победа над „фенерџијата“ Силекс.

РЕЗУЛТАТИ: Беласица – Победа 2:1, Македонија ЃП – Академија Пандев 1:0, Ренова – Работнички 0:2, Шкупи – Силекс 2:0, Вардар – Шкендија 0:2.

ТАБЕЛА: Вардар 23 бода, Шкендија 19, Академија Пандев 16, Работнички 14, Македонија ЃП и Беласица по 13, Ренова и Победа по 11, Шкупи 9, Силекс 7.

Бодови големи како Шар Планина за Шкендија

Шкендија се врати во трката за титулата со победа од 2:0 во големото дерби против Вардар. Гостите ќе слават, а домаќините ќе тагуваат и ќе протестираат за првиот гол, во финишот на првото полувреме.

Спорен беше моментот во последните секунди од првиот дел, кога Изаир Емини и донесе предност на Шкендија. Прашање е дали топката со целито обем беше зад гол-линијата, а дилемата ќе остане долго. Вардарци жестоко протестираа, но се беше попусто.

Во првиот дел Шкендија имаше уште две зрели шанси, но Филип Гачевски не дозволи поубедлива предност на тетовци. Во второто полувреме Вардар притисна, но без конкретна шанса за израмнување, па казната стаса во 88. минута.

Бесарт Ибраими го совлада Гачевски за печат на големата победа на шампионот. Вардар остана лидер на табелата, но сега има и пораз, прв по десет кола. „Скопските „црвено-црни“ имаат 23 бодови, четири повеќе од денешниот ривал.

 

Србљак го освои МТП опен

Горазд Србљак триумфираше на МТП опен турнирот во Скопје, откако во финалето го совлада Томислав Јотовски со 5-7, 6-1, 6-4. Сите три сета беа долги, но околу 100 гледачи на студеното време им даваа поддршка на нашите репрезентативци, бидејќи имаат ретка прилика да ги гледаат во живо, со оглед на тоа дека во Македонија речиси и да нема официјални турнири на кои се добиваат АТП поени.

Србљак подобро го отвори финалето и поведе со 4-1 и 5-2, но откако го смени рекетот, Јотовски врза пет гејма по ред и го доби првиот сет. Во вториот сет, Јотовски имаше проблеми со рамото и тешко сервираше, па Србљак со сигурна игра го искористи тоа, за убедливи 6-1.

Јотовски на кратко заборави на проблемите со раката и скинатите жици на рекетите, поведе со 2-0 во третиот сет, но Србљак одговори со три гејма по ред за пресврт. При 4-4, Србљак го доби најважниот, се чини клучен гејм и потоа на сервис на Јотовски го зеде и последниот гејм, за триумф на турнирот кој се одржува шеста година по ред.