Дома Blog Страница 10658

Арсен Венгер денес ќе биде промовиран во нов тренер на Баерн Минхен!

Легендарниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер може да биде новиот тренер на Баерн Минхен и тоа уште денеска. Ова го тврди најтиражниот весник во Германија, „Билд“. Германскиот гигант за денеска во 12 часот закажа неочекувана прес конференција на која ќе бидат извршниот директор на клубот Карл-Хајнц Румениге и спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ.

Многу веројатно е дека пресот е закажан за да се најави тренерска замена. Актуелниот стратег на најтрофејниот германски клуб, Нико Ковач ќе добие отказ и тоа по само неколку месеци работа во клубот. Под водство на Ковач Баерн започна добро. Го освои Суперкупот на Германија и нареди вкупно седум победи во низа.

Сепак, потоа дојде кризата. Баерн веќе четири меча нема победа (три средби во Бундеслигата и една во Лигата на шампиони). Помалку неверојатно, но Баерн е дури на шестото место во првенството со четири бода зад лидерот Борусија Дортмунд.

Венгер е стратегот кој летоска, по повеќе од две децении работа во Арсенал, реши да си замине од таборот на „топчиите“. Неодамна самиот Венгер изјави дека планира да се врати на тренерската работа уште пред крајот на оваа година. Интересно е што токму Баерн Минхен е еден од најголемите кошмари на францускиот стратег. Како предводник на Арсенал, Венгер има 7 порази во 12 меча во Лигата на шампионите од Баерн.

 

Шкендија ќе има најмногу мака по паузата

Шкендија во незгоден момент го очекува дербито со Вардар, меч кој за тетовци може да биде клучен. Актуелниот првак не ја пречека паузата со многу радост, поради отсуството на шестмина играчи, кои имаа обврски кон македонските репрезентации во различни категории.

Тренерот Ќатип Османи мораше да повикува и јуниори на тренинзите за да може нормално да се работи и воигрува тактика за дербито со Вардар.

Особено недостасуваа двајцата сениорски репрезентативци од одбраната на нашата репрезентација, Висар Муслиу и Егзон Бејтулаи, а како сето тоа ќе се вклопи по двонеделната пауза ќе се види веќе в недела од 14,30 часот на дербито во Скопје против лидерот Вардар.

 

Луда борба: Близнаци се тепаа во октагонот (Видео)

За прв пат во историјата беше организирана борба на која во октагонот влегоа вкупно четворица борци. Полската ММА организираше борба меѓу два пара близнаци. Пјотр и Павел Тибурски во рингот се бореа против Пјотр и Павел Клук. Ова всушност беше двојна борба во еден ринг.

Близнаците Тибурски  кои беа тешки 94 и 96 килограми и за 10 кг беа полесни од близнаците Клук успеаа да триуфмираат во оваа необична борба.

https://youtu.be/4A9om3JTftA

Новак ќе игра против Шкендија, Барсегјан е неизвесен

Евгениј Новак ќе игра на дербито против Шкендија во недела од 14,30 часот на стадионот „Борис Трајковски“, додека шансите за настап на најдобриот стрелец на Вардар, Тигран Барсегјан се мали.

Двајцата интернационалци во составот на лидерот во домашното првенство имаа(т) проблеми со работните дозволи, а за Новак работите се средени, па тој ќе може да ја завземе стандардната позиција стопер против актуелниот шампион.

Вардар по девет кола е непоразен и ако победи ќе има огромна предност од 10 бодови пред Шкендија, што би била одлична залиха за продолжението на првенството.

Интер им „удри шлаканица“ на Реал и Челзи

Европските моќни клубови Реал Мадрид и Челзи дочекаа разочарувачка вест, откако Интер најави дека се пред продолжување на договорот со капитенот на тимот, Мауро Икарди. Аргентинскиот голгетер е на мета на повеќе европски екипи, а најзагреани беа токму Реал и Челзи.

Интер нагласи дека Икарди изразил желба да го продолжи договорот со клубот, бидејќи на „Џузепе Меаца“ се чувствува како дома. Напаѓачот има откупна клаузула на 110 милиони евра, но таа бројка не е голем проблем на богатите клубови кои веднаш би ги исплатиле тие пари.

„Се чувствувам многу среќен во моментов. Имав контакти и разговори и со други клубови, но решива да останам во Интер. Така е најдобро за мене и за клубот. Тоа е мојот дом и не сакам да го напуштам. Тука е и моето семејство“, изјави Икарди, кој додаде дека му се исполнила една голема желба, а тоа е да игра во Лигата на шампиони како играч на Интер.

Според најавите, новиот договор треба да биде потпишан некаде пред Нова година.

До 12 часот ќе се знае, поддршка или отказ за Нико Ковач

Иако резултатите на Баерн Минхен сезонава се невообичаено лоши за нивни стандарди, сепак, раководството најверојатно ќе му даде шанса на тренерот Нико Ковач. За 11 часот, закажана е прес-конференција со тренерот Нико Ковач, а во 12 ќе се обратат челниците Ули Хенес, Карл Хајнц Румениге и Хасан Салихамиџиќ.

Судејќи според фотографиите кои ги објавија од Баерн како покана за пресот, а на кои Ковач е насмеан, помали се шансите да му биде врачен отказ, и веројатно ќе се објави дека клубот му дава целосна поддршка да продолжи со работата со тимот, освен ако нешто не се смени во последен момент.

Баерн има низа од четири меча без победа и тоа ретко им се случува, па затоа се шпекулира дека е загрозено местото на Хрватот. И германските медиуми не знаат што ќе се случи, но сигурно дека ќе биде интересно пладне во Минхен.

Леброн „здиве“ на стартот, но потоа Портланд го скроти (Видео)

Леброн Џејмс со пораз дебитираше во дресот на Лос Анџелес лејкерс во НБА лигата. Рано утрово, „кралот“ го одигра првиот натпреварувачки дуел за Лејкерс и загуби. „Езерците“ беа поразени на гостувањето кај Портланд со 128:119.

Интересно беше дебито на Џејмс. Тој започна силовито и уште во првите неколку минути имаше две забивања, покажувајќи кој ќе биде главен во тимот.

https://twitter.com/Lakers/status/1053118201465171968

Три четвртини се водеше неизвесна битка на теренот на Портланд, а домаќините во последната четвртина ја стекнаа предноста која им овозможи мирна завршница. Во решавачките 12 минути Портланд влезе со предност од 93:91, но потоа со неколку поени во низа стигнаа до двоцифрена предност, која Лејкерс не успеа да ја стигне до крајот на дуелот.

https://youtu.be/QZHkoR0Fz6U

Леброн одигра 37 минути и заврши со 26 поени, 12 скока, а имаше и шест асистенции. Џош Харт додаде 20 поени, Инграм имаше 16, а Кузма постигна 15 поени за поразенот тим. Во тимот на Портланд, Лилард со 28 поени беше предводник до победата.

Во останатите два меча кои се одиграа утрово: Филаделфија – Чикаго 127:108, Вашингтон – Мајами 112:113.

 

Хигинс го загубил „апетитот“ по снукерот

Шкотланѓанецот Џон Хигинс изјави дека некако во последно време се чувствува потиштено, откако годинава и лани ги загуби финалињата на Светското првенство во снукер. Хигинс вечерва беше елиминиран во осминафиналето на Отвореното првенство на Англија, откако водеше со 2-0, а загуби со 2-4 во партии (фрејмови) од Марк Дејвис.

Хигинс кој има 43 години, вели дека ја загубил желбата за играње.

„Имам проблем на тренинзите и кога играм. Ги загубив последните две финалиња на СП и тоа како да ме нокаутираше. Не тренирам, ретко играм, а и кога настапувам, играта ми е лоша. Во текот на сезонава ќе се вратам во форма, но сега сум катастрофа“ – изјави четирикратниот светски шампион во овој спорт.

Будуќност не успеа ниту против Макаби

Првакот на АБА лигата, Будуќност, ниту против Макаби не успеа да ја извојува првата победа во Евролигата. Црногорците водеа после 30 минути игра, но нападот им затаи во финишот, па гостите со две раце го зграпчија подарокот и дојдоа до првата победа сезонава.

Скоти Вилбекин со 28 поени беше најефикасен во победничкиот тим. Ова беше трета пресметка на Будуќност и Макаби, и трета победа на „Гордоста на Израел“.

Панатинаикос со 102 поени ги реши „канаринците“ од Лас Палмас во првиот меѓусебен дуел помеѓу овие два клуба, а до првата радост дојде Барселона, која беше подобра од Баерн Минхен. Актуелниот тренер на Барса, Светислав Пешиќ, од 2012 до 2016 година го водеше Баерн.

ЦСКА рутински дојде до третата победа во третиот настап сезонава, иако конечниот резултат не покажува доминација против Дарушафака. За утеха на турскиот тим, првпат од Москва се вратија со едноцифрен пораз.

РЕЗУЛТАТИ: ЦСКА Москва – Дарушафака 79:75, Будуќност – Макаби Тел Авив 68:78, Панатинаикос – Гран Канарија 102:87, Барселона – Баерн Минхен 83:73.

Реал на Лопетеги е на 55 минути од негативен рекорд

Реал Мадрид нема дадено гол цели 409 минути, што е 6 часа и 49 минути, и тоа е за 55 минути помалку од неславниот клупски рекорд кој беше поставен во 1985 година. Пред 33 години, Реал немаше дадено гол 464 минути.

Мадридскиот тим не даде голови против Алавес, ЦСКА Москва, Атлетико Мадрид и Севилја, плус 49 минути против Еспањол. Од погодокот на Марко Асенсио во првото полувреме со Еспањол, Реал ја нема затресено мрежата. Затоа, не е сеедно дали оваа генерација ќе остане запаметена по нов неславен рекорд.

В сабота, Реал го пречекува Леванте, и ќе има цел да даде гол(ови) и да освои три бода, во спротивно, шансите на Хулен Лопетеги да остане тренер на европскиот првак ќе се намалат. Леванте е клубот против кој во 2003 година, Лопетеги ја почна тренерската кариера во Рајо Валјекано и загуби со 0:2.

Минатата година Реал со Зинедин Зидан како тренер, тимот имаше низа од 73 меча по ред на кои даваше гол, а сега со речиси истиот играчки кадар, се блиску до неславен рекорд.