Дома Blog Страница 10672

Ховханисјан: Поразот од Гибралтар е срамен, ќе се извиниме само со победа против Македонија

Камо Ховханисјан се надева на триумф против Македонија во вторник во Ереван, со што барем делумно би се заборавил срамниот пораз од Гибралтар во Лигата на Нации.

Ерменците загубија со 0:1 на домашен терен и ќе влезат во историјата како прва селекција која е поразена од Гибралтар во официјален меч.

„И се извинуваме на публиката, која дојде и не поддржа и против Гибралтар. Не можам да кажам дека не игравме фудбал. Имавме шанси, но некогаш не оди ниту кога сте подобри на теренот. Поразот е срамен, но се надевам дека со победа против Македонија барем малку ќе ги израдуваме нашите навивачи“, вели левиот бек на ерменската селекција.

Ниту со евентуална победа против нас во вторник, Ерменците нема да можат сами да си ја кројат судбината во битката за првото место во четвртата група. Имаат само три бода по три кола, ги победивме во Скопје со 2:0, па сега Македонија со девет бодови е апсолутен фаворит за пат на завршниот турнир на победниците на четирите групи во Д сегментот.

 

 

Трајковски: Ние сме среќно семејство што знае да победува и да се радува

Македонија функционираше како прецизен часовник против аутсајдерот Лихтенштајн и со триумф од 4:1 ја продолжи импресивната серија од 10 меча без пораз.

Први сме во групата и сигурно чекориме кон полуфиналето во Д сегментот, што е дел од предвидениот пат кон Европското првенство во 2020 година.

Александар Трајковски со два гола и одлична игра беше еден од најзаслужните за победата, а тој го знае рецептот за добрите игри и успеси што имаат континуитет од над 15 месеци. Последен пат не порази Шпанија во Скопје, а потоа тргна блескавата серија од цели 10 меча на кои не знаеме за неуспех.

„Добро играме, напредуваме многу и се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам и ќе го задржиме првото место во групата. Во следните неколку денови ќе размислуваме за Ерменија. Се создаде една одлична семејна атмосфера во репрезентацијата, еден одличен спој што го дополнија младинците кои играа на Европското првенство во Полска и само нека продолжи така. Имаме квалитетни играчи, кои настапуваат во силни лиги и се надевам дека како што победуваме се повеќе ќе се подбруваме. Ако продолжиме вака верувам дека ниту една селекција од Д сегментот не може да ни ја сопре серијата“, вели Трајковски.

Вчера повторно беспрекорно функционираше италијанската врска на релација Џенова – Палермо, овојпат во Скопје. Пандев двапати асистираше, Трајковски двапати погоди, а истите играчи со одлична акција во претходниот циклус ни донесоа голем успех и реми во Торино против Италија.

„Само нека функционира таа врска. Пандев асистира, јас погодував, но верувам дека кога ќе имам шанса ќе му возвратам на капитенот. Најважно е што победуваме и во репрезентацијата има неверојатен дух и желба за победи“, дополни Трајковски.

 

Разиграна Македонија – Алиоски е најдобар стрелец во Д сегментот, во топ-5 и Пандев и Трајковски

Езџан Алиоски е прв стрелец по три кола во Д сегментот од Лигата на Нации, а разиграната Македонија е најефикасна селекција од сите 16 во ова друштво.

Алиоски е крал на стрелците со три погодоци, а со по два во трите одиграни кола и Горан Пандев и Александар Трајковски се во топ-5 најефикасни играчи.

Вчера против Лихтенштајн сите тројца беа расположени за голови, Трајковски постигна два, а Пандев и Алиоски по еден.

Македонија со 8 погодоци на трите дуели со Гибралтар, Ерменија и Лихтенштајн е најефикасна репрезентација пред Луксембург со 7 и Белорусија и Грузија со по шест.

Покрај ефикасноста селекторот Игор Ангеловски го радува и податокот дека имаме примено само еден гол, а мрежата на Столе Димитриевски успеа да ја затресе само Јилдиз, кој беше стрелец на вчерашниот меч за Лихтенштајн во победата на нашата селекција од 4:1.

Следен предизвик за да се задржи трендот на ефикасност, но и цврстата одбрана ќе биде мечот со Ерменија, во Ерерван на 16. октомври.

Ангеловски: Мораме вака да продолжиме, бидејќи имаме повеќе од три противници

Победата на Македонија против Лихтенштајн широко ги отвора вратите на нашата селекција да го освои првото место во групата, а со тоа и да ги продолжи шансите дека преку настапите во Лигата на нации да стигнеме до пласман на Европското првенство во 2020 година. Селекторот Игор Ангеловски беше задоволен, но потенцираше дека мора да се продолжи во исто темпо и на преостанатите три средби кои следуваат.

„Сега се огромни шансите да завршиме на првото место, но готово ќе биде кога и теоретски ќе бидеме таму. Ова е интересно натпреварување бидејќи не се бориш против само селекциите кои се во твојата група, туку и со оние кои се можни противници во полуфиналето од плеј-офот. Знаеме дека полуфиналниот меч кога евентуално ќе бидеме први, се игра на терен на тој што е подобар. Се натпреваруваме и со останатите селекции. Имаме мотиви да играме, уште не е готово. Мораме вака да продолжиме. Среќен сум што работам со такви фудбалери. Тие се најзаслужни за ова“, рече Ангеловски на пресот по мечот.

Македонија сега продолжува со подготовки и тоа за дуелот против Ерменија на гости. Тоа е ривалот за кој Ангеловски смета дека е најопасен ривал во оваа група каде што е Македонија.

„На секој меч ја подготвувам екипата да одиме на победа. Да дадеме гол повеќе од противникот. Мислам дека сите што беа на стадион се задоволни од тоа што го покажавме. Нашите мисли се да го добиеме мечот во Ереван“, додава Ангеловски, кој не заборави да потенцира дека единствена забелешка од натпреварот против Лихтенштајн е примениот погодок, прв за Македонија во Лигата на нации.

Македонија е класа над останатите три селекции

Уште пред да почне дуелот беше јасно дека Македонија е голем фаворит против Лихтенштајн, а тоа се покажа и на теренот во текот на сите 90 минути. Македонија доминираше и на крајот заслужено се радуваше на победа од 4:1. Селекторот на гостите Рене Паурич е реален и знае дека неговите избраници немало што да бараат на дуелот во Скопје.

„Честитки за заслужената победа на Македонија. Не најдовме рецепт за нивниот напад, а и ние не се снајдовме најдобро во дефанзивата. Македонија е една класа пред сите останати три селекции во групата. Тие сигурно ќе го освојат првото место, а ние останатите ќе се бориме за втората позиција во групата“, Рене Паурич по синоќешниот дуел на арената „Филип Втори“.

Боби Николов специјално излезе да го поздрави Јане

Македонија со 4:1 славеше против Лихтенштајн, а веднаш по дуелот Бобан Николов реши да прослави со својот голем другар и еден од најверните навивачи на македонската фудбалска репрезентација, Јане Велковски.

Малиот Јане кој е специјален амбасадор и дел од кампањата на ФИФА „Еднаквост на терен“, се израдува на триумфот на Македонија и сигурно посака да ги види своите миленици како се радуваат и за пласман на Европското првенство во 2020 година. Засега „црвено-жолтите“ се одлични и имаат три победи во три меча во Лигата на нации.

Лихтенштајн се навикна на македонските покери

Македонија го навикна Лихтенштајн на покери и тоа октомвриски, а денешната победа во Скопје од 4:1 не води чекор поблиску до плејофот за настап на Европското првенство во 2020 година.

Горан Пандев беше креатор на новата октомвриска победа против истиот ривал, што лани го декласиравме во Струмица со 4:0. Сега гостите постигнаа почесен погодок, но Македонија покажа дека има квалитет за да го освои Д сегментот во Лигата на Нации.

Италијанската врска Пандев – Трајковски функционираше беспрекорно и по половина час веќе водевме со 2:0. Пандев мајсторски асистираше, а Трајковски погодуваше во десеттата и 30. минута.

Само 360 секунди подоцна Пандев одлучи и сам да погоди, а Македонија имаше убедлива предност од 3:0. Јилдиз постигна почесен погодок за Лихтенштајн, но Езџан Алиоски со нов извонреден серијал од потези ја надмудри одбраната на гостите и со гол во 67. минута ги постави конечните 4:1 за Македонија.

По 3 кола имаме максимален учинок и 9 бода, а во прилог ни оди и сензационалната победа на Гибралтар против Ерменија на гостински терен. Во Ереван за три дена со победа или реми сигурно ќе бидеме полуфиналисти во Д сегментот за настап на ЕП 2020 година.

Трајковски стрелец на 250-тиот погодок, но го примивме и 300-тиот гол

Токму на денот на кој македонската репрезентација ја прославува 25. годишнината од првиот одигран меч, беа постигнати два погодоци кои ќе останат да се памтат.

Погодокот кој го постигна Александар Трајковски во 10 минута всушност е и 250 погодок за македонската репрезентација и тоа во 223 одигран дуел. Освен тоа што се израдувавме на еден мал јубилеј по бројот на дадени голови, Лихтенштајн може да се пофали е селекцијата која го дала 300-тиот гол на Македонија. Стрелец на тој погодок беше Јилдиз во 37 минута.

Македонија против Лихтенштајн се радува на осмата победа во деветиот натпревар со што ја продолжи доминацијата над овој противник.

Овации за велемајсторот – Гранде Пандев ја крена публиката на нозе

Горан Пандев прв го напушти теренот во 68. минута против Лихтенштајн и доби овации од нешто повеќе од 10 илјади гледачи на националната арена во Скопје.

Ил Мачедоно како што го нарекуваат Италијанците со прекрасни потези ја излудуваше одбраната на Лихтенштајн, а аистенциите до Александар Трајковски му беа од висока фудбалска класа. Двапати имаше „топка со очи“, па на популарниот Алекс му остана со голови да ги награди извонредните потези на капитенот.

Во 37. минута Пандев и самиот погоди за 3:0 и за хет-трик со хокеарски речник. Две асистенции плус гол за заслужени овации од публиката во Скопје. Место него во игра влезе Бобан Николов.

 

Гол шоуто продолжува, на ред е Алиоски

Нападите и головите на македонската фудбалска репрезентација продолжуваат и во второто полувреме. На ред дојде Езџан Алиоски да се израдува на погодок. Играчот на Лидс одлично се снајде во шеснаесетникот и со силен удар од близина погоди за убедливо 4:1 по 67 минути игра.

Македонија сигурно ќе стигне до нови три бода на дуелот против Лихтенштајн и со стоостотен учинот како лидер во групата најавува дека сонот за пласман на Европското првенство во 2020 година е остварлив. „Црвено-жолтите“ се во одлична форма и веќе 10 средби немаат пораз.