Дома Blog Страница 111

Арне Слот: Треба да сме среќни што загубивме само со 2:0

Англискиот гигант Ливерпул беше немоќен на синоќешното гостување кај Пари Сен Жермен и загуби со 2:0 во првиот меч од четвртфиналето од Лига на шампиони. Ливерпул во секој поглед беше во подредена ситуација. ПСЖ имаше 74 отсто посед на топка, Светците упатија дури 18 шута кон голот на Ливерпул од кои шест беа во рамките на голот.

Од друга страна, Ливерпул со само 26 отсто посед на топка едноставно немаше шанса да создаде шанса за погодок, па дури англискиот тим не упати ниту еден удар во рамките на противничкиот гол. Тоа го знае и тренерот Арне Слот кој признава дека поразот од 2:0 е дури и прифатлив за нив.

„Ако го анализираме целиот меч, ние треба да бидеме среќни што загубивме само со 2:0. Противникот имаше многу повеќе шанси. Првиот гол ни падна тешко затоа што немаше некоја акција, но потоа имаа многу шанси да дадат повеќе погодоци. Доброто за нас е што уште сме во игра, а реваншот се игра на „Енфилд роуд“, а многу добро знаеме каква разлика може да направи тој стадион“, рече Слот.

Ливерпул го претрпе третиот пораз во низа во сите натпреварувања, а петти пораз во последните осум меча. Тренерот Слот имаше пофални зборови за голманот Мамардашвили кој со своите интервенции го спаси Ливерпул од дебакл во Париз.

„Мамардашвили имаше многу добри одбрани. Тој покажа дека е важен играч во нашиот тим. Го гледав и мечот меѓу Реал Мадрид и Баерн Минхен и видов како бранеше Мануел Нојер. Едноставно мора да се има ваков голман во оваа фаза од натпреварувањето. Тешко беше но Мамардашволи беше тука за нас кога беше најпотребно. Немавме многу можности да создадеме шанси за погодок. Противникот играше во жестоко темпо“, анализираше Слот.

Реваншот од ова четвртфинале ќе се игра на 14 април во Ливерпул.

Ханси Флик: Атлетико требаше да добие црвен картон, а ние пенал, зошто служи ВАР системот!?

Барселона беше сопрена на „Камп ноу“ откако со 0:2 загуби од Атлетико Мадрид во првиот меч од четвртфиналето во Лига на шампиони. Каталонскиот гигант важеше за фаворит посебно поради тоа што пред само неколку дена го победи Атлетико во Мадрид, но сега загуби пред своите навивачи. Тренерот на Барселона, Ханси Флик е разочаран од резултатот, но не губи надеж дека неговиот тим може да оди во полуфиналето.

„Загубивме 2:0, но уште имаме шанси да победиме во Мадрид на реваншот. Нема да се предадеме додека имаме шанса. Ние сме Барселона, ние се бориме. Не се предаваме. Мора да мислиме позитивно. Знам дека сите се разочарани, од навивачите, ние како стручен штаб, играчите, но ќе се бориме и ќе се обидеме да го дадеме најдоброто“, рече Флик, кој потоа продолжи да ги анализира одлуките на ВАР системот и тоа како реагира техничката помош за судиите. По ВАР реакција, Кубарди доби црвен картон пред крајот на првото полувреме, додека реакција од собата за техничка поддршка немаше во второто полувреме кога фудбалерите на Барселона бараа пенал за нив.

„Не сум сигурен дали фаулот на Кубарси постоеше и дали е тоа за црвен картон. Топката беше зад играчот на Атлетико. „Зошто постои ВАР системот. Кога играчот на Атлетико Мадрид ја допре топката при изведувањето на топката од шеснаесетникот, зошто немаше ВАР систем? Тоа е неверојатно. Сите правиме грешки и тоа е нормално. Но не можам да разберам зошто немаше ВАР. Голманот ја изведе топката, а потоа дефанзивецот со рака ја допре топката. Во нормална ситуација тука ќе беше пенал за нас и црвен картон за противникот. Всушност втор жолт картон и исклучување. Во второто полувреме игравме добро иако имавме играч помалку“, реагираше Флик по завршување на синоќешниот дуел.

Денвер во ерата на Јокиќ никогаш претходно немал ваква серија (Видео)

Денвер нагетс го победи Мемфис гризлис со 136:119 и стигна до десетата победа во низа. Откако Јокиќ е во Денвер, клубот прв пат има ваква двоцифрена серија на победи. Нагетси беа фаворити и пред мечот, но се мачеа да го скршат отпорот на младиот и шутерски расположен тим на Мемфис. Гостите на полувреме водеа со 74:68, а дури во третата четвртина Денвер заигра како што посакуваше, па по водството на Мемфис од 78:70, домаќините со серија од 14:2, ја преземаа контролата на резултатот, а потоа стигнаа и до сигурна предност од 13 разлика (107:94) во пресрет на последните 12 минути.

Клупскиот рекорд по бројот на победи на Денвер е 15, што значи дека потребни се уште пет триумфи да се достигне тоа постигнување поставено во 2013 година. Во ерата на Јокиќ, Денвер три пати стигнувал до девет победи по ред, а сега прв пат успеа да стигне до двоцифрен број на триумфи. Токму Јокиќ повторно стигна до трипл-дабл со 14 поени, 16 скокови и 10 асистенции и тоа остварени за само 31 минута поминати на теренот. Со Јокиќ на теренот, Денвер имаше плус од 24 поени, а ова е 89 пат во кариерата да стигне до трипл-дабл пред да започне последната четвртина.

Дури осуммина кошаркари на Денвер постигнаа двоцифрен број на поени, а најефикасен беше Џемал Мареј со 26 поени, додека Камерон Џонсон додаде 18 поени. Сега Денвер има скор од 52 победи и 28 порази и е во обид да го задржи третото место на Западната конференција за кое уште се борат ЛА лејкерс и Хјустон рокетс.

Резултати од мечевите кои се одиграа ноќеска: Кливленд – Атланта 122:116, Детроит – Милвоки 137:111, Орландо – Минесота 132:120, Денвер – Мемфис 136:119, Сан Антонио – Портланд 112:101, ЛА клиперс – Оклахома 110:128, Феникс – Далас 112:107.

 

Симеоне откри како Атлетико успеа да ја победи Барселона на „Камп ноу“

Атлетико Мадрид има драгоцена предност од 2:0 против Барселона по првиот меч во четвртфиналето на Лига на шампиони. Тренерот на мадриѓани, Диего Симеоне беше пресреќен по победата, потенцирајќи дека само со сплотена тимска игра може да се сопре противник како што е Барселона.

„Атлетико Мадрид долго време немаше победа на овој стадион. Тука секогаш играме многу тешко. Веројатно Барселона е најдобриот тим во Европа заедно со ПСЖ и Баерн Минхен. Благодарение на колективната игра, успеавме да ги победиме во многу важен момент за нас. Вториот гол ни даде дополнителна сигурност и самодоверба. Жалам што не успеавме уште повеќе да ја искористиме предноста од играч повеќе на теренот. На овој меч бевме максимално фокусирани и концентрирани“, задоволно коментираше Симеоне.

Предводникот на Атлетико знае дека има капитална предност, но сепак дека уште ништо не е готово и неговоиот тим ќе мора и во реваншот да одигра максимално сконцентрирано.

„Знаеме дека уште ништо не е готово. Ќе се обидеме пред нашите навивачи да одиграме уште еден добар натпревар. На нашиот терен секогаш имаме дополнителна предност благодарение на помошта од трибините. Резултатот што го остваривме е добар, но противникот со сигурност ќе направи да се намачиме и на реваншот“, додаде Симеоне.

Спорен момент, требаше ли судијата да досуди пенал за Барса? (Видео)

На дуелот Барселона – Атлетико Мадрид имаше една ситуација која предизвика реакции во шпанската јавност, и во Барса сметаат дека биле оштетени, дека требало судијата Иштван Ковач да им додели пенал.

Во 54-тата минута, Пубил ја допре топката со рака и ја намести на петерец, но по додавање од голманот Мусо. Немаше никаква реакција ни од ВАР собата. 

Некои експерти сметаат дека тоа е скандал и морало да има пенал, исто како во ноември 2024 кога за иста ваква бизарна работа беше досуден пенал за Клуб Бриж на средбата со Астон Вила.

Но, одговорот зошто немаше пенал за Барса веројатно го даде екс судијата Алфонсо Перес Буруљ.

„Судијата ја протолкува ситуацијата како топката да не е во игра. Немаше противник во близина, а примената на правилото е во духот на фер играта“, изјави Бурул во програма на Радио Марка. 

Фановите на Ливерпул засрамени од статистиката на мечот во Париз

Понижувачките 0-4 против Манчестер сити викендов како да не беа доволни, па Ливерпул им приреди ново разочарување на своите верни навивачи.

Поразот од 0-2 против ПСЖ не делува толку страшно, но сликата која ја оставија Црвените на „Паркот на принцовите“ беше очајна, имаа само 26 отсто посед на топка и треба да бидат среќни што не примија уште неколку голови.

Ливерпул вечерва не упати ниту еден шут во рамките на голот на ПСЖ. Шутнаа само три пати за 90 минути, но ниеднаш во рамките на голот, па чуварот на мрежата Сафонов немаше работа. Претходниот меч во ЛШ на кој Ливерпул не шутнал во рамки на гол бил во ноември 2020 година против Аталанта.

Драстична промена, сега Атлетико има 75 отсто шанси да оди во полуфинале

Победата на Атлетико Мадрид против Барселона, нивна прва на „Камп Ноу“ од 2006 наваму, ги направи Јорганџиите фаворити за пласман во полуфиналето на Лигата на шампионите.

Според проекциите на суперкомпјутерот, полуфинални двојки треба да бидат ПСЖ – Баерн Минхен и Атлетико Мадрид – Арсенал. Дали ќе се оствари ова, ќе видиме за една недела.

Барса беше фаворит на хартија во двобојот со Атлетико, но сега на Каталонците им се даваат скромни 25 отсто шанси да се најдат во полуфиналето. Атлетико двапати ја елиминираше Барса во претхофните две нивни соочувања во ЛШ откако тренер им е Диего Симеоне, а имаат убава шанса за хет-трик, иако работата не е завршена, треба да се одигра и реваншот во Мадрид.

ПСЖ дома го победи Ливерпул со 2-0, а сега на Светците од Париз им се даваат дури 86 проценти шанси да одат понатаму, додека шансите на Ливерпул се само 14 проценти.

Барселона и Ливерпул во нокдаун, во вторник ќе има чудо или нокаут

Атлетико Мадрид ја изненади Барселона на нејзин терен со 2-0, а ПСЖ со истиот резултат оди на реванш на „Енфилд“ против Ливерпул.

Вечерашните мечеви од четвртфиналето во Лигата на шампионите донесоа по еден очекуван и неочекуван исход, па во вторник на Каталонците и Црвените ќе им треба мало чудо за да успеат да се пробијат во полуфиналето.

Атлетико после цели 20 години пауза успеа да слави на најголемиот стадион во Европа, „Камп Ноу“, а во тоа многу им помогна црвениот картон на Пау Кубарси од Барса во финишот на првото полувреме.

Ливерпул може да биде и задоволен што не претрпе поубедлив пораз од тимот од кој беше елиминиран минатата сезона, но и овие 0-2 против актуелниот европски првак се тешка ситуација.

Кубарси испиша негативна историја, Кварацхелија покажа зошто го викаат Кварадона (Видео)

Со црвениот картон кој го доби вечерва против Атлетико Мадрид, дефанзивецот на Барселона, Пау Кубарси, испиша историја во Лигата на шампионите и тоа негативна.

Кубарси стана првиот фудбалер во историјата кој двапати бил исклучен во ЛШ пред да наполни 20 години.

На другиот меч, во Париз, ПСЖ води 2-0 против Ливерпул, а вториот гол беше дело на Хвича Кварацхелија кој со слалом во стилот на Диего Марадона се прошета низ одбраната на противникот и ја смести топката во мрежата, па го оправда својот прекар Кварадона. Голот на Кварацхелија погледнете го ТУКА.

Тажен ден во Партизан, кошаркарите не успеаја да победат во чест на Дуле Вујошевиќ

Анадолу Ефрс го победи Партизан со 79-72 во интересен меч од кошаркарската Евролига. На Партизан му заврши серијата од шест победи по ред, и на фановите им ја продлабочија тагата по веста за смртта на саканиот тренер Душан Вујошевиќ, единствениот што го однел Партизан на два фајнал-фори во Евролигата.

Ефес е претпоследен на табелата со само 11 победи, но им се врати Шејн Ларкин што беше плус за нив, па извојуваа триумф кој ја прекина убавата низа на Партизан кој претходниот пораз во Евролигата го имаше уште кон крајот на февруари, истотака во Истанбул, тогаш од Фенербахче.