Дома Blog Страница 116

Француски предизвик за Вардар на патот до Ф4 во Европската лига

Францускиот Монпелје стои на патот на Вардар до пласман на завршниот турнир во ракометната Лига на Европа. Французите вечерва загубија со 35-31 на гостувањето кај Елверум, но на првиот меч победија со 36-24, па со вкупни 67-59 дојдоа до пласман во четвртфиналето и двомеч против Вардар.

Актуелниот лидер во македонската Супер лига двапати ја освојуваше Лигата на шампионите, а сезонава не ги крие амбициите дека не само што атакува на враќање на титулата во домашното првенство, туку атакува и на европскиот трофеј во второто по ранг натпреварување.

Првиот меч помеѓу Монпелје и Вардар ќе се одигра во Франција кон крајот на овој месец, додека реваншот е во Скопје на почетокот на месец мај.

Ханси Флик со јасна порака: „Јамал ќе биде најдобриот во светот!“

Тренерот на Барселона, Ханси Флик, испрати силни пораки пред првиот четвртфинален судир со Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите и во центарот на вниманието повторно е младиот бисер Ламин Јамал.

„Веќе кажав – Ламин направи сè против Атлетико пред неколку дена. Ја држеше топката, менуваше страни, преземаше одговорност. Тој има само 18 години и за мене е неверојатен фудбалер. Понекогаш тоа што го прави е фасцинантно, но нормално е да реагира емотивно – се лути кога ќе го заменам или кога ќе промаши. Тоа е дел од растот“, изјави Флик.

Германецот јасно стави до знаење – стои цврсто зад својот талент.

„Разбирам дека е фрустрирачки кога не постигнуваш голови. Тој е емотивен играч, но ја има мојата целосна поддршка. Оди по вистинскиот пат и ние му помагаме да се развива правилно. Знае дека сите очи се вперени во него затоа што е фантастичен. Му кажав – може да греши, јас ќе го бранам. Ќе биде еден од најдобрите, ако не и најдобриот во иднина.“

Флик испрати и јасна порака пред утрешниот дуел:

„Мораме да го наметнеме нашиот стил. И ќе ни треба силна поддршка од навивачите.“

По мечот со Жирона, формата на Барса оди нагоре, но тренерот потенцира дека тимот сè уште е млад.

„Нашите дефанзивци Пау Кубарси и Жерард Мартин работат фантастично. Но, нормално е понекогаш да донесат погрешни одлуки – млади се и се адаптираат на највисоко ниво.“

За крај – респект кон противникот, но и јасна амбиција:

„Атлетико е тежок ривал – играат со висок интензитет, имаат брзи и квалитетни фудбалери. Знаат да се бранат длабоко и тешко им се дава гол. Ќе биде емотивен натпревар. Стигнавме дотука затоа што заслужуваме – и сакаме да одиме понатаму.“

Тажна вест: Почина легендарниот Мирчеа Луческу

Фудбалскиот свет е во тага – легендарниот романски стратег Мирчеа Луческу почина денеска на 80-годишна возраст во универзитетската болница во Букурешт, каде што беше хоспитализиран од 29 март.

Доскорешниот селектор на Романија до последно беше активен – ја предводеше репрезентацијата во полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство против Турција, со што стана највозрасниот селектор кој водел национален тим на официјален натпревар.

Според информациите, Луческу починал по серија компликации што се појавиле во вторникот. Тој веќе една недела бил во болница откако колабирал во соблекувалната на репрезентацијата поради вентрикуларна тахикардија за време на технички состанок со играчите. Состојбата дополнително се влошила во петокот, кога доживеал и акутен инфаркт.

Зад себе остава богата и импресивна кариера – ќе остане запаметен како трет најтрофеен тренер во историјата на фудбалот  дури со 38 официјални трофеи. Во Лигата на шампионите водел 115 натпревари и се наоѓа меѓу тренерите со најмногу настапи во елитното европско натпреварување.

Во текот на кариерата седел на клупата на гиганти како Интер, Галатасарај, Бешикташ, а најдлабока трага остави во Шахтар Доњецк, каде што мина цели 12 години и изгради доминантен тим. Покрај тоа, беше и селектор на Турција и на Романија.

Инѕаги: „Во Саудиска Арабија не сум поради парите, не планирам да се вратам во Италија“

Италијанскиот тренер Симоне Инзаги јасно стави до знаење дека нема намера да го напушти Ал-Хилал и покрај шпекулациите дека би можело да го наследи Џенаро Гатузо на клупата на репрезентацијата на Италија.

Во интервју за италијански медиум, Инзаги нагласи дека е задоволен од одлуката да ја напушти Италија и да се пресели во Саудиска Арабија:
„Поласкан сум од интересот, но тука ми е навистина добро. Имам уште една година договор и не размислувам за заминување.“

Иако заработува околу 27 милиони евра годишно, поранешниот тренер на Интер истакна дека парите не биле главната причина за трансферот. Според него, по интензивниот и стресен период во Серија А, му бил потребен поопуштен амбиент.

Инзаги додаде дека во Саудиска Арабија пронашол идеален баланс помеѓу врвен фудбал и помирен живот, што се гледа и во резултатите – без ниту еден пораз во 38 натпревари (30 победи и 8 нерешени).

Тој се осврна и на кризата во италијанскиот фудбал, особено поради фактот што репрезентацијата на Италија третпат по ред нема да игра на Светско првенство:
„Тоа многу ме растажува. Јас сум 100% Италијанец, а мојот брат Филипо Инзаги беше светски шампион. Но, верувам дека италијанскиот фудбал ќе се врати на вистинскиот пат.“

Со оглед на формата и задоволството од сегашната средина, јасно е дека Симоне Инзаги засега не планира никакви промени во кариерата.

Израмнети се силите: На пет меча домаќините се фаворити, на останатите пет гостите со поголеми шанси за победа

Само утре останува НБА-екипите да одиграат три-четири натпревари и да се комплетира регуларниот дел од најсилното кошаркарско натпреварување во светот. На Западната конференција веќе се познати најдобрите 10-те екипи кои ќе продолжат во разигрувањето, додека на Истокот има многу повеќе непознаници.

Ноќеска се играат дури 10 средби, а интересно е дека според коефициентите, „силите се израмнети“, односно на пет меча домаќините се фаворити според понудените квоти, а на пет дуели поголеми шанси да стигнат до победа имаат гостинските екипи.

Во понудата има и голема понуда за „плус-минус“ поени на повеќе од 50 кошаркари.

Откриено е зошто Јамал жестоко негодуваше по победата над Атлетико (Видео)

Барселона во саботата го победи Атлетико во Мадрид, а освен погодоците, моментот кој го одбележа овој дуел се случи по последниот судиски свиреж. Тинејџерската ѕвезда на Барселона, Ламин Јамал, беше многу лут по средбата, дури влезе и во конфликт со тренерот Ханси Флик.

Каталонскиот весник „Мундо депортиво“ ја откри причината за лутата реакција на Ламин. Фудбалерот бил лут на тренерот на голманите на Барселона и одговорен за тактичката поставеност, Хосе Рамон де ла Фуенте. Еден од тренерите на Барселона го прекорил Јамал откако по една акција на Барселона во 85-тата минута, тинејџерот наместо да додаде, решил да шутира.

Во тој момент тренерот Хосе Рамон де ла Фуенте жестоко реагирал кон Јамал, па фудбалерот се налутил и откако заврши мечот, реагираше за постапката на тренерот.

Финансиски нокаут за Италија: Поради поразот од БиХ, Аѕруите ќе загубат милјарда евра!

Додека Босна и Херцеговина го слави историскиот пласман на Светското првенство, Италија доживува вистинска спортска и економска катастрофа поради фудбалскиот неуспех. Поразот од Босна и Херцеговина и пропуштањето на планетарниот собир, и тоа по третпат во низа, директно ја погоди италијанската економија, а штетата се проценува на неверојатни една милијарда евра.

Италијанската фудбалска федерација прва го почувствува ударот губејќи околу 30 милиони евра поради недостаток на награди од ФИФА и намалени плаќања од „Адидас“, додека продажбата на дресови и новите спонзорски договори се запрени.

Најголемите загуби доаѓаат од секторот за маркетинг и обложување, дури 700 милиони евра. Телевизиските канали остануваат без приходи од рекламирање, а спортските обложувалници бележат пад на прометот од 600 милиони евра.

Покрај тоа, угостителската и туристичката индустрија, таканаречената „Системска Италија“, губи околу половина милијарда евра поради празни ресторани и кафулиња, кои инаку би биле полни за време на натпреварите на националните тимови.

Промашените пенали од Пио Еспозито и Брајан Кристанте не се само спортска трагедија, туку и економски губиток што ќе се чувствува во Италија.

Новото офсајд правило кое е креација на легендарниот Венгер веќе се применува во Канада

На мечот од канадското фудбалско првенство меѓу Форге и Отава домашниот тим победи со 2:0, се случи историски момент. Во фудбалскиот свет за првпат на професионално ниво беше применета една голема иновација, беше искористено „Венгеровото правило“ за офсајд.

Клучен момент беше кога фудбалерот на Отава ја добива топката, а со телото е пред противничките играчи и според актуелното правило за офсајд, се наожа во недозволена позиција. Сепак, во Канада започна примената на новото „Венгерово правило“ за офсајд, кое вели дека играчот е во дозволена ситуација дури и ако само со еден милиметар од телото е во иста линија со противничкиот играч.

Во една таква ситуација која би била офсајд во остатоткот од светот, во Канада судиите дозволија играта да продолжи. Се очекува новото „Венгерово правило“ за офсајд во скоро време да биде применето во целиот свет.

Силекс го преслуша Тиквеш во Кавадарци, Башкими и Брера останаа без „муниција“

Силекс без никакви проблеми стигна до три бода на гостувањето во Кавадарци во меч од 26-тото коло на Првата фудбалска лига на Македонија откако убедливо со 3:0 славеше против Тиквеш. Со оваа победа Силекс се зацврсти на четвртото место на табелата со 46 бода, додека Тиквеш остана петти со 37 бода.

Победата на гостите од Кратово ја најави Мигуел Пирес со погодокот во 17-тата минута. За португалскиот интернационалец ова беше 10-ти погодок сезонава. Пред крајот на првото полувреме, односно во 41-вата минута, босанскиот интернационалец Алиќ со својот седми погодок сезонава зголеми на 2:0, резултат со кој се отиде на одмор. Печат на победата на Силекс стави Велиновски со погодокот во 85-тата минута.

Во вториот меч кој се играше денеска, Башкими во Куманово одигра без голови против Брера. Сега Башкими има 37 бода и е на шестото место, додека струмичка Брера е на седмото место со 32 бода.

Барса налето ќе го откупи Жоао Кансело

Барселона започна преговори за трајно ангажирање на португалскиот бек Жоао Кансело. Во моментов Кансело настапува за Барселона како позајмен играч од Ал-Хилал, но каталонскиот гигант сака да го задржи со перманентен договор.

Од двете страни постои желба за продолжување на соработката. Барселона сака да го има во своите редови преку траен трансфер, додека и Кансело сака да остане на „Камп ноу“.

Преговорите се во тек, а Ал-Хилал ќе треба да ги утврди условите под кои бекот ќе може да го комплетира трансферот во лидерот на шпанската Ла Лига.