Дома Blog Страница 121

Винисиус: „Јас и Јамал сме богати, но мора да се бориме за сиромашните во светот“

Sвездата на Барселона, Ламин Јамал, неодамна беше гласен и ги критикуваше навивачите кои скандираа против Муслиманите на пријателскиот меч помеѓу Шпанија и Египет. Тој доби поддршка и од ѕвездата на вечниот ривал, Винисиус, кој долго е на удар на расизам.

„Многу е важно Јамал за ова да зборува бидејќи тоа може да им помогне на другите. Ние сме познати, имаме пари и полесно се носиме со тоа, но сиромашните и црномурните луѓе во светот сигурно се борат повеќе од нас. Затоа ние, кои сме гласни, мора да се држиме заедно“, порача Винисиус.

Навивачите на мечот помеѓу Шпанија и Египет скандираа: „кој не скока тој е Муслиман“, со очигледна намера да ги навредат гостите, но меѓу погодените се најде и Ламин Јамал.

Политано е џокерот на Конте: Наполи го победи Милан и се искачи на второто место (Видео)

Матео Политано е херојот на Наполи во победата од 1-0 над Милан. Џокерот кој Антонио Конте го уфрли во игра во 74-тата минута, само пет минути подоцна донесе голема победа која значи прогрес на Наполи до второто место на табелата.

Наполи сега има 65 бода, седум помалку од лидерот Интер, а Милан падна на третото место со 63 поени.

Елиф Елмас беше уфрлен во игра во 85-тата минута, во моментите кога Милан жестоко напаѓаше за да го израмни резултатот.

Драма во Африка: Седуммина фудбалери „исчезнаа“ по гостувањето на репрезентацијата

Седуммина фудбалери од репрезентацијата на Еритреја не се вратиле дома по историската победа против Есватини, што претставува сериозен удар за тимот. Додека дел од играчите се враќале со лет од Јужноафриканската Република, седуммина наводно избегале и останале во странство.

Ова доаѓа во момент кога репрезентацијата славеше голем успех – победа од 2:1 и вкупни 4:1, со што се пласира во квалификациските групи за Африканскиот куп на нациите за првпат по 19 години. Наместо спортска еуфорија, ситуацијата повторно е засенета од сериозни проблеми надвор од теренот.

Ваквите случаи не се новост за Еритреја. Во последните две децении се случија повеќе слични инциденти. Во 2019 година седуммина фудбалери од репрезентацијата до 20 години исчезнаа во Уганда. Четири години претходно, десет сениорски репрезентативци одбија да се вратат од Боцвана, а во 2013 година дури 15-мина фудбалери и членови на експедицијата добија азил во Уганда. 

Најсериозниот инцидент се случи во 2009 година, кога речиси целиот национален тим не се врати од Кенија.

Според организации за човекови права, власта во главниот град Асмара се смета за репресивна, иако официјалните власти ги отфрлаат тие обвинувања. Поради тоа, голем број граѓани на Еритреја со години бараат азил во странство.

Иако навивачите се надеваа дека победата над Есватини ќе означи нов почеток за фудбалот во земјата, ваквите случувања покажуваат дека проблемите се многу подлабоки – и дека за многумина, ова сценарио веќе не е изненадување.

Лотар Матеус го провоцира Реал: „На таков клуб не му доликува вакво однесување, Винисиус е плачко“

Во пресрет на дуелот меѓу неговиот поранешен клуб Баерн Минхен и Реал Мадрид, поранешниот светски фудбалер на годината, Лотар Матеус, упати остри критики кон најтрофејниот тим во Лигата на шампионите.

Матeус не штедеше зборови ниту за ѕвездата на Кралскиот клуб, Винисиус, ниту за однесувањето на клубот во последните години.

„Винисиус секако е одличен играч, но бескрајно провоцира. Кога конечно некој ќе го оттурне како што треба, тој само се жали, па дури и плаче. Тоа е типично за него“, изјави Матeус.

Тој се осврна и на бојкотот на Реал Мадрид на церемонијата за Златната топка 2024, што за него е неприфатливо:

Родри беше избран за најдобар играч во светот, а тие рекоа дека не е праведно и дека некој од нив требало да победи, па затоа ја бојкотираа церемонијата. Тоа едноставно не се прави. Од почит кон противниците и другите играчи – тоа не се прави. И сите медиуми го оценија тоа негативно, па клуб со толкава историја губи дел од својот престиж“, додаде тој.

Двата гиганти ќе се сретнат во четвртфиналето од Лигата на шампионите. Првиот меч се игра на „Сантијаго Бернабеу“, додека реваншот е осум дена подоцна на „Алијанц арената“.

Матeус смета дека Баерн е фаворит:

„Гледам одредени слабости кај Реал кои порано не постоеја. Тоа се гледа и во промените на тренерите. Килијан Мбапе долго време беше повреден, многу се зборува за Винисиус – не само за неговите игри. Има и други проблеми во Реал, што за мене е голема предност за Баерн“, заклучи тој.

Шокантни сцени од нисколигашки меч во Србија: Гостински навивачи тепаа се пред себе (Видео)

Шокантни сцени доаѓаат од еден натпревар во пониските лиги на Србија, каде што мечот се претвори во целосен хаос откако група хулигани влетаа на теренот и ги нападнаа играчите и стручниот штаб на домашниот тим.

Дуелот меѓу Слобода од  Долни Товарник и Ветерник од 20-тото коло во Српската лига – Војводина (трет ранг) се претвори во вистински хорор.

Инцидентот се случил за време на натпреварот, кога непознати лица ја прескокнале оградата и втрчале на теренот, по што ситуацијата експлодирала за неколку секунди.

Наместо спортска борба, следувала физичка пресметка, при што според информациите, најлошо поминале домашните фудбалери и тренерот, кои биле директна цел на нападот.

Натпреварот веднаш бил прекинат, а подоцна и продолжен, но ситуацијата предизвикала целосен хаос на стадионот. Полицијата интервенирала и започната е истрага за да се утврдат сите околности и идентитетот на напаѓачите.

На социјалните мрежи се појави и видео од инцидентот, на кое се гледа како навивачи на Ветерник влетуваат на теренот и ги напаѓаат играчите на Слобода.

Во продолжението од мечот, Ветерник стигнал до победа со гол во 17-тата минута од судиското надополнување.

Од Слобода се огласија преку официјалниот сајт и остро го осудија инцидентот:

„Вчера, за жал, фудбалот падна во втор план. Играчите, стручниот штаб и управата на клубот беа изложени на напад од страна на хулигани од Ветерник, а сцените што се случија немаат место никаде, особено не на спортските терени.

Најостро го осудуваме секој вид насилство и веруваме дека спортот мора да остане простор на ферплеј, почит и достоинство. Се надеваме дека Фудбалскиот сојуз на Војводина ќе реагира соодветно и ќе ги заштити клубовите“, стои во соопштението.

 

Ги освоија симпатиите кога беа дел од Серија А, а сега по пет години повторно се враќаат на големата сцена

По три години отсуство, Беневенто се враќа во Серија Б, односно вториот фудбалски ранг во Италија.

На три кола пред крајот, Беневенто и математички ја обезбеди титулата во групата „Б“ на Серија Ц.

Во 35-тото коло славеа на гости против Салернитана со 1:0, а одлучувачкиот гол го постигна Франческо Салвемини од пенал во 68-мата минута.

Беневенто сега има 80 бода на врвот, 12 повеќе од Катанија, кој беше поразен од Пичерно со 2:1.

Шампионите од трите групи во Серија Ц директно обезбедуваат пласман во повисок ранг, додека последниот патник ќе се одреди по плејофот, во којшто учествуваат вкупно 27 екипи.

Беневенто има турбулентни години зад себе. Во 2021 година испадна од Серија А, а во 2023 и од Серија Б.

Две испаѓања во три години го вклучија алармот во клубот, а дел од навивачите сега му го свртеа грбот на клубот. Се зборуваше дури и за згаснување, но љубовта кон клубот надвладеа.

Поединци ја презедоа иницијативата, со поддршка од навивачите, и успеаја да го стабилизираат клубот. Наградата за тоа е враќањето во Серија Б по три години.

Во Беневенто дуваат нови ветрови. По краткиот престој во Серија А, клубот освои многу симпатии, а сега ужива во славеничка сезона.

Од клубот не брзаат со големи амбиции – следната цел е стабилизација во Серија Б, а потоа времето ќе покаже дали повторно ќе ги видиме и во елитата.

Манчестер јунајтед ќе се ослободи од осуммина фудбалери за да донесе еден нов

Манчестер јунајтед размислува за сериозна „чистка“ во составот ова лето. Според информациите, клубот е подготвен да се раздели најмалку со осуммина фудбалери за да ослободи финансиски средства за една од главните цели – доведување на играчот од средниот ред на Нотингам форест, Елиот Андресон, чија цена се проценува на околу 100 милиони фунти.

Меѓу фудбалерите кои би требало да бидат продадени се Расмус Хојлунд, Маркус Рашфорд, Мануел Угарте, Џошуа Цикрзе и Андре Онана. Се очекува од трансферите на Хојлунд и Рашфорд клубот да инкасира околу 64 милиони фунти, врз основа на договорите со Наполи и Барселона за нивните позајмици.

Раководството смета и на околу 19 милиони фунти од евентуален трансфер на Онана, кој моментално настапува како позајмен во Трабзонспор. Во исто време, Јунајтед најверојатно ќе претрпи финансиска загуба при разделбата со Угарте и Циркзе, за кои беа платени високи суми.

Покрај планираните продажби, клубот има намера да се раздели и со Малакиа, Санчо и Каземиро, чии договори нема да бидат продолжени. На овој начин Црвените ѓаволи значително ќе ги намалат трошоците за плати, при што само неделната плата на Каземиро изнесува околу 350.000 фунти.

Сепак, Манчестер јунајтед не е единствениот клуб заинтересиран за Андерсон. Британските медиуми најавуваат дека интерес за него има и од Манчестер сити, од каде што во него гледаат замена за Бернардо Силва.

Јувентус не се откажува од ЛШ, го искористи киксот на Комо и дојде на бод од четвртото место (Видео)

Серијата позитивни резултати за Јувентус продолжи и на мечот против Џенова, па Старата дама сега има пет меча без пораз.

Јувентус во Торино славеше со 2-0 и го искористи поразот на Комо, па сега се доближи само на бод од четвртото место на табелата кое носи пласман во Лигата на шампионите за следната сезона.

Бремер во четвртата минута го отвори резултатот и донесе водство од 1-0 за Старата дама, а конечните 2-0 беа поставени уште во 17-тата минута, кога погоди Вестон Мекени.

Јан Облак се враќа во вистински момент, за дуелите против Барселона во ЛШ

Вториот капитен на Атлетико Мадрид, Јан Облак, заедно со младите фудбалери Марк Пубил и Родриго Мендоса, повторно се приклучија на тренинзите, пренесуваат шпанските медиуми.

Тимот на Диего Симеоне активно се подготвува за првиот четвртфинален дуел во Лигата на шампионите против Барселона, кој е закажан за в среда. Сепак, настапот на тројцата фудбалери сè уште не е целосно сигурен, иако постојат добри шанси да бидат подготвени.

Облак последен пат настапи на 10 март, кога Атлетико славеше со 5-2 против Тотенхем во првиот осминафинален натпревар од елитното натпреварување. Враќањето на голманот е од големо значење за тимот, особено ако се има предвид дека во негово отсуство екипата прими осум гола на четири натпревари во сите конкуренции.

Неизвесен за натпреварот е и Хосе Марија Хименес, кој заработи удар при поразот од 1-2 од Барселона во саботата, во шпанското првенство.

Според најавите од шпанските медиуми, Хименес најверојатно нема да започне на „Камп ноу“, па тренерот Диего Симеоне би можел да се одлучи за тандемот Робин ле Норман и Давид Ханцко во срцето на одбраната.

Граѓаните потврдија дека Бернардо Силва заминува од „Етихад“: „Секоја убава приказна има крај“

Бернардо Силва, капитенот на Манчестер сити, ќе го напушти клубот по завршувањето на сезоната, кога истекува неговиот договор. Оваа вест, која британските и португалските медиуми ја најавуваа со недели, официјално ја потврди Пеп Линдерс, асистентот на Пеп Гвардиола.

Силва, кој има 31 година, пристигна на „Етихад“ од Монако во 2017 година. Во саботата го одигра својот 450-ти натпревар за клубот, освојувајќи 19 трофеи, меѓу кои шест титули во Премиер лигата и трофеј во Лигата на шампионите.

„Никогаш не барате замена за ваков тип на играч бидејќи таква едноставно не постои. Бернардо е уникатен, начинот на којшто ја контролира играта, како се движи, како ја прима топката, како го води тимот и како носи одлуки. Не барате негова копија, туку играч кој може да расте со тимот и да се вклопи во првите единаесетмина. Се надеваме дека младите од академијата, како и оние што веќе ги донесовме, ќе го направат тој чекор во средниот ред.

Ќе биде тешко бидејќи кога Бернардо не игра, неговото отсуство веднаш се чувствува. Замислете како би изгледала цела сезона без него. Но, секоја убава приказна има крај. Се надевам дека ќе ужива во последните шест недели и ќе се збогува на вистински начин – тој го заслужува тоа“, изјави Линдерс.