Дома Blog Страница 131

Челзи со „седмица“ до пласман во полуфиналето од англискиот ФА куп (Видео)

Екипата на Челзи на лесен и убедлив начин дојде до пласман во полуфиналето од англискиот ФА куп, каде му се придружи на Манчестер сити.

„Сините“ на домашен терен со 7-0 славеа над третолигашот Порт Вејл, кој немаше сили за нова сензација и пласман помеѓу најдобрите четири екипи.

Победникот и патникот во полуфиналето беше одлучено уште во првиот дел, после кој Челзи веќе имаше убедливи 3-0.

Грците поразени и во „Билјанини Извори“: Охрид ќе игра европско полуфинале!

Ракометарите на Охрид првпат во својата историја ќе играат европско полуфинале, откако успеаја да го елиминираат грчки Олимпијакос и да обезбедат пласман меѓу најдобрите четири екипи во Европскиот куп, натпреваруње кое минатата сезона го освои Алкалоид.

Дуелот во салата „Билјанини Извори“ заврши со минимален триумф од 25-24 на Охрид, па ако на ова се даде и победата од 31-26 на гостувањето во Пираја, тогаш македонскиот претставник и повеќе од заслужено ќе игра полуфинале на Европскиот куп.

Мечот во Охрид се играше гол за гол, домашните долго беа во водство, но „спориот“ почеток на второто полувреме ги врати Грците резултатски во мечот, успеаја дури и да поведат, но не и да стигнат блиску до севкупен пресврт.

Охрид со вкупни 56-50 го елиминираше Олимпијакос, па за европско финале ќе игра против словенечки Цеље.

Најефикасен во редовите на Охрид беше Анте Иванковиќ со осум гола.

Љубовта помеѓу Реал Мадрид и Ридигер ќе продолжи уште една сезона, но за помала плата

Реал Мадрид е многу блиску до постигнување договор со ветеранот во одбраната, Антонио Ридигер, за продолжување на соработката за уште една година.

Според информациите на шпанските медиуми, 33-годишниот германски репрезентативец е подготвен да го продолжи договорот, но со намалена плата во однос на сегашната.

Иако „кралскиот“ клуб обично е внимателен кога станува збор за продолжување договори со повозрасни фудбалери, случајот со Ридигер се смета за исклучок поради неговата огромна посветеност и клучна улога во тимот. Минатата сезона дефанзивецот играше на максимум и покрај проблемите со коленото, а по летната операција брзо се врати во врвна форма, покажувајќи дека е најстабилниот одбранбен играч во екипата во последниот период.

Раководството на клубот високо ја цени неговата страст и лидерство, додека самиот фудбалер не ги става финансиските услови во прв план, туку има желба да остане на „Сантијаго Бернабеу“ и да му помогне на тимот што е можно подолго.

Се очекува договорот за едногодишно продолжување да биде официјализиран во наредните недели. Со тоа, Реал Мадрид ќе го задржи јадрото на одбраната, потпирајќи се на искуството на Ридигер заедно со Едер Милитао и младите таленти Дийн Хујсен и Раул Асенсио.

Брегалница ја освои „Автокоманда“, трилинг на врвот од Втората лига

Фудбалерите на Брегалница од Штип први оваа сезона ја освоија „Автокоманда“ и направија вистински хаос на врвот од второлигашката табела.

Штипјани славеа во дербито на 23-тото коло од Втората лига со 0-1 на гостувањето кај Скопје и ги симнаа „пиратите“ во врвот. Стрелец на единствениот гол беше Никола Талески во 41-вата минута.

Старо-новиот лидер на табелата, Охрид Лихнидос, кој го предводи трилингот од екипи со 52 бода, но со најдобра гол-разлика во моментов, со убедливи 3-0 славеше над Новаци на домашен терен, а Шкендија Арачиново со двата автогола на Мартин Радуловиќ Величковиќ го победи Тетекс.

Резултати – 23. коло:

Охрид Лихнидос – Новаци 3-0
Скопје – Брегалница Штип 0-1
Шкендија Арачиново – Тетекс 2-0
Беласица – Осогово 0-0
Детонит Плачковица – Кожуф 3-2
Преспа – Каменица Саса 1-4
Слога Виница – Победа 4-2
Големо Коњари – Вардар Неготино (играат утре)

Косовски шок за Реал Мадрид: Ведат Муриќи ги сруши „кралевите“ (Видео)

Реал Мадрид доживеа шокантен пораз на гостувањето кај Мајорка и тоа пред се благодарение на фантастичниот гол на косовскиот репрезентативец, Ведат Муриќи, во 91-вата минута.

Домашните дојдоа во водство преку Ману Морланес во 41-вата минута, а Реал Мадрид долго се обидуваше да се врати резултатски во игра.

Тоа им успеа во 88-мата минута преку Едер Милитао, кој по пауза од четири месеци се врати на фудбалските терени, на најубав можен начин, со гол, кој се чинеше дека ќе ги спаси „кралевите“ од пораз, но на крајот се покажа дека тоа не беше доволно.

Косовскиот интернационалец, Ведат Муриќи, во 91-вата минута ја „закова“ топката во мрежата на Луњин и да донесе големи три бода за екипата на Мајорка.

Реал Мадрид останува на минус четири во однос на Барселона, но „каталонците“ вечерва имаат шанса да побегнат на плус седум, секако доколку победат на тешкото гостување кај Атлетико Мадрид.

Миовски даде гол, Ренџерс (привремено) се искачи на врвот од табелата (Видео)

Бојан Миовски продолжува да ги тресе мрежите во шкотскиот Премиершип, а неговата екипа, Глазгов Ренџерс барем привремено ќе биде лидер во првенството.

На нашиот репрезентативец му беа потребни само десеттина минути за да се запише во листата со стрелците, со оглед дека во игра беше уфрлен во 74-тата минута, а во 85-тата веќе погоди за конечни 4-2 против Данди јунајтед.

За Бојан Миовски ова е петти првенствен гол оваа сезона во дресот на Глазгов Ренџерс, екипа која сега има 66 бода, исто колку и Хартс, но и подобра гол-разлика. Сепак, конкурентот на Ренџерси има и меч помалку, бидејќи утре му гостува на Ливингстон.

Баерн имаше негатива од два гола, но со магичен пресврт во 100-тата минута дојде до победа (Видео)

Не го отпишувајте Баерн Минхен и кога губи со 2-0. Затоа „баварците“ се убедливо најдобрата екипа во Германија, па негативата од два гола на крајот ја претворија во победа од 2-3.

Фрајбург изненадувачки поведе со 2-0 со головите на Манѕамби во 46-тата и на Холер во 71-вата минута, па кога сите го отпишаа Баерн, следуваше магичен пресврт.

Тинејџерот Том Бишоф со головите во 81-вата и во 92-рата минута донесе израмнување на резултатот (2-2), а Ленарт Карл во 99-тата го комплетираше пресвртот за победа од 2-3.

Баерн Минхен сега има предност од 12 бода во однос на Борусија Дортмунд, но „милионерите“ имаат и меч помалку, па може да се вратат на минус девет.

Вардар пукна „петарда“ и повторно има +3 на врвот од Првата лига

Фудбалерите на Вардар го искористија подарокот на Шкендија и повторно имаат +3 на врвот од прволигашката табела, откако со убедливи 5-1 славеа над Македонија ЃП на Националната арена во Скопје.

Кој е кој на овој меч стана јасно уште по првите 45 минути, после кои Вардар имаше убедливи 2-0, а „лавовите“ од Ѓорче Петров останаа со човек помалку на теренот.

Дарко Велковски во 31-вата минута ги донесе „црвено-црните“ во водство, а само пет минути подоцна беше исклучен Колумбиецот Перес.

Во 42-рата минута Кастањеда зголеми на 2-0 и тоа беше резултатот на паузата.

Во второто полувреме вистинска голеада. Торес во 61-вата минута зголеми на 3-0, а осум минути подоцна во листата со стрелците се запиша и Бобан Николов.

Иван Галевски во 71-вата минута го постигна почесниот гол за гостите, кога намали на 4-1, а „петардата“ во мрежата на Македонија ЃП ја пукна Торес со неговиот втор гол на натпреварот во 75-тата минута.

Вардар сега има 61 бод на врвот од Првата лига, три повеќе од Шкендија, додека Македонија ЃП е на десеттото место со 23 поени и до крајот ќе ги очекува жестока борба за опстанок.

Познато е за кој клуб ќе игра Влаховиќ следната сезона, но и колку ќе заработува

Договорот на Јувентус со Душан Влаховиќ истекува на крајот од оваа сезона, но откако Србинот се повреди зимава, се поизвесно е дека тој ќе прифати да остане во редовите на „старата дама“. Во прилог на ова оди и фактот дека Лучано Спалети се очекува наскоро да го продолжи договорот за уште две сезони, а тој е голем фан на Влаховиќ и инсистира да остане.

Србинот планираше трансфер во Премиер лигата, а Барселона се споменуваше како најреална опција, сепак, последните информации од Италија се дека тој ќе остане во Јувентус, но за помала плата. До сега заработуваше бруто 14 милиони евра, а во иднина со новиот договор платата ќе му биде намалена на девет милиони евра.

Јувентус го купи Влаховиќ пред четири години од Фиорентина за фантастични 85 милиони евра, но неговата вредност во моментов се проценува на „само“ 35 милиони евра. Оваа сезона во дресот на „старата дама“ одигра 18 меча со ефект од шест гола и три асистенции.

Бизарна ситуација во Маџари: Фудбалер на Тетекс си постигна два автогола за едно полувреме (Видео)

Во тек се натпреварите од Втората фудбалска лига, а бизарна ситуација се случи на стадионот „Борис Трајковски“ во скопската населба Маџари, каде играат екипите на Шкендија Арачиново и Тетекс.

Домашните имаат предност од 2-0 по првиот дел, но интересно, ниту еднаш не ја затресоа противничката мрежа, а тоа за нив двапати го стори дефанзивецот на Тетекс, Мартин Радуловиќ Величковиќ.

Поранешниот младински репрезентативец на Македонија успеа двапати за едно полувреме, во шесттата и во 45-тата минута да ја затресе сопствената мрежа и да го измами голманот Хаџибулиќ. Посебно за истакнување е вториот (авто)гол, кој беше постигнат во стил на расен стрелец.