Дома Blog Страница 137

Доменек: Англија не е претендент за титулата на СП 2026, нив никој не ги сфаќа сериозно

Поранешниот селектор на француската репрезентација, Рајмон Доменек, ја критикуваше фудбалската репрезентација на Англија, велејќи дека тие немаат никакви шанси да се надеваат дека може да стигнат до титулата на Светското првенство кое летово ќе се игра во САД, Канада и Мексико.

Според составот на играчите кои ги има, но и добрите резултати во последно време, Англија, според букмејкерите, но и според дел од аналитичарите, се најавува дека може да биде еден од главните фаворити за освојување на трофејот. Сепак, со тоа не се согласува Доменек.

На прашањето дали Англија е меѓу таа елитна група потенцијални шампиони, Доменек беше нештедлив во својата проценка, нагласувајќи дека тежината на историските неуспеси сè уште тежи врз националниот тим, без оглед на талентот што му е на располагање на Тухел.

„Англичаните не се меѓу фаворитите. Сите се согласуваме дека е така, нели? Тие имаат создадено таква слика на „губитинци“, што никој повеќе не ги сфаќа сериозно. Тоа е ужасно“, рече 74-годишниот француски тренер и некогашен предводник на Галските петли.

Во речиси стогодишната историја на Мундијалите, Англија има само една титула, и тоа таа во 1966 година, кога до пехарот стигнаа на домашно тло. Тоа е и единствениот трофеј од големите натпреварувања за Англија затоа што Гордиот албион уште никогаш не бил европски првак.

Играчите на Спортската прогноза типуваат: Два меча викендов сигурно завршуваат нерешено

Остануваат уште помалку од 24 часа до крајот на типувањето за најпопуларната бесплатна игра во Македонија, Спортската прогноза на Sport Life. Неколку натпревари го привлекуваат вниманието, како што е дербито во англискиот ФА куп помеѓу Манчестер сити и Ливерпул, односно дербито во Ла Лига помеѓу Атлетико Мадрид и Барселона, но за два меча има интересни очекувања.

Натпреварите помеѓу Хетафе и Атлетик Билбао, односно меѓу Мец и Нант се очекува да завршат нерешено, а дури 51% од типувачите веруваат во ваков исход.

Прогнозерот кој ќе има 13 погодени натпревари на подарок ќе добие iPhone 16. За 12 погодени меча следува вредносен ваучер од 1.000 денари во Sport Life, додека 11-ката носи ваучер од 500 денари. Најдобриот во генералниот пласман ќе добие подарок смарт телевизор самсунг 55“.

Пике и Роналдо подготвуваат голем фудбалски прокет: Некогаш ривали, а сега соработици?!

Жарарт Пике и Кристијано Роналдо некогаш делеа иста соблекувална во Манчестер јунајтед пред да станат големи ривали во Шпанија. Сега поранешниот дефанзивец на Барселона навести дека нивните патишта би можеле повторно да се вкрстат – и тоа во сосема поинаков контекст.

Каталонската легенда потврди амбициозни планови за проширување на Kings League, вклучувајќи старт во Португалија и потенцијална соработка со ѕвездата на Ал-Наср.

Kings League (Кралската лига) – иновативното фудбалско натпреварување со седуммина играчи, создадено од Пике во 2023 година – влегува во нова фаза на глобален развој. За време на пренос во живо на социјалните мрежи, поранешниот играч на Каталонците и Црвените ѓаволи откри дека лигата ќе претрпи значајни промени во структурата и локациите, при што Португалија е еден од приоритетните пазари за интернационализација.

„Ќе го видите тоа во наредните месеци. Намерата ни е да се прошириме во други земји – интерес има,“ изјави Пике. „Нашиот модел е поинаков од самиот почеток. Веќе работиме во девет лиги. Идејата е во новите земји лигите да ги водат локални компании под брендот ‘Кралска лига’. Тоа ја исклучува САД од овој конкретен модел.“

Споменувањето на Португалија веднаш го стави Роналдо во фокусот. Пике, кој добро го познава од времето на „Олд Трафорд“, не ја исклучи можноста за соработка, што би предизвикала голем интерес во спортската јавност.

На прашањето дали Роналдо би можел да биде дел од португалската верзија на лигата, Пике одговори со мистериозна насмевка: „Го имам неговиот контакт…“. Иако не откри детали, оваа изјава беше доволна да ја разбуди фантазијата кај фановите.

Легендарниот Џерард открива: „Мојот сон е да бидам тренер на Ливерпул“

Легендата на Ливерпул, Стивен Џерард, изрази подготвеност да се врати на „Енфилд“ како асистент на врвен менаџер, но во исто време се дистанцира од можноста да ја преземе улогата на привремен тренер.

Името на Џерард се споменуваше како потенцијално решение за привремен стратег доколку клубот реши да се раздели со Арне Слот пред крајот на сезоната. Сепак, според информациите од клубот, Холанѓанецот не само што ќе ја добие довербата до крајот на кампањата, туку се очекува да остане и следната сезона.

Џерард потврди дека иако водечка улога во моментов не е реална, би бил отворен за враќање во клубот како асистент во иднина, изразувајќи сомнеж дека е вистински избор за привремена функција.

Џерард ја нагласи својата силна емоционална поврзаност со клубот, која, според него, станала уште посилна откако заминал.

„Имам одличен однос со клубот, отсекогаш сум го имал и веројатно е уште посилен откако си заминав. Тие секогаш биле неверојатни. Во секоја област во која би можел да помогнам, секогаш би се обидел да го направам тоа“, изјави тој.

На прашањето дали има амбиција еден ден да стане главен тренер на Ливерпул, беше искрен:

„Претпоставувам дека сакате да знаете дали сакам еден ден да го водам Ливерпул? Секако, тоа би било сон. Дали сум подготвен сега да ја преземам таа улога дури и на одреден период? Веројатно не. Но, дали постои можност во иднина да бидам покрај некој врвен менаџер? Зависи од тоа кој е и како ќе се одвива разговорот.“

Иако веќе има искуство како главен тренер во Ренџерс, Астон вила и Ал-Етифак, Џерард не смета дека враќањето во улога на асистент би било чекор назад доколку таа е јасно дефинирана.

„Мора да ја разбереш улогата пред да ја прифатиш – таа е да го поддржуваш менаџерот. Би го направил тоа за Ливерпул ако ме повикаат и ако сметаат дека сум вистинскиот човек – да, би бил отворен за таква можност“, заклучи легендарната „осмица“ на Црвените.

Манчестер сити го прави и невозможното за да го задржи Родри

Второпласираниот тим во Премиер лига, Манчестер сити, прави сè што може за да го задржи својот освојувачот на Златната топка, Родри.

Според трансфер-експертот Фабрицио Романо, клубот веќе му понудил нов договор на шпанскиот репрезентативец.

Доколку го продолжи договорот, Родри ќе добие значително зголемување на платата. Во спротивно, Граѓаните ќе се обидат да го продадат во летниот преоден рок.

Актуелниот договор на Родри е со важност до 2027 година. Во последните недели се појавија информации за интерес од Реал Мадрид, но Кралскиот клуб разгледува и други опции за засилување на средниот ред.

Од почетокот на сезоната, Родри има одиграно 28 натпревари во сите конкуренции за Манчестер сити, при што постигнал 2 гола.

Ќе го крева нивото на Дојранско Езеро, а пред тоа мисијата е добитен хуманитарен тикет

Кога ваш татко е еден од најголемите голмани што ги родила Македонија, Благој Истатов, природно е дека и Мишел ќе биде „заразен“ со најважната споредна работа на светот, фудбалот.

Периодов Мишел Истато како дел од управата на фудбалскиот клуб Дојранско Езеро, напорно работи на кревање на нивото и квалитетот на тимот кој сакаат да го однесат во Втората лига. За таа цел свој придонес ќе дава и актерот, шоумен, музичар, писател и што уште не, популарниот Игор Џамбазов, кој пред неколку дена беше наименуван за претседател на клубот.

ПРИЈАТЕЛСТВОТО НА ИГОР ЏАМБАЗОВ СО ИСТАТОВИ Е ДОЛГОГОДИШНО

„Пријателството на семејството Истатови со Игор Џамбазов датира од многу одамна. Водејќи се од мотивот во идниот период клубот Дојранско Езеро да го подигне квалитетот на екипата и амбициите да учествува во повисок ранг на натпреварување, како и присуството на Игор во Дојран, ни дојде идеја да му предложиме да биде претседател на клубот. Тој поголемото време го минува во Дојран, живее тука, го сака клубот, ни дава поддршка и секако има позитивни идеи за развој на клубот“, вели Истатов за соработката со Џамбазов.

Неизбежно беше и да се спомне Благој Истатов, некогашниот долгогодишен и одличен чувар на мрежата на Беласица, Победа, Партизан и Утрехт.

„Мојот татко никогаш не нè терал и не ни вршел притисок да се бавиме со спорт или фудбал, но секогаш ни даваше поддршка за сè она што го правевме и го правиме. Природно и нормално е кога во семејството постојано тема на разговор е фудбалот и кога има секојдневни лични контакти со фудбалери и фудбалски работници, неминовно е да го продолжите овој пат и, секако, неизбежни се предизвиците што ги носи не само фудбалот, туку спортот воопшто“, вели Мишел.

НЕ Е ЛЕСНО ДА СЕ НАЈДАТ ДЕВОЈЧИЊА КОИ ЌЕ ТРЕНИРААТ ФУДБАЛ 

Мишел Истатов е дел и од Комисијата за женски фудбал во ФФМ.

„Женскиот фудбал во однос на машкиот реално е на многу пониско ниво, но од година во година се подобруваат не само условите, туку и квалитетот на клубовите и репрезентациите. Факт е дека не е лесно да се најдат доволно девојчиња кои би се занимавале со фудбал, мислејќи дека ова е машки спорт, но сепак сметам дека со поголеми активности во училишниот спорт, ќе има уште подобри резултати. Веќе се работи на подобрување на фудбалската инфраструктура во смисла на добри терени, соблекувални и слично. Најважно е што имаме голема поддршка од ФФМ и неговото раководство, а наше е да помогнеме во развојот на женскиот фудбал“, објаснува Истатов, кој состави хуманитарен тикет со осум пара, а ако биде добитен тикетот, веќе одлучи каде ќе донира, но не сакаше да открие, прво да погоди, па со задоволство ќе каже.

„Не сум многу љубител на обложувањето, но понекогаш може да се обложам онака во друштво. Сум имал и добивки, а некогаш и недобитни тикети со една или две утки“, заклучува човекот од кој фудбалскиот Дојран има големи очекувања.

Фабијани почна да учи македонски јазик

Аргентинскиот стратег Кристијан Фабијани полека се прилагодува на скопските услови. Тренерот кој пред неколку дена пристигна во Македонија, треба да биде официјализиран како нов предводник на Вардар од следната сезона.

Фабијани е Аргентинец кој до пред неколку месеци има работено во тамошниот култен тим Њуелс олд бојс, од каде што првите чекори ги има направено и Лионел Меси. Челниците на Вардар уште за време на зимските подготовки најавија дека Фабијани е еден од главните претенденти за нов стратег, а сега со доаѓањето на Аргентинецот во Скопје, јасно е дека се чека само официјална промоција.

Вардар до крајот на сезонава останува да го води Гоце Седлоски, човекот кој успеа од екипа која пред година и пол се бореше за опстанок, сега да направи тим кој е главен фаворит за освојување на титулата во првенството. Пред нецела година, Седлоски со Вардар се радуваше на трофејот во Купот, но сезонава нема да го одбрани тој примат затоа што Црвено-црните беа елиминирани во четвртфиналето од второлигашот Охрид.

Дека Фабијани одлично се вклопува во нашите услови, потврдува и со неговите постови на социјалните мрежи, а според последното објавено, Аргентинецот очигледно започна и со учење на македонскиот јазик. Неговата порака од утрово е „Среќен петок“.

Вардар, кој е лидер во Првата лига, утре на арената „Тодор Проески“ е домаќин на Македонија Ѓорче Петров, а билети за овој меч може да се купат ТУКА. 

Ова е лудост, билет за финалето на СП 2026 се продава за 11.000 долари !

Светската фудбалска организација повторно е критикувана поради цените на натпреварите од Светското првенство во САД, Канада и Мексико. Вчера за првпат имаше отворена продажба за навивачите без да мора да учествуваат во лотарија или да добијат посебен пристап. Илјадници навивачи се обидоа да влезат во порталот на ФИФА, а некои чекаа со часови, а системот даде бројни грешки.

Се покажа дека поради принципот на динамично одредување цени, кој ФИФА првпат го воведе за натпреварите од Светското првенство, цените се дури и повисоки отколку кога првата серија беше пуштена во продажба во декември. Тогаш, најскапиот билет за финалето вредеше 8.680 долари, а сега досгигнува цена од 10.990 долари. Ова го прави натпреварот за трофејот автоматски најскапиот фудбалски натпревар во историјата.

За споредба, најскапите билети за финалето во Катар вредеа 1.604 долари.

Анкетата на Би-би-си за денешните цени на билетите за финалето покажува дека тие се за 38,23% повисоки отколку во декември. Цените се зголемија и за најбараните натпревари, вклучувајќи ги најдобрите тимови и другите клучни нокаут-натпревари.

Веб-страницата објави дека од 72 натпревари од групната фаза, моментално билети може да се купат за 35 средби. „Атлетик“ додаде дека билетите за околу 40 од 104 натпревари од Светското првенство денес биле поскапи отколку во претходната фаза на продажба.

 

Најсилните европски лиги се вратија на „менито“

1701 ПСЖ – Тулуз (20:45 ч.)

Пари Сен Жермен е голем фаворит, но Светците загубија на последниот меч кој го играа пред своите навивачи и сигурно ќе сакаат да се коригираат. Тулуз игра квалитетно на гостински терен, но сепак тешко е да се верува дека ќе може да му парира на актуелниот француски првак.

Традицијата во меѓусебните дуели на овие ривали вели дека ПСЖ има 11 победи во последните 13 дуели против Тулуз и најчесто тоа се пресметки со повеќе погодоци.

Предлог тип: 1-1&3+ (2.40)

 

1301 Рајо Валјакано – Елче (21 ч.)

Две екипи кои се во долниот дел од табелата и главна цел им е да обезбедат опстанок во лигата. Ова се и екипите кои имаат најмногу нерешени средби сезонава, по 11-пати играле без победник. Сепак, кога се работи за меѓусебните дуели на последните шест дуели на Рајо и Елче секогаш победувал домашниот тим.

Рајо со 28 дадени гола во 29 меча го има вториот најслаб напад во целатс лига, додека Елче ја има една од најслабите одбрани.

Предлог тип: 1Х&0-3 (1.66)

 

1021 Ковентри – Дерби (21 ч.)

Ковентри е лидер во Чемпионшип во Англија и е пред влез во Премиер лигата. На свој терен Ковентри има дури 14 победи во 19 меча и со 40 погодоци има просек од над два гола на меч.

Дерби има свои калкулации затоа што уште е во игра за влез во Топ 6 и да се бори за плејоф кој води во Премиер лига. Во мечот од првиот дел од сезоната Ковентри победи со 5:3, па и сега може да се очекува да биде возбудливо со многу погодоци

Предлог тип: ГГ3+ (2.11)

 

3151 Локомотив Пловдив – Локомотив Софија (18:45 ч.)

Домаќините ја имаат улогата на фаворити, но тоа не значи дека гостите од Софија предвреме ќе се предадат. Традицијата вели дека на шест од последните седум меѓусебни дуели, голови имало на двете страни, односно било гол-гол, но четири од последните пет средби немало повеќе од два погодоци.

Предлог тип: 0-1 I & 0-1 II (2.07)

 

1538 Спортинг – Санта Клара (21:30 ч.)

Спортинг нема друг избор освен да победи за да остане во чекор со лидерот Порто. Санта Клара е во долниот дел од табелата, дури на 13-тото место, но игра во одлична форма и има три победи во низа, а нема загубено на последните пет средби.

Сепак, гостувањето во Лисабон кај Спортинг е еден од најголемите предизвици, па гостите тешко дека ќе се одбранат.

Предлог тип: Т1 1-3 I & 1-3 II (2.04)

 

Во Струмица дуел на две екипи кои се борат за опстанок, Силекс нема да има милост кај Шкупи

Два меча од 25-тото коло во Првата фудбалска лига на Македонија се играат денеска, од 15:30 часот. Во Струмица, Брера ќе биде домаќин на Арсими во дуел на две екипи кои се борат да обезбедат опстанок. Арсими има 29 бода и е на седмото место, последно кое носи сигурен опстанок, додека Брера е со 28 бода и е веднаш зад денешниот ривал.

Двете екипи имаат слаби одбрани и во просек примаат речиси по два гола на меч, што само може да е најава дека ќе биде возбудливо во Струмица денеска. Ако се изземе отпишаниот Шкупи, Брера е тимот со најслаб биланс на домашен терен и сезонава во 11 меча победи само двапати и освои едвај 10 бода.

Во двата меча кои овие две екипи ги одиграа сезонава, Брера двапати победи, и тоа со 2:1 во Струмица и со 2:0 на гости кај Арсими.

Освен ова дерби за опстанок во Струмица, денеска се игра и дуел во Кратово меѓу Силекс и Шкупи. Силекс е апсолутен фаворит и само прашање е колку голови ќе примат гостите од Скопје.