Дома Blog Страница 140

Македонија за првпат ќе биде домаќин на едно од најзначајните младински спортски натпреварувања

Главниот град на Македонија, Скопје, за првпат ќе биде домаќин на едно од најзначајните младински спортски натпреварувања, Светското училишно првенство во ракомет 2026, кое ќе се одржи од 21 до 29 април, во организација на Федерацијата за училиштен спорт на Македонија, под покровителство на Министерството за спорт.

Со овој престижен настан, Скопје ќе стане центар на светскиот младински ракомет, обединувајќи млади спортисти од повеќе земји, со цел промоција на спортските вредности, ферплејот и меѓународното пријателство.

Свеченото отворање на првенството ќе се одржи на 21 април со почеток во 19.30 часот на Плоштад Македонија, каде што ќе биде организирана богата културно-уметничка програма и дефиле на сите учесници и претставување на репрезентациите.

На првенството ќе учествуваат вкупно 23 машки и 16 женски екипи, односно 21 делегација од различни земји од светот, кои ќе се натпреваруваат во шест спортски сали во Скопје: СРЦ „Македонско сонце“, СРЦ „Архиепископ Доситеј“, СРЦ „Кочо Рацин“, СРЦ „Крсте Мисирков“ и СРЦ „Антон Димитров“, додека финалните натпревари ќе се одиграат на 28 април, во спортската сала „Расадник“, кога ќе се одржи и свеченото затворање на првенството.

Во рамки на првенството, на 25 април ќе се одржи Cultural Day, ден посветен на културна размена, каде што учесниците ќе имаат можност да се запознаат со нашето културно и историско наследство. Истата вечер ќе се реализира и Nations Night, настан на кој делегациите ќе ги претстават своите земји преку традиција, музика и гастрономија, поттикнувајќи пријателство и меѓусебно разбирање.

„Горди сме што Македонија ќе биде организатор на ова престижно првенство. Ракометот, како спорт со длабока традиција во Македонија, има посебно место во срцата на нашите граѓани и претставува значаен дел од нашиот спортски идентитет. Би сакала да упатам искрена благодарност до Министерството за спорт на Македонија за поддршката и до Светската федерација за училиштен спорт за укажаната доверба. Македонија нема да биде само домаќин на спортско натпреварување, туку домаќин на младоста, енергијата и иднината на светот. На едно место се обединети млади спортисти од целиот свет, со различни јазици, култури и традиции, но со една заедничка вредност – љубовта кон спортот“, изјави претседателката на Федерацијата за училиштен спорт на Македонија, Елена Мицковска.

Организацијата на ваков настан носи значајни придобивки за државата, вклучувајќи ја промоцијата на Македонија како атрактивна спортска и туристичка дестинација.

Вардар пресилен за некомплетните Гладијатори, титулата чекор поблиску до Скопје

Вардар 1961 без поголеми проблеми го совлада ГРК Охрид и направи нов крупен чекор кон враќање на шампионската титула во своите витрини.

Гладијаторите во „Јане Сандански“ дојдоа драстично ослабени, нив приоритет им е дуелот со Олимпијакос од Европскиот куп в сабота, па уште пред да почне дербито во Скопје, можеше да се насети победникот. Вардарци со рутинска игра славеа со 31-21 и само чудо може да ги спречи од освојување на титулата бидејќи имаат шест бода предност пред Еурофарм Пелистер на седум кола до крајот и на почетокот на мај може да ја обезбедат титулата.

 

Фрчат оставки во Италија: По претседателот, се повлече и Буфон

Легендарниот Џанлуиџи Буфон потврди дека се повлекува од функцијата шеф на делегацијата на италијанската репрезентација по оставката на претседателот на Федерацијата, Габриеле Гравина.

Аѕурите по третпат по ред се надвор од Светско првенство, а Буфон изјави дека една секунда по фаталниот натпревар со БиХ ја поднел својата оставка, но бил замолен да почека со официјалното соопштение. Откако претседателот Габриеле Гравина го направи својот чекор порано денеска, и поранешниот голман објави дека сега се чувствува слободен да дејствува одговорно и да ја напушти својата позиција.

Буфон, кој ја држеше функцијата шеф на делегација од летото 2023 година, ја опиша својата одлука како итен чин диктиран од болката од неуспехот. Иако изрази доверба во тимот што го изгради заедно со селекторот Џенаро Гатузо, тој нагласи дека главната цел – квалификација за Светското првенство – не е постигната.

Легендата додаде дека е исправно да се остави идното раководство на Федерацијата да ја избере личноста што ја сметаат за најсоодветна за оваа улога. Во меѓувреме, се очекува и Џенаро Гатузо да го следи примерот на своите колеги и да ја напушти селекторската функција, со што ќе се комплетира целосното расклопување на сегашната управувачка структура во националниот тим.

Како иден претседател на Федерацијата се спомнува 82-годишниот Џани Ривера, кој е еден од најдобрите италијански фудбалери во историјата, а Роберто Манчини, со кого станаа европски прваци во 2021, изјави дека е убеден дека ќе се врати на селекторското место и шансите ќе му бидат големи ако Џовани Малаго биде прв човек на Федерацијата.

Сопственикот на Наполи има план за „рестарт“ на италијанскиот фудбал

По катастрофата на Италија во Зеница и неуспехот да се пласира на третото последовно Светско првенство, се редат реакции.

За „СпортИталија“ се огласи контроверзниот сопственик на Наполи, Аурелио де Лаурентис, и понуди решение за големиот проблем во вид на „рестарт“ на Серија А.

„Какво е чувството? За мене сè е јасно веќе десет години. Во Неапол имаме убав израз за тоа: ‘играчка во рацете на децата’. Секогаш велиме дека се играат премногу натпревари и тоа ги уништува нашите фудбалери“, изјави Де Лаурентис.

Каков главен проблем го посочи преголемиот број клубови во Серија А.

„Сетете се на 1986 година, Серија А имаше 16 клуба, а денес има 20. Ако се вратиме на 16, би ги заштитиле играчите, кои се имот за кој плаќаме ние, клубовите, а не ФИФА или УЕФА. Тогаш ќе има доволно време репрезентацијата да има долготрајни и квалитетни подготовки“, појасни првиот човек на шампионот на Италија.

Тој смета дека барањето индивидуални виновници е бесмислено, затоа што проблемот е во целиот систем.

„Барањето жртвени јагниња не служи за ништо. Години наназад предупредувам дека италијанскиот фудбал е во летаргија, дека ништо не се менува бидејќи во постоечката состојба сите некако преживуваат“, додаде тој.

На крајот, Де Лаурентис предложи конкретен план за закрепнување.

„Треба јасно да се каже, се игра премногу, 20 екипи во лигата се премногу. Лигата мора да има 16 клуба, а репрезентацијата треба да има два месеца за квалитетни подготовки. Тоа мора да биде кристално јасно, не можеме да си играме со туѓи пари. Доста е, нѐ изморија. Шеснаесет клубови, помалку натпревари, повеќе време за репрезентацијата, надоместок за повиканите играчи и целосно осигурување во случај на повреди. Тоа е нов почеток што ни треба. Сè треба да се поништи и да се почне одново веќе утре наутро“, заклучи Де Лаурентис.

Шест НБА-натпревари и 67-мина кошаркари во Полноќниот експрес (Фото)

Шест НБА-натпревари се на програмата претстојната ноќ, а тоа секако гарантира нова возбуда во Полноќниот експрес на Sport Life.

Оклахома сити тандер е фаворит на домашен терен против ЛА лејкерс, а Кливленд кавалирс би требало да слави на гости кај Голден стејт вориорс. Сепак, во НБА-лигата никогаш ништо не е сигурно и затоа е апсолутно интересно.

Покрај стандардните квоти, тука е и омилената игра „плус/минус поени“ на поентерскиот ефект на кошаркарите.

 

Арсенал тргнува по новата ѕвезда на Баер Леверкузен

Арсенал ја следи тинејџерската ѕвезда на Баер Леверкузен, Кристијан Кофане, тврди „Скај Германија“. Камерунецот остави одличен впечаток против Топчиите во двата натпревари, по кои Баер Леверкузен беше елиминиран со вкупен резултат 1-3 во осминафиналето на Лигата на шампионите.

Неколку други водечки англиски клубови, како и Реал Мадрид, исто така покажуваат интерес за 19-годишниот фудбалер.

Се очекува раководството на Баер Леверкузен ова лето да бара сума до 70 милиони евра за камерунскиот репрезентативец. Шефовите на клубот се во постојан контакт со агентот на Кофане околу неговата иднина.

Напаѓачот оваа сезона постигна вкупно седум гола и забележа осум асистенции во 39 натпревари во сите конкуренции за германскиот тим.

Демировиќ ќе го чести цел стадион за пласманот на БиХ на СП: „Штутгарт, пивото е од мене“

Победата на Босна и Херцеговина во плејофот за Светското првенство против Италија и пласманот на Мундијалот може навистина скапо да го чини напаѓачот на Штутгарт, Ермедин Демировиќ, откако ветил дека ќе ги чести пиво навивачите на својот клуб ако неговата репрезентација се пласира на турнирот.

Дваесет и осумгодишниот напаѓач го даде ова ветување пред почетокот на плејофот, кој заврши со триумф на неговата селекција по изведување пенали во Зеница.

„Реков дека ќе го направам тоа и го држам зборот. Пивото е на мој трошок“, изјави Демировиќ за „Скај спорт“, одговарајќи на прашањето дали ќе го исполни ветувањето.

„Веројатно ќе биде скапо, но го правам со задоволство по ваков успех. Штутгарт, пивото е на моја сметка“, истакна Демировиќ.

Босна и Херцеговина по вторпат во историјата ќе учествува на Светско првенство, каде што ќе игра во група заедно со кодомаќинот Канада, со Катар, како и со селекцијата на Швајцарија.

„Нереално чувство, немам зборови и го изгубив гласот. Навистина одигравме одлично и целосно заслужено одиме на Светското првенство. Сè уште не ми се верува во она што го постигнавме за нашата земја“, изјави фудбалерот.

Овој гест би можел Демировиќ да го чини околу 300.000 евра, со оглед дека стадионот на Штутгарт во просек собира околу 60.000 гледачи, а цената на пивото изнесува околу пет евра.

Штутгарт, кој се наоѓа на третото место во Бундеслигата, во сабота го пречекува второпласираниот тим на Борусија Дортмунд.

Кој ќе го наследи Гатузо? Конте или Алегри, треба да ја „реновираат“ Италија

Џенаро Гатузо не успеа да ја одведе Италија на Светското првенство и јасно е дека нема да остане на селекторската позиција. Медиумите од Апенините најавуваат дека тој ќе се повлече веднаш, а челниците на италијанскиот фудбал ќе имаат доволно време да го пронајдат неговиот наследник.

Со оглед дека неучеството на уште еден Мундијал во Италија се сфаќа како национална трагедија, јавноста очекува да биде пронајдено квалитетно решение за селекторската функција.

Според досегашните информации, во игра се две имиња, Антонио Конте и Масимилијано Алегри. Јавноста во Италија смета дека тие би можеле добро да го одработат процесот на реновирањето на националниот тим и да ги вратат Аѕурите во врвот на европскиот и на светскиот фудбал.

Следниот предизвик за Италија е закажан за 25 септември, кога ќе се соочи со Белгија во натпревар од Лигата на нациите. Претходно, најверојатно ќе има пријателски натпревари во јунскиот прозорец на ФИФА.

Тешка повреда за Решат Рамадани, го очекува операција и долга пауза

Фудбалерот на Шкендија и македонски репрезентативец, Решат Рамадани, претрпе сериозна повреда кинење на лигаментите на коленото и е принуден да се подложи на операција. За него оваа сезона е завршена, а го очекува и подолг рехабилитациски процес по хируршкиот зафат.

Дефанзивниот играч од средниот ред на Шкендија ја доживеа сериозната повреда за време на меѓународниот натпревар меѓу Ирска и Македонија што се одржа во Даблин. Рамадани беше воведен во игра во 60-тата минута, но издржа само 11 минути на теренот, по што беше принуден да го напушти теренот поради повреда.

Лекарските прегледи потврдија дека се работи за сериозна повреда на десното колено, што вклучува руптура на предниот вкрстен лигамент, оштетување на медијалниот менискус и дополнителни проблеми во околните структури.

Се очекува играчот да биде опериран во наредните денови, пред да започне фазата на рехабилитација, која се очекува да трае неколку месеци.

Легендарниот Роберто Баџо уште пред 15 години го предвиде крахот на италијанскиот репрезентативен фудбал

Италија претрпе нов огромен неуспех во обидот да стигне до пласман на Светското првенство, а медиумите повторно ја потсетија јавноста на „пророштвото“ на легендарниот Роберто Баџо. Уште во 2011 година тој предупреди дека за италијанскиот фудбал доаѓаат тешки времиња.

Сега Аѕурите не успеаја да се пласираат на трет последовен Мундијал, а неуспешни беа и нивните настапи на претходните два на кои сепак учествуваа, Светското првенство 2010 и Светско првенство 2014, каде што беа елиминирани уште во групната фаза.

Неколку недели по фијаското на Мундијалот 2010, Баџо беше назначен за претседател на техничкиот сектор на Италијанска фудбалска федерација. Во декември 2011 година тој претстави извештај од 900 страници, насловен „Обновување на иднината“, во кој предложи сеопфатна реформа на системот за развој на таленти во Федерацијата.
Сепак, на 23 јануари 2013 година, Баџо поднесе оставка од функцијата, истакнувајќи дека Федерацијата ги игнорирала неговите идеи за подобрување на системот и за поголем фокус кон младите таленти, што го натерало да се повлече.

Клучни акценти во неговата програма тогаш беа теми како: „Целосна реформа на италијанските академии и клубови“, „Национална програма за млади напаѓачи“, „Реформа во едукацијата на тренерите“, „Модернизација на скаутингот инспирирана од шпанскиот и холандскиот модел“ и други.

Во овој период Италија сепак бележеше солидни резултати на европските првенства, каде што стигна до две финалиња (ЕП 2020 – шампион, ЕП 2012 – сребро), четвртфинале (ЕП 2016) и осминафинале (ЕП 2024).