Дома Blog Страница 139

Мбапе: Да не играв за Франција, би играл за…

Родителите на Килијан Мбапе се од Камерун и Алжир, но секогаш негов прв избор била Франција, државата во која е роден, па немал дилема за кој национален тим ќе игра.

„Роден сум во Франција, Французин сум иако моето потекло е од Камерун и Алжир. Пораснав со француската култура, тоа ми доаѓа од срцето. А, ако треба да бирам меѓу играње за земјата на татко ми, Камерун или на мајка ми, Алжир? Пораснав повеќе со камерунската отколку со алжирската култура. Бев поблизок со моите камерунски роднини и семејството. Но, потоа станав поблизок со мојата алжирска страна. Би сакал да одам таму, никогаш порано не сум бил. Би го испратил брат ми Итан да игра за Алжир, а јас за Камерун“, рече Мбапе.

Еве зошто не треба да се оди со деца на белградското дерби (Видео)

Натпреварите на Црвена ѕвезда и Партизан се од висок ризик, тоа се потврди и вечерва во Арената, кога фановите направија хаос.

Пред почетокот на мечот, во ходниците на салата имаше голема тепачка на ѕвездините Делии со полицијата (жандармеријата). Се користеа секакви реквизити, како факли, појаси, дури и маси. Неофицијално, причината е што многу фанови не можеле да влезат во салата.

Потоа Гробарите, фановите на Партизан, кои беа сместени на горниот дел од трибините, фрлија топовски удар врз публиката која седеше долу, а таму имаше и жени и деца. Се појавија фотографии на кои едно девојче плаче, па со родителите ја напушти салата.

Србинка призна дека местела мечеви, доби петгодишна суспензија

Скандал го потресе српскиот тенис. Според одлуката на Меѓународната агенција за интегритет на тенисот, српската тенисерка Мила Машиќ е суспендирана четири години и десет месеца поради местење натпревари, а доби и парична казна од 20.000 долари.

Таа нема да може да излезе на теренот пред 23 октомври 2030 година, што може да значи и крај на кариерата.

Машиќ призна дека во 2024 година учествувала во местење на четири натпревари за финансиска компензација, како и дека не пријавила обиди за корупција. Во текот на досегашната кариера, 28-годишната Мила Машиќ најдобар рејтинг на ВТА-листата имаше кога беше 875-та на светот.

Реал се враќа во трката за потписот на Ибрахима Конате

Реал Мадрид планира да ја засили одбраната на својот тим во претстојниот летен трансфер-прозорец, а една од главните цели останува Ибрахима Конате од Ливерпул. Шпанскиот гигант претходно не беше активен во обидите да го доведе Конате оваа сезона, но сега ова повторно е на дневен ред, тврди весникот „Мундо депортиво“.

Тековниот договор на 26-годишниот дефанзивец истекува на крајот на сезоната, а тој сè уште не одлучил каде сака да ја продолжи кариерата.

Вратата за продолжување на договорот со Ливерпул не е целосно затворена, но веројатноста станува сè помала.

Во Реал Мадрид се надеваат дека Конате ќе се врати во најдобра форма и може да биде од голема корист за Кралевите доколку биде доведен во летото.

Доведувањето на Конате како слободен агент би било одлична зделка, а истовремено би овозможило повеќе средства да се искористат за други позиции во тимот.

Партизан ја зацрни Црвена ѕвезда

Белградското евролигашко дерби му припадна на Партизан, кој продолжи со серијата победи, совладувајќи ја Црвена ѕвезда со 89-82.

Ова беше меч кој многу беше поважен за Црвено-белите, кои се надеваат на место во плејофот или плејинот, па ова е удар по нивните амбиции. Ѕвезда како официјален домаќин имаше и поддршка од публиката, но на крајот славеа оние околу 1.000 фанови на Партизан.

Партизан на шест и пол минути до крајот имаше 15 поени предност, но на крајот беше драматично. Во таа тесна завршница гостите сепак беа смирени и го најдоа патот до победата. Ова е втор триумф на Партизан сезонава во Евролигата над лутиот ривал.

Останаа уште три кола до крајот на регуларната сезона.

Луческу повеќе не е селектор на Романија, Федерацијата му понуди нова работа

Селекторот на Романија, Мирчеа Луческу, денес ја напушти фудбалската репрезентација, но Фудбалската асоцијација на Романија му понуди административна работа.

Луческу беше примен во болница во неделата, откако се разболе на состанок пред тренинг поради проблеми со срцето, три дена откако неговиот тим загуби со 1-0 од Турција во полуфиналето на плејофот за Светското првенство. Сепак, на 80-годишниот тренер му е понудена работа и започнала потрага по нов селектор.

Како капитен, Луческу ја предводеше романската репрезентација на Светското првенство во Бразил во 1970 година, а во својот прв мандат како селектор ја предводеше репрезентацијата до нејзиното деби на европските првенства во 1984 година.

Тој тренираше бројни клубови во Италија, Турција и Украина. По 38 години, се врати на селекторската позиција за да ѝ помогне на Романија да се квалификува за Светското првенство, кое ова лето се одржува во САД, Канада и Мексико.

Под негово водство во овој мандат, Романија имаше 11 победи, едно реми и шест порази.

Романската фудбалска федерација изразува благодарност за целата спроведена активност и за начинот на кој Луческу ја претставуваше Романија на меѓународниот фудбал.

„За неспоредлива кариера, над 60 години во служба на фудбалот, како играч и како тренер, за сите емоции, радости и страст што им ги понуди на романскиот фудбал и на бројните генерации навивачи, ФРФ му се заблагодарува на Мирчеа Луческу, му посакува добро здравје и го очекува во административниот тим на ФРФ во наредниот период, каде што огромното стекнато искуство ќе биде ставено во служба на романскиот фудбал. Го чекаме г-дин Луческу на нова улога, во наредните месеци, на ниво на ФРФ, за да може романскиот фудбал да има корист од целото знаење што г-дин Луческу го акумулирал во својата кариера, за да можеме уште подобро да ги подготвиме нашите тренери и играчи“, рече претседателот Разван Бурлеану.

Според науката, Македонија не е ни меѓу 15-те најсилни репрезентации кои не се пласираа на СП

Фудбалската репрезентација на Македонија ја нема на листата од 15 најсилни селекции кои останаа без учество на Светското првенство во САД, Мексико и Канада, според рангирањето на системот за оценување „Ело“, метод за пресметување на релативните нивоа на вештини на играчите.

На СП ќе играат 48 земји, а ако на тоа се додадат и овие 15 кои „Ело“ смета дека се посилни од Македонија, испаѓа дека не сме ни меѓу првите минимум 63 на светот. Интересно е дека Косово е во оваа група на 15 најдобри репрезентации кои останаа без Мундијал, а нашите соседи се под Македонија на ранг-листата на ФИФА.

Науката пресмета дека најдобри 15 тима кои ќе ги нема на СП се: Данска, Италија, Русија, Србија, Украина, Нигерија, Грција, Полска, Венецуела, Косово, Чиле, Унгарија, Велс, Перу и Република Ирска.

Барселона не сакаше само да го елиминира Реал, туку и да го понижи, и успеа

Разликата помеѓу женските тимови на Барселона и Реал Мадрид е светлосни години, а тоа се докажа и вечерва, во реванш-дуелот од четвртфиналето во Лигата на шампионите за жени.

Барса пред 60.000 гледачи на „Камп ноу“ го разби Реал со 6-0, а првиот меч во Мадрид заврши 6-2 за Барселона, па со вкупни 12-2 го елиминираа ривалот. Во полуфиналето, девојките од Каталонија ќе играат против Баерн Минхен.

Македонија за првпат ќе биде домаќин на едно од најзначајните младински спортски натпреварувања

Главниот град на Македонија, Скопје, за првпат ќе биде домаќин на едно од најзначајните младински спортски натпреварувања, Светското училишно првенство во ракомет 2026, кое ќе се одржи од 21 до 29 април, во организација на Федерацијата за училиштен спорт на Македонија, под покровителство на Министерството за спорт.

Со овој престижен настан, Скопје ќе стане центар на светскиот младински ракомет, обединувајќи млади спортисти од повеќе земји, со цел промоција на спортските вредности, ферплејот и меѓународното пријателство.

Свеченото отворање на првенството ќе се одржи на 21 април со почеток во 19.30 часот на Плоштад Македонија, каде што ќе биде организирана богата културно-уметничка програма и дефиле на сите учесници и претставување на репрезентациите.

На првенството ќе учествуваат вкупно 23 машки и 16 женски екипи, односно 21 делегација од различни земји од светот, кои ќе се натпреваруваат во шест спортски сали во Скопје: СРЦ „Македонско сонце“, СРЦ „Архиепископ Доситеј“, СРЦ „Кочо Рацин“, СРЦ „Крсте Мисирков“ и СРЦ „Антон Димитров“, додека финалните натпревари ќе се одиграат на 28 април, во спортската сала „Расадник“, кога ќе се одржи и свеченото затворање на првенството.

Во рамки на првенството, на 25 април ќе се одржи Cultural Day, ден посветен на културна размена, каде што учесниците ќе имаат можност да се запознаат со нашето културно и историско наследство. Истата вечер ќе се реализира и Nations Night, настан на кој делегациите ќе ги претстават своите земји преку традиција, музика и гастрономија, поттикнувајќи пријателство и меѓусебно разбирање.

„Горди сме што Македонија ќе биде организатор на ова престижно првенство. Ракометот, како спорт со длабока традиција во Македонија, има посебно место во срцата на нашите граѓани и претставува значаен дел од нашиот спортски идентитет. Би сакала да упатам искрена благодарност до Министерството за спорт на Македонија за поддршката и до Светската федерација за училиштен спорт за укажаната доверба. Македонија нема да биде само домаќин на спортско натпреварување, туку домаќин на младоста, енергијата и иднината на светот. На едно место се обединети млади спортисти од целиот свет, со различни јазици, култури и традиции, но со една заедничка вредност – љубовта кон спортот“, изјави претседателката на Федерацијата за училиштен спорт на Македонија, Елена Мицковска.

Организацијата на ваков настан носи значајни придобивки за државата, вклучувајќи ја промоцијата на Македонија како атрактивна спортска и туристичка дестинација.

Вардар пресилен за некомплетните Гладијатори, титулата чекор поблиску до Скопје

Вардар 1961 без поголеми проблеми го совлада ГРК Охрид и направи нов крупен чекор кон враќање на шампионската титула во своите витрини.

Гладијаторите во „Јане Сандански“ дојдоа драстично ослабени, нив приоритет им е дуелот со Олимпијакос од Европскиот куп в сабота, па уште пред да почне дербито во Скопје, можеше да се насети победникот. Вардарци со рутинска игра славеа со 31-21 и само чудо може да ги спречи од освојување на титулата бидејќи имаат шест бода предност пред Еурофарм Пелистер на седум кола до крајот и на почетокот на мај може да ја обезбедат титулата.