Дома Blog Страница 156

Италијанскиот тренер ја понижува селекцијата на БиХ: Бавни се и вкочанети, носачите на опрема ќе имаат повеќе проблеми од играчите

Босна и Херцеговина утревечер на свој терен ќе игра меч за пласман на СП 2026, и тоа против четирикратниот светски првак Италија. Дуелот ќе биде на стадионот „Билино Поле“ во Зеница, а свое видување за силата на БиХ даде италијанскиот тренер Роберто Чеволи.

Чеволи е селектор на Сан Марино, најслабата репрезентација на ФИФА-листата. Токму Сан Марино пред неколку месеци гостуваше на „Билино Поле“, кога БиХ победи минимално со 1:0.

„Во јуни игравме на „Билино Поле“. Беше 32 степена и многу беше топло. Тоа е мал стадион каде што трибините се многу блиску до теренот и навивачите се слушаат. Одигравме одличен меч. На 25 минути пред крајот уште беше 0:0. Џеко седеше на клупата за резерви во патики, немаше копачки. Не требаше да влезе во игра, но тогаш нивниот селектор се премисли и го внесе во игра. Џеко го постигна голот за 1:0, а ние во последната минута имавме шанса да израмниме“, се сеќава Чеволи, а потоа додава: Тие се бавна екипа. Играат во споро темпо, што е позитивно за Аѕурите. На теренот имаат неколку добри индивидуалци, посебно тука е вечниот Џеко“.

Чеволи вели дека поголема мака од играчите на теренот ќе имаат економите кои се дел од екипите.

„Ни дадоа соблекувална која е на другиот крај од стадионот. Да стигнете дотаму има и многу стрмни скали. Тоа не беше проблем за играчите, но, секако, беше проблем за економите. Да се носи цела опрема до горе, без лифт. Тоа беше исцрпувачко“, се присетува селекторот на Сан Марино.

Тотенхем му понуди петгодишен договор на Де Ѕерби, но бара веднаш да седне на клупата

Раководството на Тотенхем му понудило петгодишен договор на Роберто де Ѕерби. Поранешниот тренер на Марсеј и Брајтон внимателно ќе ја разгледа понудата и во наредните часови ќе го даде својот одговор. Се наведува дека Италијанецот сè повеќе размислува да го преземе тимот уште сега, што е желба на раководството, иако неговата првична намера била да почека до летото.

Управата на Тотенхем презела обврска да му обезбеди на Де Ѕерби доволно средства за да изгради конкурентен состав во следните сезони.

Италијанецот, кој го напушти Марсеј во февруари, може да стане трет менаџер на Тотенхем од почетокот на сезоната и четврти во последните помалку од 300 дена. Игор Тудор, кој беше отпуштен вчера, се задржа на функцијата само 44 дена.

Тудор е само четврти тренер во историјата на Премиер лигата кој добил отказ за помалку од 50 дена

Хрватскиот стратег Игор Тудор не се прослави на клупата на Тотенхем и само по 44 дена откако беше назначен за тренер, доби отказ. Тудор го остави Тотенхем на 17-тото место на табелата во Премиер лигата само со 30 бода, еден повеќе од Вест хем, кој е во зоната за испаѓање. Го водеше тимот на пет првенствени меча и освои само еден бод (реми против Ливерпул). Со Тудор на клупата, Тотенхем испадна и од Лигата на шампионите од Атлетико Мадрид.

Сите овие лоши резултати беа доволна причина Тудор да добие отказ од лондонскиот тим и да влезе во „елитното“ друштво на тренери кои не успеале ни 50 дена да бидат на клупата откако биле назначени.

Во историјата на Премиер лигата само тројца тренери се задржале помалку во еден тим од Тудор. Легендарниот Сем Алардајс во мај 2023 година се обидуваше да го спаси Лидс од испаѓање. Иако Алардајс изгради репутација на тренер кој ги спасува екипите од испаѓање, сепак во ситуацијата на Лидс беше предоцна затоа што имаше само четири средби до крајот, па соработката траеше само 30 дена, во кои во четири меча Лидс претрпе три порази, а еднаш одигра нерешено.

Ангел Постекоглу е втор на оваа листа на тренери со најкратко останување во еден клуб. Постекоглу во Нотингам форест се задржа само 39 дена, период во којшто во пет меча имаше четири порази и само едно реми. Пред Тудор е само уште Лед Рид, кој во Чарлтон остана едвај 41 ден. Во тој период Чарлтон одигра седум меча и имаше биланс од една победа, едно реми и пет порази.

Тудор остана 44 дена во Тотенхем, па сега е на четвртото место на најбрзо избркани тренери во Премиер лигата, преземајќи го приматот на Хави Гарсија, кој во Лидс остана 69 дена и сега е на петтото место на оваа непопуларна вечна листа.

 

Генералниот секретар на Работнички, Ненад Монев, дипломира на престижната Harvard & EFC Executive Leadership Programme (ELP)!

Генералниот секретар на ФК Работнички, Ненад Монев, успешно ја заврши престижната Harvard & EFC Executive Leadership Programme (ELP), една од водечките програми за развој на лидери во светот на спортот, под покровителство на Насер Ал-Келаифи, претседателот на ПСЖ и ЕФЦ.

Ненад е првиот Македонец кој во областа на спортскиот менаџмент достигнува вакво ниво на образование и професионално усовршување на Харвард, едeн од најпрестижните универзитети во светот.

Ова достигнување е резултат на неговата посветеност, визија и континуирано вложување во развојот на професионализмот и лидерството во спортот. На оваа програма студентите беа под директно менторство на светски познатата Анита Елберс, која е професорка по бизнис-администрација „Линколн Филин“ на Харвардската бизнис-школа, каде што предава, спроведува истражувања и пишува за тоа како хит производите, супер ѕвездените таленти и големите организации успеваат во креативните индустрии.


Поради нејзината влијателна улога во медиумите и спортското највисоко образование, многу познати личности учествувале во нејзините програми, ги посетувале нејзините курсеви или биле предмет на нејзините академски истражувања и студии на случаи на Харвард, меѓу кои: Леброн Џејмс, Дејвид Бекам, Мохамед Салах, Сер Алекс Фергусон, Жерар Пике, Кака и Оливер Кан.

„ФК Работнички е горд што во својот клуб има ваков кадар кој континуирано се усовршува и ги претставува Македонија и македонскиот фудбал и спортот воопшто, на највисоко светско ниво.
Нашиот Генерален секретар преку оваа програма не само што ги надгради своите знаења и вештини, туку и беше дел од одбрана група на водечки фудбалски професионалци од кремот на европскиот клупски фудбал, ПСЖ, Јувентус, Манчестер Сити, Челзи, Њукасл, Монако, Ајакс, Баер Леверкузен, Премиер лигата и „Адидас“, што уште повеќе ја потврдува неговата улога како пример за македонскиот спортски менаџмент.

Ова е уште една потврда и за долгогодишната доверба кој ја ужива кај раководните луѓе во EFC, најмногу поради неговиот ангажман и придонес во раководството и работните групи на ЕФЦ (до скоро позната како ЕКА, Европска клупска асоцијација).

Сите ние во ФК Работнички му честитаме и му посакуваме уште поголеми успеси во иднината, продолжувајќи да ја претставува Македонија на највисоко светско ниво во спортскиот менаџмент“, истакнаа од клубот од Дебар Маало.

Направивме фудбалски „хет-трик“ со порази од 4:0, кошаркарски блесок на вечните ривали

Македонската фудбалска репрезентација нема да игра на Светското првенство летово откако со 4:0 загуби од Данска во Копенхаген. Поразот не е шокантен затоа што и според сите проценки, Македонија беше голем аутсајдер, но ние верувавме дека сонот за настап на Мундијалот може да стане јаве. За жал, Данска нѐ врати во реалноста.

Во Копенхаген бевме со нов селектор, Гоце Седлоски, кој на најтешкиот и најважниот можен меч се согласи да биде на клупата, што само покажува дека тоа е човек кој не се плаши од предизвиците. Сега останува да се одработи „небитниот“ меч во Даблин, а потоа да почне главниот предизвик за Седлоски, а тоа ќе биде да се состави тим за настапите во Б сегментот од Лигата на нациите, кои ќе се играат наесен.

Не треба да заборавиме дека во Б сегментот сите три противника (Шкотска, Швајцарија и Словенија) се подоброрангирани од Македонија, што значи предизвикот ќе биде многу поголем од тоа што досега беа настапите во Лигата на нациите во Ц и Д сегментите, каде што игравме со послаби или репрезентации кои се на ниво на Македонија. Повеќе од четири години Македонија нема победа над селекција која е во Топ 100.

АЛАРМАНТНО Е ТОА ШТО ИГРАТА НЕ ВЕТУВА НИШТО ПОДОБРО НА СИТЕ РЕПРЕЗЕНТАТИВНИ НИВОА

Со доаѓањето на Масар Омерагиќ за прв човек на ФФМ, се воведе ВАР-системот, се реновираа неколку терени, условите се подобрија, но сепак резултатите на националните селекции не се ветувачки. А, секако, на крајот обичниот навивач го интересира резултатот на Македонија и дали ќе се радува на триумф или нацијата ќе биде разочарана.
Токму затоа сите фудбалски работници треба да работат многу посилно, многу повеќе и можеби шансата за настап на големо натпреварување за брзо време пак ќе дојде.

Во овој период за репрезентациите, на мегдан, освен сениорите, со свои активности се и репрезентациите на Македонија во категориите У21, У19 и У17. Ако се погледнат резултатите од овој мартовски период, треба сериозно да се замислиме кога ќе може да очекуваме радост на национално ниво.

Не беше само сениорската селекција која загуби со 4:0. Младата репрезентација до 21 година со убедливи 4:0 беше поразена од Италија на 26 март во квалификациите за ЕП. Пораз од 4:0 имаше и за Македонија У19, и тоа завчера од врсниците од Холандија во квалификациски турнир. Не само што не дадоа гол, а примија по четири, овие три македонски селекции (сениори, У21, У19) не упатија ниту еден удар во рамките на противничкиот гол! Тоа само покажува дека овој проблем околу играта на македонските репрезентативни тимови е веќе во „црвено ниво“ на аларм.

Загуби и Македонија У17, но тоа е генерација која дава најмногу надеж. Двата порази во елитните квалификации беа со 2:1 од европските велесили Германија и Франција и нашите надежи беа конкурентни на двата натпревара.

Утре освен сениорите што ќе играат против Ирска во Даблин, на мегдан ќе бидат уште три национални тимови: Ерменија У21 – Македонија У21, Македонија У19 – Молдавија У19 и Македонија У17 – Словенија У17. Едноставно резултатите во сите категории мора да бидат подобри затоа што ако се знае дека трите последни порази на трите најквалитетни селекции (сениорската, У21 селекцијата и У19 националниот тим) се со по 4:0, многу лесно може Македонија да го „закачи“ додатокот на германскиот клуб Шалке, кој е 04.

Веруваме дека Македонија во сите годишни категории има многу поголем потенцијал од тие 4:0, што моментално се актуелни и дека со фокусирање на вистинската работа, создавање вистински позитивна атмосфера, во брзо време резултатите ќе бидат многу подобри. Едноставно тоа сите го посакуваме и затоа “Напред Македонија”, па зошто да не биде и победа утре во Даблин.

ВО „ЈАНЕ САНДАНСКИ“ ГО ВИДОВМЕ НАЈДОБРОТО ДЕРБИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ НЕКОЛКУ ГОДИНИ

Од кошарката, во фокус беше синоќешното дерби на вечните ривали МЗТ Скопје Аеродром и Работнички. Аеродромци доминираат повеќе од една деценија, но овојпат Работнички одигра храбро и малку фалеше гостите да победат. Ова кошаркарско дерби беше најдобро во последните неколку години. Имаше околу 2.000 гледачи во „Јане Сандански“ и атмосфера на ниво.

Квалитетот на кошарката не беше на задоволително ниво, но затоа имаше неизвесност. По 40 минути беше нерешено, па се играа дополнителни пет минути по кои МЗТ покажа шампионски карактер и повторно го победи Работнички. Тимот од „Градски парк“ по овој пораз ќе игра во плејаутот за спас од испаѓање.

Ова може да се случи само на „мартовското лудило“: Тројка од 10 метри за победа и влез во финалето (Видео)

Екипата на Конектикат хаски се пласира за завршницата од НЦАА фајнлфор-турнирот откако во неверојатен финиш со 73:72 го победија Дјук. Јунак на мечот беше Брајлон Мулинс, кој постигна неверојатна тројка од 10 метри на помалку од една секунда до крајот, што значеше и победа на Конектикат. Со овој меч само се потврди „мартовско лудило“ кое го има во НЦАА.

Дјук водеше со 72:70 на 10 секунди до крајот и имаше напад. Кошаркарите на Конектикат заиграа пресинг по целиот терен и тоа им се исплатеше затоа што успеаја да ја освојат топката, а потоа во хаотична трансформација во нападот, топката дојде до Мулинс, кој успеа да погоди тројка за победа. Интересно е дека тоа беше прва тројка за Мулинс, кој претходно ги промаши сите четири удари од далечина.

„Сакавме да го фаулираме најслабиот изведувач на слободни фрлања кај противникот, но кога топката дојде кај мене, знаев дека морам да погодам“, рече херојот на мечот, Мулинс.

Конектикат сега ќе се обиде на фајнлфор-турнирот да го освои НЦАА шампионатот по третпат во последните четири години, подвиг кој не е направен повеќе од 50 години, кога во 70-тите години тоа му успеа на УКЛА.

Во полуфиналето Конектикат ќе игра против Илиноис, додека вториот полуфинален пар го сочинуваат екипите на Аризона и Мичиген.

Репрезентативни контролни дуели, плус клупски возбудувања за почеток на новата недела

6739 Германија – Гана (20:45 ч.)

Германија е во одличен ритам и има шест победи по ред, а само пред три дена во гол-шоу со 4:3 ја победи Швајцарија. Во тие шест победи, Панцерите дадоа дури 20 гола, што значи во просек постигнуваат над три погодоци на меч.

Гана доби „петарда“ од Австрија пред три дена во поразот од 5:1, а оваа селекција губеше и од Јужна Кореја и од Јапонија, што значи дека прашање е само колку милост ќе имаат Германците и колку ќе сакаат да бидат агресивни.

Предлог тип: 1-1&3+ (1.91)

 

6770 Кипар – Молдавија (18 ч.)

Дуел на две селекции кои по квалитет се речиси исто слаби. Пред две години, во пријателски меч Молдавија го победи Кипар со 3:2, а сега Кипар ќе биде домаќин.

Молдавија е во очајна низа и има 10 порази и едно реми во последните 11 средби што ги одигра, а Кипар има само една победа во последните 10 дуели и фактот дека игра на свој терен, го прави фаворит.

Предлог тип: 1&2-6 (2.00)

 

4931 Серо Ларго – Данубио (23 ч.)

Меч од деветтото коло во првенството на Уругвај. Серо Ларго е единствениот тим без нерешен резултат во лигата, а интересно е дека пет од последните шест пресметки против Данубио завршиле без победник. Најчесто на мечевите во Уругвај нема повеќе од 2-3 гола и може да се очекува неизвесна пресметка.

Предлог тип: 1Х&0-3 (1.86)

 

3026 Арецо – Асколи (20:30 ч.)

Меч од серија Ц во Италија меѓу двете првопласирани. Арецо го има адутот затоа што е лидер со 70 бода и игра на свој терен, додека Асколи заостанува пет бода, што значи дека евентуален триумф на домаќините ќе значи огромен чекор до промоција во Серија Б за следната сезона.

Двете екипи ги имаат најдобрите одбрани во лигата само со 20 примени гола во 31 средба. Асколи како свој адут ја гледа одличната форма бидејќи има шест победи по ред.

Предлог тип: 0-1 I 0-1 II (1.87)

 

3229 Торпедо Москва – СКА Кабаровск (18:30 ч.)

Торпедо влезе во добар ритам и има четири победи во последните пет кола, па избега од опасната зона за испаѓање. СКА Кабаровск освои само еден бод во последните три меча. Торпедо ги доби последните два меча на домашен терен со овој ривали и сега ќе се обиде да продолжи таа добра традиција за нив.

Предлог тип: 1Х&2-3 (2.17)

 

Мбапе: Ако можеле Ди Стефано и Роналдо, можам и јас

Килијан Мбапе ги заврши репрезентативните обврски со Франција и забележа победи во дуелите против Бразил (2:1) и Колумбија (3:1). Мбапе даде еден гол против Бразил на меч на којшто играше 66 минути, додека на дуелот против Колумбија во игра влезе во последните 13 минути, кога беше решен победникот.

Сега голгетерот повторно треба да се фокусира на обврските на клупско ниво во Реал Мадрид. Мбапе нема дадено гол за Реал вкупно на десет меча, но треба да се потенцира дека пет средби ги пропушти поради повреда на коленото, а на една остана на клупата за резерви, а на две играше само во последните 20-тина минути.

Мбапе едноставно сезонава не е на истото ниво како претходните две години, па тоа наидува на револт кај навивачите на Реал. Французинот е свесен за тоа каков е притисокот да се игра за Реал Мадрид.

„Навивачите на Реал Мадрид се како религија. Луѓето навистина се со многу страст, затоа ми е јасно зошто толку се интересираат за сè што се однесува за мене“, рече Мбапе, кој моментално е цел на критики од фановите. Ова не е првпат Мбапе да биде цел на критики на фановите. Во 2024 година тој имаше слаб придонес, па беше критикуван, но тогаш Французинот возврати на најдобар можен начин, станувајќи најдобар стрелец во шпанската лига и ја освои својата прва Златна копачка на Европа.

„Во Реал Мадрид мора да знаете да се носите со критиките. Тоа го поминале и Кристијано Роналдо и Алфредо ди Стефано. Не гледам зошто јас би бил исклучок. Треба само да се остане смирен, фокусиран и да се продолжи да се работи“, додаде Мбапе.

Французинот ја коментираше ситуацијата и со повредата на коленото и рече дека навивачите на Реал не треба да се грижат за тоа дали ќе игра или ќе се чува за настапот на Светското првенство. „Во Шпанија малку се загрижени дека нема да играм, дека ќе се чувам за Светското првенство, но не е така. Најдобар начин на Мундијалот да бидам во врвна форма е да ги освојам сите трофеи на клупско ниво. Уште сме во игра за титулите во Шпанија и во Лигата на шампионите. Во ЛШ ќе играме против Баерн, кој моментно е во најдобра форма во Европа. Сепак, ако постои некој тим кој може да го победи Баерн, тоа е Реал Мадрид“, оптимистички најавива францускиот голгетер.

Фудбалот одамна не бил вакво „малцинство“ во однос на сите останати спортови кај мечевите со зголемени коефициенти

Денешниот Супер тип е специфичен затоа што има само пет фудбалски натпревари во понудата со 16 дуели на кои може да се најдат зголемени коефициенти. Возбудувањата ќе започнат со тенискиот дуел на кој Кукушкин е фаворит за победа и 1.46 е да слави над Глинка. Од тенисите тука се и зголемените коефициенти за победи на Ханфман, Заразуа, Томова и Жанг.

Од четири хокеј пресметки, на три во фаворитска улога се гостите. Тапара да победи кај ХПК е 1.73 коефициент, а на гости да се радуваат Локомотив и Авангард Омск е со квоти од 1.87 и 1.83.

Од кошарките, возбудувањата се во Евролигата, каде што домаќините Панатинаикос и Црвена ѕвезда се фаворизирани за триумфи над Олимпијакос, односно Дубаи.

Фудбалските возбудувања нудат зголемени коефициенти за победи на домашните екипи Торпедо Москва во руската втора лига, како и за Арецо против Асколи во италијанската Серија Ц.

Миовски може да си замине од Ренџерс на крајот од сезоната

Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски порано од предвиденото ги заврши обврските околу националниот тим откако реши да им се врати на клупските обврски пред да биде дуелот против Република Ирска во Даблин. Миовски не доби шанса да игра за Македонија против Данска, па разочаран побара предвреме да си замине од репрезентацијата во овој циклус и да се фокусира на обврските што ги има со Глазгов ренџерс.

На Миовски не му оди најдобро ниту во Ренџерс, каде што последен пат беше стартер на 2 февруари, на дуел против Килманрок. Кога потпиша за шкотскиот гигант, Миовски беше најавуван како големо засилување и веднаш, неполни 24 часа од доаѓањето беше стартер против вечниот ривал Селтик. Сепак, сега Миовски е сè поблиску до заминување од Ренџерс, а тоа го пишуваат и тамошните медиуми.

„Поранешната ѕвезда на Абердин одигра само 20 минути во последните три првенствени натпревари за Ренџерс, па веќе се зборува дека Миовски треба да биде продаден. Ренџерс размислува за доведување нов напаѓач по завршувањето на сезоната, а прв на списокот е голгетерот на Шефилд јунајтед, Тајрис Кембел. Наводниот интерес на клубот за потпишување на договорот со Кемпбел ќе биде можна лоша вест за Миовски бидејќи тоа би можело да го означи крајот на неговиот престој во Иброкс, пишува „Дејли Рекорд“.

Следниот меч Ренџерс ќе го игра на домашен терен против екипата на Данди на 4 април.