Дома Blog Страница 155

Младите пелистерци го победија фаворитот Алборг и дојдоа на чекор од Фајналфор

Екипата на Еурофарм Пелистер за ракометари до 18 години се пласира во финалето на групата што се игра во Пореч, Хрватска, од ЕХФ Младинскиот клупски трофеј, што е своевидна Лигата на шампионите за млади.

Ако го добие и тој меч против Фуксе Берлин, битолскиот тим ќе оди во Келн на кадетскиот Фајналфор.

Андреј Георгиев имаше блесок со 12 гола и беше ѕвезда во победата од 24-23. Јован Симоновски, кој постигна пет гола, Павел Вељановски, Тео Спировски и Стефан Василевски постигнаа по два гола, додека Горазд Мијалчев беше стрелец на еден гол. На голот одличен беше Јован Мацанковски. Екипата од клупата ја водат тренерите Фарук Мемиќ и Кире Митревски.

Е. Пелистер минатата сезона настапи на фајналфорот во оваа конкуренција.

Тонали би дошол на „Олд Трафорд“, само ако Манчестер јунајтед избори пласман во ЛШ

Mанчестер јунајтед ќе се обиде да го ангажира средниот играч на Њукасл, Сандро Тонали во летниот преоден рок. Според информациите од Англија, Црвените ѓаволи веќе го потврдиле интересот за Италијанецот и оствариле првични контакти со неговите агенти.

Во моментов нема постигнато никакви договори и преговорите не се во напредна фаза. Од Њукасл очекуваат во текот на летото да има сериозна активност на трансфер-пазарот околу Тонали.

Фудбалерот би се согласил да се пресели на „Олд Трафорд“, но само доколку Манчестер јунајтед успее да избори пласман во Лигата на шампионите за следната сезона. Тимот на Мајкл Карик е на добар пат тоа да го стори.

Во тековната сезона, италијанскиот репрезентативец учествуваше на вкупно 47 натпревари во дресот на Њукасл, постигнувајќи три гола и седум асистенции.

Квотите велат дека Македонија не е без шанси за победа во Даблин

Македонската фудбалска репрезентација утревечер ќе гостува во Даблин на стадионот „Авива“ кај Република Ирска во меч кој нема резултатско значење. Ова ќе биде пресметка на двете селекции кои загубија во полуфиналните пресметки од баражите за пласман на Светско првенство.

Македонија и Ирска досега играле шестпати, а противникот е многу поуспешен. Ирците имаат четири победи, еднаш било нерешено, а Македонија има една победа. Нашата селекција трипати гостувала во Ирска и трипати губела (3:0, 1:0 и 2:1).

Според коефициентите кои се понудени во Sport Life, Ирците и утревечер ќе бидат благи фаворити за победа, но и Македонија нема да биде без шанса да изненади. За победа на Ирска „кецот“ се вреднува со 1.71 коефициент, додека триумф на Македонија засега се проценува на 4.70 квота.

Македонските репрезентативци во Даблин нема да играат за некој посебен предизвик од ФИФА или УЕФА, но фактот дека се носи дресот со националните бои јасно е дека сите кои ќе бидат на теренот треба да го дадат најдоброто и да покажат дека има квалитет за Македонија да победува и подоброрангирани селекции од нашата, со што би го прекинале постот кој трае повеќе од четири години, барем што се однесува за таков триумф. 

Куртоа ќе ги пропушти двата дуели против Баерн Минхен во ЛШ

Голманот на Реал Мадрид, Тибо Куртоа, продолжува да закрепнува од повредата што ја заработи за време на натпреварот од Лигата на шампионите против Манчестер сити.

Според ЕСПН, повредата на белгискиот чувар на мрежата се покажала посериозна од првичните прогнози. Неговото учество во реваншот од четвртфиналето во ЛШ против Баерн Минхен на 15 април изгледа многу малку веројатно.

Додека Куртоа е надвор од терените, местото на голот на Реал ќе го заземе Украинецот Андриј Лунин. Во тековната сезона тој веќе одигра пет натпревари, на кои прими десет гола.

Арсенал има цел тим од повредени фудбалери

Пјеро Инкапи и Мартин Зубименди се десеттиот и единаесеттиот фудбалер на Арсенал кои беа ослободени од обврските кон своите репрезентации поради различни здравствени проблеми. Шпанската федерација како причина за ослободувањето на играчот од средниот ред наведе „непријатност во десното колено“. Одлуката делува повеќе како превентивна мерка, но медицинскиот тим на Арсенал допрва ќе го прегледа Зубименди.

Инкапи се повреди во 70-тата минута од натпреварот меѓу Еквадор и Мароко и беше принудно заменет, по што исто така беше ослободен за да се врати во Лондон.

Претходно, Деклан Рајс и Букајо Сака го напуштија кампот на Англија во саботата, додека Нони Мадуеке заработи повреда на коленото уште за време на контролниот натпревар со Уругвај. На почетокот од паузата, Еберечи Езе, Габриел Магалјаеш и Вилијам Салиба отпаднаа од составите на своите репрезентации поради повреди. Слична беше ситуацијата и со Леандро Тросар и Јуриен Тимбер. Мартин Одегард сè уште закрепнува од повреда и поради тоа не настапи за Норвешка.

Следниот натпревар на Арсенал е на 4 април против Саутхемптон во ФА купот, а пред тоа Микел Артета ќе даде подетални информации за тоа колку од овие играчи реално се во опасност да отсуствуваат.

Италијанскиот тренер ја понижува селекцијата на БиХ: Бавни се и вкочанети, носачите на опрема ќе имаат повеќе проблеми од играчите

Босна и Херцеговина утревечер на свој терен ќе игра меч за пласман на СП 2026, и тоа против четирикратниот светски првак Италија. Дуелот ќе биде на стадионот „Билино Поле“ во Зеница, а свое видување за силата на БиХ даде италијанскиот тренер Роберто Чеволи.

Чеволи е селектор на Сан Марино, најслабата репрезентација на ФИФА-листата. Токму Сан Марино пред неколку месеци гостуваше на „Билино Поле“, кога БиХ победи минимално со 1:0.

„Во јуни игравме на „Билино Поле“. Беше 32 степена и многу беше топло. Тоа е мал стадион каде што трибините се многу блиску до теренот и навивачите се слушаат. Одигравме одличен меч. На 25 минути пред крајот уште беше 0:0. Џеко седеше на клупата за резерви во патики, немаше копачки. Не требаше да влезе во игра, но тогаш нивниот селектор се премисли и го внесе во игра. Џеко го постигна голот за 1:0, а ние во последната минута имавме шанса да израмниме“, се сеќава Чеволи, а потоа додава: Тие се бавна екипа. Играат во споро темпо, што е позитивно за Аѕурите. На теренот имаат неколку добри индивидуалци, посебно тука е вечниот Џеко“.

Чеволи вели дека поголема мака од играчите на теренот ќе имаат економите кои се дел од екипите.

„Ни дадоа соблекувална која е на другиот крај од стадионот. Да стигнете дотаму има и многу стрмни скали. Тоа не беше проблем за играчите, но, секако, беше проблем за економите. Да се носи цела опрема до горе, без лифт. Тоа беше исцрпувачко“, се присетува селекторот на Сан Марино.

Тотенхем му понуди петгодишен договор на Де Ѕерби, но бара веднаш да седне на клупата

Раководството на Тотенхем му понудило петгодишен договор на Роберто де Ѕерби. Поранешниот тренер на Марсеј и Брајтон внимателно ќе ја разгледа понудата и во наредните часови ќе го даде својот одговор. Се наведува дека Италијанецот сè повеќе размислува да го преземе тимот уште сега, што е желба на раководството, иако неговата првична намера била да почека до летото.

Управата на Тотенхем презела обврска да му обезбеди на Де Ѕерби доволно средства за да изгради конкурентен состав во следните сезони.

Италијанецот, кој го напушти Марсеј во февруари, може да стане трет менаџер на Тотенхем од почетокот на сезоната и четврти во последните помалку од 300 дена. Игор Тудор, кој беше отпуштен вчера, се задржа на функцијата само 44 дена.

Тудор е само четврти тренер во историјата на Премиер лигата кој добил отказ за помалку од 50 дена

Хрватскиот стратег Игор Тудор не се прослави на клупата на Тотенхем и само по 44 дена откако беше назначен за тренер, доби отказ. Тудор го остави Тотенхем на 17-тото место на табелата во Премиер лигата само со 30 бода, еден повеќе од Вест хем, кој е во зоната за испаѓање. Го водеше тимот на пет првенствени меча и освои само еден бод (реми против Ливерпул). Со Тудор на клупата, Тотенхем испадна и од Лигата на шампионите од Атлетико Мадрид.

Сите овие лоши резултати беа доволна причина Тудор да добие отказ од лондонскиот тим и да влезе во „елитното“ друштво на тренери кои не успеале ни 50 дена да бидат на клупата откако биле назначени.

Во историјата на Премиер лигата само тројца тренери се задржале помалку во еден тим од Тудор. Легендарниот Сем Алардајс во мај 2023 година се обидуваше да го спаси Лидс од испаѓање. Иако Алардајс изгради репутација на тренер кој ги спасува екипите од испаѓање, сепак во ситуацијата на Лидс беше предоцна затоа што имаше само четири средби до крајот, па соработката траеше само 30 дена, во кои во четири меча Лидс претрпе три порази, а еднаш одигра нерешено.

Ангел Постекоглу е втор на оваа листа на тренери со најкратко останување во еден клуб. Постекоглу во Нотингам форест се задржа само 39 дена, период во којшто во пет меча имаше четири порази и само едно реми. Пред Тудор е само уште Лед Рид, кој во Чарлтон остана едвај 41 ден. Во тој период Чарлтон одигра седум меча и имаше биланс од една победа, едно реми и пет порази.

Тудор остана 44 дена во Тотенхем, па сега е на четвртото место на најбрзо избркани тренери во Премиер лигата, преземајќи го приматот на Хави Гарсија, кој во Лидс остана 69 дена и сега е на петтото место на оваа непопуларна вечна листа.

 

Генералниот секретар на Работнички, Ненад Монев, дипломира на престижната Harvard & EFC Executive Leadership Programme (ELP)!

Генералниот секретар на ФК Работнички, Ненад Монев, успешно ја заврши престижната Harvard & EFC Executive Leadership Programme (ELP), една од водечките програми за развој на лидери во светот на спортот, под покровителство на Насер Ал-Келаифи, претседателот на ПСЖ и ЕФЦ.

Ненад е првиот Македонец кој во областа на спортскиот менаџмент достигнува вакво ниво на образование и професионално усовршување на Харвард, едeн од најпрестижните универзитети во светот.

Ова достигнување е резултат на неговата посветеност, визија и континуирано вложување во развојот на професионализмот и лидерството во спортот. На оваа програма студентите беа под директно менторство на светски познатата Анита Елберс, која е професорка по бизнис-администрација „Линколн Филин“ на Харвардската бизнис-школа, каде што предава, спроведува истражувања и пишува за тоа како хит производите, супер ѕвездените таленти и големите организации успеваат во креативните индустрии.


Поради нејзината влијателна улога во медиумите и спортското највисоко образование, многу познати личности учествувале во нејзините програми, ги посетувале нејзините курсеви или биле предмет на нејзините академски истражувања и студии на случаи на Харвард, меѓу кои: Леброн Џејмс, Дејвид Бекам, Мохамед Салах, Сер Алекс Фергусон, Жерар Пике, Кака и Оливер Кан.

„ФК Работнички е горд што во својот клуб има ваков кадар кој континуирано се усовршува и ги претставува Македонија и македонскиот фудбал и спортот воопшто, на највисоко светско ниво.
Нашиот Генерален секретар преку оваа програма не само што ги надгради своите знаења и вештини, туку и беше дел од одбрана група на водечки фудбалски професионалци од кремот на европскиот клупски фудбал, ПСЖ, Јувентус, Манчестер Сити, Челзи, Њукасл, Монако, Ајакс, Баер Леверкузен, Премиер лигата и „Адидас“, што уште повеќе ја потврдува неговата улога како пример за македонскиот спортски менаџмент.

Ова е уште една потврда и за долгогодишната доверба кој ја ужива кај раководните луѓе во EFC, најмногу поради неговиот ангажман и придонес во раководството и работните групи на ЕФЦ (до скоро позната како ЕКА, Европска клупска асоцијација).

Сите ние во ФК Работнички му честитаме и му посакуваме уште поголеми успеси во иднината, продолжувајќи да ја претставува Македонија на највисоко светско ниво во спортскиот менаџмент“, истакнаа од клубот од Дебар Маало.

Направивме фудбалски „хет-трик“ со порази од 4:0, кошаркарски блесок на вечните ривали

Македонската фудбалска репрезентација нема да игра на Светското првенство летово откако со 4:0 загуби од Данска во Копенхаген. Поразот не е шокантен затоа што и според сите проценки, Македонија беше голем аутсајдер, но ние верувавме дека сонот за настап на Мундијалот може да стане јаве. За жал, Данска нѐ врати во реалноста.

Во Копенхаген бевме со нов селектор, Гоце Седлоски, кој на најтешкиот и најважниот можен меч се согласи да биде на клупата, што само покажува дека тоа е човек кој не се плаши од предизвиците. Сега останува да се одработи „небитниот“ меч во Даблин, а потоа да почне главниот предизвик за Седлоски, а тоа ќе биде да се состави тим за настапите во Б сегментот од Лигата на нациите, кои ќе се играат наесен.

Не треба да заборавиме дека во Б сегментот сите три противника (Шкотска, Швајцарија и Словенија) се подоброрангирани од Македонија, што значи предизвикот ќе биде многу поголем од тоа што досега беа настапите во Лигата на нациите во Ц и Д сегментите, каде што игравме со послаби или репрезентации кои се на ниво на Македонија. Повеќе од четири години Македонија нема победа над селекција која е во Топ 100.

АЛАРМАНТНО Е ТОА ШТО ИГРАТА НЕ ВЕТУВА НИШТО ПОДОБРО НА СИТЕ РЕПРЕЗЕНТАТИВНИ НИВОА

Со доаѓањето на Масар Омерагиќ за прв човек на ФФМ, се воведе ВАР-системот, се реновираа неколку терени, условите се подобрија, но сепак резултатите на националните селекции не се ветувачки. А, секако, на крајот обичниот навивач го интересира резултатот на Македонија и дали ќе се радува на триумф или нацијата ќе биде разочарана.
Токму затоа сите фудбалски работници треба да работат многу посилно, многу повеќе и можеби шансата за настап на големо натпреварување за брзо време пак ќе дојде.

Во овој период за репрезентациите, на мегдан, освен сениорите, со свои активности се и репрезентациите на Македонија во категориите У21, У19 и У17. Ако се погледнат резултатите од овој мартовски период, треба сериозно да се замислиме кога ќе може да очекуваме радост на национално ниво.

Не беше само сениорската селекција која загуби со 4:0. Младата репрезентација до 21 година со убедливи 4:0 беше поразена од Италија на 26 март во квалификациите за ЕП. Пораз од 4:0 имаше и за Македонија У19, и тоа завчера од врсниците од Холандија во квалификациски турнир. Не само што не дадоа гол, а примија по четири, овие три македонски селекции (сениори, У21, У19) не упатија ниту еден удар во рамките на противничкиот гол! Тоа само покажува дека овој проблем околу играта на македонските репрезентативни тимови е веќе во „црвено ниво“ на аларм.

Загуби и Македонија У17, но тоа е генерација која дава најмногу надеж. Двата порази во елитните квалификации беа со 2:1 од европските велесили Германија и Франција и нашите надежи беа конкурентни на двата натпревара.

Утре освен сениорите што ќе играат против Ирска во Даблин, на мегдан ќе бидат уште три национални тимови: Ерменија У21 – Македонија У21, Македонија У19 – Молдавија У19 и Македонија У17 – Словенија У17. Едноставно резултатите во сите категории мора да бидат подобри затоа што ако се знае дека трите последни порази на трите најквалитетни селекции (сениорската, У21 селекцијата и У19 националниот тим) се со по 4:0, многу лесно може Македонија да го „закачи“ додатокот на германскиот клуб Шалке, кој е 04.

Веруваме дека Македонија во сите годишни категории има многу поголем потенцијал од тие 4:0, што моментално се актуелни и дека со фокусирање на вистинската работа, создавање вистински позитивна атмосфера, во брзо време резултатите ќе бидат многу подобри. Едноставно тоа сите го посакуваме и затоа “Напред Македонија”, па зошто да не биде и победа утре во Даблин.

ВО „ЈАНЕ САНДАНСКИ“ ГО ВИДОВМЕ НАЈДОБРОТО ДЕРБИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ НЕКОЛКУ ГОДИНИ

Од кошарката, во фокус беше синоќешното дерби на вечните ривали МЗТ Скопје Аеродром и Работнички. Аеродромци доминираат повеќе од една деценија, но овојпат Работнички одигра храбро и малку фалеше гостите да победат. Ова кошаркарско дерби беше најдобро во последните неколку години. Имаше околу 2.000 гледачи во „Јане Сандански“ и атмосфера на ниво.

Квалитетот на кошарката не беше на задоволително ниво, но затоа имаше неизвесност. По 40 минути беше нерешено, па се играа дополнителни пет минути по кои МЗТ покажа шампионски карактер и повторно го победи Работнички. Тимот од „Градски парк“ по овој пораз ќе игра во плејаутот за спас од испаѓање.