Дома Blog Страница 158

Моќната Франција сее страв кај ривалите пред СП

Франција лесно ја победи Колумбија со 3-1 во пријателски натпревар одигран вечерва во САД, и потврди дека има моќен тим кој ќе конкурира за титулата на претстојното Светско првенство.

Пред некој ден Французите прилично комотно го совладаа Бразил, а вечерва и со втор тим беа подобри од Колумбијците против кои водеа со 3-0, па се опуштија. Селекторот Дидие Дешан ги одмори ѕвездите Мбапе, Дембеле, Олисе, Чуамени, Рабио, Конате, Тео Ернандес, Мењан, некои од нив не ни влегоа во игра.

Дезире Дуе беше двоен стрелец, и тоа се негови први два гола во дресот на Триколорите. Гол даде и Маркус Турам.

Муриќи: Ако се пласираме на СП, тоа ќе биде како втора независност

Косовскиот напаѓач, Ведат Муриќи, ги спореди потенцијалниот пласман на неговиот тим на Светското првенство со независноста на неговата држава, а оваа негова изјава силно одекна во српската јавност која за Косово смета дека е нелегално отцепена јужна српска покраина и самопрогласена држава.

Муриќи пред финалето со Турција која смета за своја втора татковина бидејќи играјќи таму се вивна во европските височини, вели дека Турција е фаворит на тој меч во Приштина.

„Без сомнение, Турција е фаворит. Нашата предност е што играме дома. Тие имаат играчи како Кенан Јилдиз и Арда Ѓулер, кои играат за големи тимови. Тие се од голема вредност за турскиот фудбал, но и за европскиот и светскиот фудбал. Ќе го дадеме својот максимум и ќе се обидеме да ја имплементираме нашата игра како тим, со цел да ја постигнеме нашата цел. Ако успееме да се квалификуваме за Светското првенство, тоа ќе биде како втора независност за нас. Сите се многу возбудени и полни со надеж“, рече напаѓачот, а во Србија делот од изјавата околу независноста се карактеризира како срамна.

 

Мурињо брутален: „Без Роналдо, Португалија изгледа како просечен тим“

После ремито од 0-0 на контролата против Мексико, португалскиот стручњак и тренер на Бенфика, Жозе Мурињо, ја истакна важноста на Кристијано Роналдо за португалската репрезентација.

Според Мурињо, повредата на 41-годишниот напаѓач на Ал-Наср била еден од клучните фактори зошто Португалија не успеа да го победи Мексико.

„Отстранете го Кристијано Роналдо и Португалија изгледа како кој било друг просечен тим. Луѓето постојано нè молат да не го селектираат. Па, еве овој пат не играше, а го видовте резултатот. Немаше закана од нас, немаше страв кај противникот. Видовме тим кој беше ставен под притисок од Мексико. Кога Роналдо е на теренот, противникот размислува двапати. Кога го нема, воопшто не размислува“, смета Мурињо

Мбапе: „Ако постои тим способен да го победи овој Баерн, тоа е Реал Мадрид“

Напаѓачот на Реал Мадрид, Килијан Мбапе, за претстојниот натпревар со Баерн во четвртфиналето од Лигата на шампионите рече дека тимот од Минхен е во најдобра форма од сите од Европа во моментов, но верува дека може да го елиминираат. 

„За луѓето во Шпанија, Реал Мадрид е како религија. Тие се многу страствени, има многу разговори и шпекулации – понекогаш со причина, понекогаш не. Некои луѓе во Шпанија се загрижени дека нема да играм за Реал Мадрид за да бидам подготвен за Светското првенство. Но, играњето за клубот е неверојатно важно. Сè уште се бориме да ја освоиме Ла Лига и Лигата на шампионитеЌе се соочиме со одличен тим во ЛШ, мислам дека е тим во најдобра форма во Европа во моментов. Но, ако има тим способен да го победи Баерн, тоа е Реал Мадрид“, рече Мбапе.

„Мора да знаете како да се справите со критиките, бидејќи во Реал Мадрид сите биле критикувани и Кристијано Роналдо, Ди Стефано… па не гледам зошто јас би бил исклучок. Само треба да останете смирени, да се концентрирате на она што треба да го направите и да си кажете дека можете да ги подобрите вашите перформанси на теренот“, објасни француската ѕвезда околу тоа каков е притисокот да се биде играч на Реал.

МЗТ во голема драма го победи Работнички и го испрати во плејаут (Видео)

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром го совлада Работнички со 97-93 во супер драматичното скопско дерби по кое првакот остана со шанса да биде прв на табелата по лигашкиот дел, а Работнички во вториот дел од сезоната ќе игра во плејаутот.

Металците можеа да победат и во регуларниот дел од средбата, но кошот на Мексмит Мекјуен беше само 0,1 секунди подоцна од предвиденото време. Претходно Ефремовски погоди луда тројка за изедначување на 3,6 секунди до крајот.

Во екстра периодот, домашните тргнаа подобро, но потоа следуваше одличен период на гостите, а на крај Марин Петков со серија погодени слободни фрлања му донесе победа на МЗТ, 79-та во вкупно 171 дуели со вечниот ривал.

Ова беше едно од поинтерсните дербија во последните години, Работнички можеби повеќе ја посакуваше победата, но Црвено-белите и после две години и два месеци немаат победа над најголемиот ривал, а ова ќе потрае и повеќе, бидејќи ова им беше последен меѓусебен дуел сезонава.

 

Виљареал сака да се засили со Дани Себаљос

Виљареал води преговори со Реал Мадрид за можноста да го ангажира шпанскиот играч за врска Дани Себаљос во текот на летниот трансфер прозорец. 29-годишниот играч беше поврзуван со заминување од „Бернабеу“ и минатата година, но на крајот остана меѓу Кралевите, каде оваа сезона забележа 22 настапи.
Неговиот договор е до крајот на сезоната 2026/27, но се очекува да го смени клубот веќе ова лето.

Шпанските медиуми наведуваат дека Виљареал веќе започнал разговори со раководството на Реал Мадрид околу Себаљос.

Себаљос ја започна професионалната кариера во Бетис, каде забележа 105 натпревари пред да прејде во Реал Мадрид во 2017 година. За Кралевите има седум голови и 16 асистенции во 214 натпревари. За време на престојот на „Бернабеу“ настапуваше и на позајмица во Арсенал, каде учествуваше во 77 натпревари во сите турнири.

Во меѓувреме, се очекува Реал Мадрид да ангажира нов централен играч за врска, при што Родри од Манчестер сити и Ајуб Буади од Лил се меѓу главните цели.

Зајков: За нас нема пријателски мечеви и официјални, сите се важни

Фудбалската репрезентација на Македонија пристигна во Даблин каде во вторник ќе го одигра последниот натпревар од циклусот за СП 2026. За жал, по поразот од Данска во Копенхаген, нашиот национален тим ги загуби шансите за Мундијалот.

Дефанзивецот Ѓоко Зајков вели дека секој меч во дресот на Македонија е можност за ново докажување.

„Сакаме да го победиме мечот со Ирска. За нас нема пријателски мечеви и официјални, сите се важни. Најважно од аспект од тоа што претходниот меч го загубивме на таков начин, да дадеме се од себе за добар резултат за да се издигнеме нагоре за следните собири и квалификации и да бидеме подобри“, изјави Зајков.

Натпреварот меѓу Република Ирска и Македонија ќе се одигра во вторник, со почеток во 20.45 часот, на стадионот „Авива”.

Солидна посета и неизвесно на терен, кошаркарското дерби ги оправдува очекувањата (Видео)

Со 2.000 гледачи на трибините во „Јане Сандански“ и голема борба на теренот, првото полувреме на скопското дерби МЗТ Скопје Аеродром – Работнички посетува на сјајот кое ова дерби некогаш го имаше.

Металците се фаворити, но драстично ослабени со отсуствата на Војдан Стојановски, Андреј Магдевски и Андреј Маслинко, не се воопшто доминантни како на пример пред еден и пол месец на завршницата од Купот кога го декласираа Работнички со 100-69.

 

Црвено-белите предводени од Ефремовски и Рикиќ водат минимално на полувреме со 43-42 и ќе се обидат да изненадат со што би ги задржале шансите да се најдат во Суперлигата.

Присуството на двете навивачки групи како и секогаш му дава тон на дербито.

 

Макс Ферстапен размислува да ја напушти Формула 1?

На четирикратниот Формула 1 шампион, Макс Ферстапен, не му се допаѓа новата Формула 1, неговиот тим Ред Бул е заглавен во лоши резултати, Холанѓанецот е далеку од подиумот и ова го тера да размислува дури и за завршување на својата брилијантна кариера.

Холандскиот весник „Де Телеграф“ сензационално објавува дека Макс размислува за пензионирање по завршувањето на оваа сезона.

Самиот пилот проговори на таа тема.

„Среќен сум, но се работи за 22 трки, дали вреди? Може ли да се забавувам повеќе дома со моето семејство и пријатели кога не уживам во спортот? Можам да прифатам да завршам седми или осми затоа што знам дека не можеш постојано да доминираш или да се бориш за подиумот. Сум бил во таква ситуација и претходно, не само во Формула 1. Но, кога си седми или осми и не уживаш во типот на автомобил, не е така како што се чувствувам како возач. И доаѓа момент кога тоа не е она што сакам да го правам. Сакам да се забавувам, а во моментов не е така. Има работи што ми се допаѓаат. Ми се допаѓа да работам со тимот, тоа е моето второ семејство, но штом ќе седнам во автомобилот, веќе не е забавно. Се обидувам да уживам, но многу е тешко“, вели Холанѓанецот.

За Ферстапен постои интерес од Ферари и Мерцедес, тимови што може да си ја дозволат неговата плата од над 50 милиони евра по сезона, но прашање е дали уште има мотивација кај него. 

Охридско славје во Атина, а сега паметно во реваншот

Победата од пет голови разлика среде Атина, покажа дека ГРК Охрид е поквалитетен тим од Олимијакос, а пласманот во полуфиналето на Европскиот куп треба да се завери в сабота во „Билјанини извори“.

Тимот од Охрид ја прослави големата победа и продолжува да испишува клупска историја, но работата не е завршена. Лани Олимпијакос истотака загуби дома, тогаш од романска Турда, а потоа го победи на гости со поголема разлика.

Плус тоа, случувањата на реваншот од ланското финале помеѓу Алкалоид и АЕК е доказ дека Грците се спремни на трикови и провокации и не смее да се наседне на евентуалните нечисти игри и не треба да им се дава повод да бараат службена победа, бидејќи тешко може да на терен да триумфираат со разлика која им е потребна.