Дома Blog Страница 87

Ханси Флик: „Можно е, зошто да не? Мора да се фокусираме на играта, головите сами ќе дојдат“

Барселона има негатива од два гола против Атлетико Мадрид во пресрет на гостинскиот меч на „Метрополитано“. Сепак, и покрај поразот пред своите гледачи, во Барселона се надеваат дека може да направат подвиг и да се пласираат во полуфиналето од Лигата на шампионите.

„Мораме да се фокусираме на добра игра, а не на резултатот, затоа што кога играме добро, способни сме да постигнуваме голови. Имам чувство дека утрешниот натпревар ќе биде сосема поинаков од претходните против нив, бидејќи атмосферата на стадионот ќе биде неверојатна. Навивачите знаат што е потребно и ќе ни биде тешко, но верувам во мојот тим и во тоа што можеме да го направиме. Можно е, зошто да не? На тоа треба да се фокусираме. Ако го погледнете последниот натпревар, тоа можеби беше големата разлика меѓу нив и нас. Можеби утре ќе биде сосема поинаку, и тоа би ме направило среќен. Имаме многу квалитетни играчи, но имаат и тие. Реков дека натпреварите често ги решаваат моментите и се надевам дека утре ќе бидат во наша корист.“ – рече тренерот на Барселона, Ханси Флик.

Шок за Манчестер јунајтед: Карик првпат поразен на „Олд Трафорд“! (Видео)

Манчестер јунајтед и втор меч по ред не успеа да победи, а Мајкл Карик го доживеа првиот пораз на домашен терен. Лидс приреди вистинска сензација и успеа со 0-2 да слави на „Олд Трафорд“.

Ноа Окафор уште во петтата минута го отвори резултатот и го донесе гостите во водство од 0-1.

Окафор успеа да погоди и во 29-тата минута за високи 0-2.

Лисандро Мартинес беше исклучен во 56-тата минута, но и покрај фактот дека останаа со играч помалку, Манчестер јунајтед продолжи да напаѓа. Каземиро во 69-тата минута успеа да погоди за 1-2, но на крајот тоа се покажа и како конечен резултат на мечот.

„Црвените ѓаволи“ остануваат на делба на третата и четвртата позиција со по 55 бода со Астон вила.

Ендрик добива втора шанса на „Бернабе“, но Реал ќе мора да продаде еден напаѓач

Реал Мадрид плати 47,5 милиони евра за Ендрик на Палмеирас во 2024 година, но младиот Бразилец иако постигна седум гола во 37 меча, сепак, добиваше мала минутажа, а тоа посебно се однесува по доаѓањето на Чаби Алонсо.

Одлуката беше да биде испратен на позајмица во Лион, а Ендрик таму блесна, па сега шпанските медиуми најавуваат дека тој ќе добие „втора шанса“ да ги покаже своите квалитети на „Сантијаго Бернабе“.

Според информациите, Ендрик налето се враќа во Реал Мадрид, а ќе си замине 22-годишниот напаѓач Гонзало Гарсија. Сепак, „кралевите“ и во овој случај ќе се заштитат со клаузула за ексклузивитет при евентуална следна продажба на Гарсија.

Ендрик со одличните игри во Лион го заслужи и местото во селекцијата на Бразил, кое го загуби откако речиси и да не добиваше минутажа кај Чаби Алонсо.

Арне Слот не се откажува: „Имаме тешка, но не и невозможна задача“

Тренерот на Ливерпул, Арне Слот, ги сподели своите очекувања пред утрешниот реванш од четвртфиналето во Лигата на шампионите против ПСЖ. Првиот натпревар во Франција заврши со победа од 2:0 за актуелниот европски шампион.

„Прво, ќе им го напомнам резултатот. Беше 2:0. Чувството беше сосема поинакво, како што сите знаеме, но конечниот резултат беше 2:0. Второ, многупати оваа сезона во важни натпревари покажавме дека сме способни за одлични изданија. Покажавме и поинакво лице – целосно сум свесен за тоа – но голем дел од нашите натпревари беа навистина добри, особено во големите мечеви. Не сите сме заедно година и пол, но за оние што беа со мене во тој период, во 49 домашни натпревари што ги одигравме, во 46 успеавме да постигнеме два или повеќе гола. Да, не игравме сите тие натпревари против ПСЖ. Го разбирам тоа, но како што знаеме, и противниците во Премиер лигата и во Лигата на шампионите се многу силни. Имаме уверување дека можеме да направиме нешто посебно утре, но исто така мора да бидеме многу, многу, многу посебни за да го постигнеме тоа, затоа што играме против европскиот шампион, што ја прави задачата потешка, но не и невозможна“, изјави Холанѓанецот.

Тренерот нагласи дека, и покрај негативата од првиот натпревар, неговиот тим има доволен потенцијал да одговори во реваншот. Тој ја истакна силната форма на екипата на домашен терен и самодовербата што играчите ја изградиле во текот на сезоната, особено во клучните натпревари. Во исто време, Слот ја призна тежината на задачата против толку квалитетен противник, но јасно порача дека вербата во голем резултат сè уште постои.

Капитенот на Атлетико полн со оптимизам: „Да одиграме меч за историја“

Капитенот на Атлетико Мадрид, Коке, се надева дека тимот ќе одигра историски натпревар и ќе ја елиминира Барселона на распродадениот стадион „Метрополитано“ во вторник, во реваншот од четвртфиналето во Лигата на шампионите, со цел да обезбеди прво полуфинале во натпреварувањето по девет години.

По победата од 2:0 во првиот натпревар на „Камп Ноу“, капитенот на Атлетико, кој потекнува од клупската академија и играше во финалињата на Лигата на шампионите во 2014 и 2016 година – и во двата случаи откако претходно ја елиминираше Барселона во осминафиналето – ја нагласи важноста на оваа недела.

„Очигледно, ова може да биде натпревар што ќе влезе во нашите историски учебници“, изјави Коке на прес-конференција.

„Да стигнеме повторно до полуфинале по толку години би било неверојатно, а сè уште не размислуваме за финалето на Купот на Шпанија против Реал Сосиедад. Мора да го одиграме овој натпревар како да е финале.“

33-годишниот Коке се потсети на својот гол од 2014 година со кој ја елиминираше Барселона.

„Го имам гледано неколку пати“, рече тој. „Кога се случуваат вакви натпревари, црпиш сила од тие спомени за да се мотивираш.“

„Сосема е природно да се чувствуваме охрабрени. Го почитуваме противникот, но сме решени да го добиеме натпреварот“, додаде Коке.

ФИФА го одби барањето на Иран да игра во Мексико, се отвора нова шанса за Италија?!

ФИФА го одби барањето на Иран натпреварите од Светското првенство да ги игра во Мексико, што повторно ѝ дава надеж на Италија дека може да стигне до настап на Мундијалот.

Според распоредот, Иран требаше натпреварите од групната фаза да ги игра на територија на САД против селекциите на Белгија, Египет и Нов Зеланд. Два меча беа планирани во Лос Анџелес, а еден во Сиетл, па Фудбалскиот сојуз на Иран, поради конфликтите со САД и Израел, побара од ФИФА натпреварите да се преместат во Мексико.

Според мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум, светската фудбалска организација го одбила барањето, што сега сериозно го доведува во прашање настапот на иранската репрезентација на Мундијалот.

Иранскиот сојуз претходно јасно постави услов дека репрезентацијата ќе учествува на Светското првенство само ако натпреварите се играат надвор од САД.

По одбивањето од ФИФА, се очекува Иран официјално да објави повлекување од натпреварувањето, пренесува „Атлетик“.

Истиот извор открива и план на ФИФА доколку Иран навистина се откаже. Иако претходно се шпекулираше дека покана ќе добие Италија како најтрофејна репрезентација која не се квалификувала, тоа најверојатно нема да се случи.

Според информациите, Италија би можела да добие шанса за настап на Светското првенство, но преку нов бараж.

Во тој бараж, покрај Италија, би учествувале и Обединетите Арапски Емирати, кои загубија во баражот од Ирак, Боливија како поразен тим од Јужна Америка во баражот, како и Данска.

Постои и можност ФИФА местото на Иран да го пополни со следната најдобра селекција од Азија – токму Обединетите Арапски Емирати.

Со оглед на тоа што почетокот на Светското првенство се наближува, јасно е дека ситуацијата ќе мора да се расчисти во многу краток рок.

Евра жестоко кон Барселона: „Немате шанси против Атлетико, екипата од 2015 година не постои“

Прославениот Французин и поранешен фудбалер на Монако, Манчестер Јунајтед и Јувентус, Патрис Евра, брутално проговори за шансите на Барселона во пресрет на утрешниот реванш од четвртфиналето во Лигата на шампионите.

Атлетико Мадрид на првиот меч на „Камп Ноу“ ја совлада Барселона со 2:0, а поранешниот француски репрезентативец смета дека Каталонците повеќе не се способни за пресврт.

„Во Барселона мора да се разбудат и да се соочат со реалноста. Деновиве гледам ‘ремонтада’ фотографии насекаде. Време е да бидат малку поскромни и да се спуштат на земја. Ова не е Барселона од 2015 година, тој тим веќе не постои. Оттогаш ги гледаме како често разочаруваат на големата сцена, затоа сметам дека не се способни да направат голем пресврт“, остро изјави Евра.

Јасно нагласи дека ќе навива за Атлетико во утрешниот натпревар.

„Верувам во Диего Симеоне и неговите играчи. Тие се борци, добро се подготвени и верувам дека ќе ја завршат работата. На навивачите на Барселона им порачувам да бидат мирни и да молчат – Европа е друга приказна, а вие повеќе не сте кралеви. Го сакам овој спорт, но уште повеќе ја сакам вистината“, брутално порача Евра.

Французинот во својата кариера дури трипати загуби во финале на Лигата на шампионите токму од Барселона – двапати со Манчестер Јунајтед и еднаш како член на Јувентус.

Се подготвува трансфер бомба: Најдобриот фудбалер во светот се сели во Премиер лигата?!

Дали официјално најдобриот фудбалер во светот, Усман Дембеле, ќе остане во ПСЖ и следната сезона? Тоа е прашање што сè почесто се поставува во француските медиуми.

Како што пренесуваат француските медиуми, Дембеле има договор со европскиот шампион до 2028 година, но неговата иднина во „светците“ и понатаму не е јасна.

Раководството на клубот, предводено од Насер Ал-Келаифи, наводно ги одбива барањата на Дембеле за нов договор. Челниците на ПСЖ наместо тоа се фокусирани на обезбедување на иднината на младите таленти Сени Мајулу и Бредли Баркола.

Ваквиот став ја одразува долгогодишната загриженост за физичката подготвеност на Дембеле. Иако освојувањето на Златната топка му го зголеми статусот, повредите во првата половина од сезоната и натаму фрлаат сомнеж врз неговата константност.

Претседателот Насер Ал-Келаифи јавно потврди дека постои горна граница за платите, нагласувајќи дека „интересите на тимот и клубот се на прво место“, што многумина го толкуваат како директна порака до Дембеле.

Дембеле оваа сезона има 14 голови и осум асистенции во 31 настап. Според Трансфермаркт, неговата вредност се проценува на 100 милиони евра.

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, одамна е голем почитувач на Дембеле и се обидел да го доведе уште додека го водеше Баерн. Медиумите повеќепати го поврзуваа крилниот напаѓач на ПСЖ со трансфер на „Етихад“.

Според шпанскиот „Спорт“, агентот на Дембеле, Муса Сисоко, неодамна се сретнал со спортскиот директор на Манчестер сити, Уго Виана.

Јамал се „претвори“ во Леброн Џејмс, верува дека тоа е вистинскиот пат за Барселона да направи чудо против Атлетико

Изминатиов викенд Барселона ја зголеми предноста на девет бодови во однос на Реал Мадрид во трката за титулата во домашното првенство и сега е многу блиску до одбрана на тронот. Сепак, каталаноскиот гигант нема многу време за радост, затоа што фокусот веднаш е насочен на реванш дуелот од Лига на шампиони против Атлетико Мадрид, кој ќе се игра утревечер на „Ванда Метрополитано“ во шпанската престолнина.

Пред една недела Барселона на свој терен загуби со 0:2 и сега е пред речиси невозможна мисија да оди во полуфиналето. Сепак, во таборот на Барселона владее оптимизам дека може да се надокнади негативата од првиот меч. Многу нешта во играта на Барселона може да зависат од Ламин Јамал. Тинејџерот веќе ја загрева атмосферата пред реваншот, а на социјалните мрежи упати порака со која покажува дека тој верува во пресврт.

Јамал на својот Инстаграм профил за главна фотографија ја постави фотографијата на која Леброн Џејмс во 2016 година со тимот на Кливленд стигна до титулата во НБА. Тогаш Кливленд губеше со 1:3 во победи од Голден Стејт, а на крајот се случи чудо и Кливленд победи на следните три меча за конечен триумф од 4:3 и освојување на шампионскат титула. Никогаш претходно, а и после тоа во финалето на НБА немало таков пресврт, тимот кој губел со 3:1 во победи, на крајот да биде шампион.

Во историјата на Лига на шампиони само еднаш се случило тимот кој на свој терен во првиот меч од нокаут фаза загубил со 0:2, а на крајот да оди во следната фаза. Тоа се случи во 2019 година, кога во 16-финалето Манчестер јунајтед на првиот меч дома загуби со 0:2 од Пари Сен Жермен, а потоа во реваншот на „Паркот на принцовите“ победи со 3:1 и се пласираше во следната фаза.

Тогаш во дресот на Манчестер јунајтед играше Маркус Рашфорд и токму тој беше стрелец на голот во 90+3 минута за победа од 3:1. Интересно е дека тогаш важеше правилото за предност со даден гол нагости, па иако по двата дуели вкупниот резултат беше 3:3, Манчестер јунајтед се пласираше во следната фаза, затоа што постигна три погодоци на туѓ терен. Сега, тоа правило не важи, што значи дека Барселона ако сака да направи чудо во Мадрид против Атлетико ќе мора да победи со три гола разлика, или да биде подобар со два гола и потоа да слави на пенали.

Од Барселона упатија порака која имаше само еден збор а тоа е „ВЕРУВАМЕ“.

Реално, малку веројатна е оваа варијанта за Барселона, но Јамал и друштвото очигледно дека веруваат во чудо. Квотата во Sport Life за Барселона да се пласира во полуфиналето е дури 3.30.

Јувентус ќе плати 40 милиони евра за фудбалер кој не му ни треба

Јувентус ја активираше клаузулата според која ќе мора да го откупи договорот на Лоис Опенда од РБ Лајпциг. На почетокот на оваа сезона, Опенда се придружи на Јувентус на позајмица до крајот на сезоната за околу 4 милиони евра. Сега, италијанскиот гигант има обврска да го откупи целиот договорот на Опенда и тоа за сума од 40,6 милиони евра, затоа што тоа го наложува клаузулата.

Според договорот, Јувентус се сложил да го откупи договорот на опенда, доколку Старата дама заврши во Топ 10 на табелата во Серија А. На шест кола до крајот, Јувентус има дури 18 бодови повеќе од Сасуоло кој е на 11 место на табелата, па јасно е дека тимот од Торино ќе го откупи договорот на Опенда.

Автоматски Опенда ќе добие четиригодишен договор со Јувентус, до јуни 2030 годоина. Овој договор не е многу по кејф на Јувентус ако се знае дека 26-годишниот напаѓач на последните пет меча воопшто не играше, додека последен пат настапи симболично во последните 2-3 минути од натпреварот. Во 2026 година Опенда ниту еднаш не бил стартер за Јувентус.

Вкупно сезонава Опенда има постигнато само два гола во 33 настапи за Јувентус.