Дома Blog Страница 88

Се подготвува трансфер бомба: Најдобриот фудбалер во светот се сели во Премиер лигата?!

Дали официјално најдобриот фудбалер во светот, Усман Дембеле, ќе остане во ПСЖ и следната сезона? Тоа е прашање што сè почесто се поставува во француските медиуми.

Како што пренесуваат француските медиуми, Дембеле има договор со европскиот шампион до 2028 година, но неговата иднина во „светците“ и понатаму не е јасна.

Раководството на клубот, предводено од Насер Ал-Келаифи, наводно ги одбива барањата на Дембеле за нов договор. Челниците на ПСЖ наместо тоа се фокусирани на обезбедување на иднината на младите таленти Сени Мајулу и Бредли Баркола.

Ваквиот став ја одразува долгогодишната загриженост за физичката подготвеност на Дембеле. Иако освојувањето на Златната топка му го зголеми статусот, повредите во првата половина од сезоната и натаму фрлаат сомнеж врз неговата константност.

Претседателот Насер Ал-Келаифи јавно потврди дека постои горна граница за платите, нагласувајќи дека „интересите на тимот и клубот се на прво место“, што многумина го толкуваат како директна порака до Дембеле.

Дембеле оваа сезона има 14 голови и осум асистенции во 31 настап. Според Трансфермаркт, неговата вредност се проценува на 100 милиони евра.

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, одамна е голем почитувач на Дембеле и се обидел да го доведе уште додека го водеше Баерн. Медиумите повеќепати го поврзуваа крилниот напаѓач на ПСЖ со трансфер на „Етихад“.

Според шпанскиот „Спорт“, агентот на Дембеле, Муса Сисоко, неодамна се сретнал со спортскиот директор на Манчестер сити, Уго Виана.

Јамал се „претвори“ во Леброн Џејмс, верува дека тоа е вистинскиот пат за Барселона да направи чудо против Атлетико

Изминатиов викенд Барселона ја зголеми предноста на девет бодови во однос на Реал Мадрид во трката за титулата во домашното првенство и сега е многу блиску до одбрана на тронот. Сепак, каталаноскиот гигант нема многу време за радост, затоа што фокусот веднаш е насочен на реванш дуелот од Лига на шампиони против Атлетико Мадрид, кој ќе се игра утревечер на „Ванда Метрополитано“ во шпанската престолнина.

Пред една недела Барселона на свој терен загуби со 0:2 и сега е пред речиси невозможна мисија да оди во полуфиналето. Сепак, во таборот на Барселона владее оптимизам дека може да се надокнади негативата од првиот меч. Многу нешта во играта на Барселона може да зависат од Ламин Јамал. Тинејџерот веќе ја загрева атмосферата пред реваншот, а на социјалните мрежи упати порака со која покажува дека тој верува во пресврт.

Јамал на својот Инстаграм профил за главна фотографија ја постави фотографијата на која Леброн Џејмс во 2016 година со тимот на Кливленд стигна до титулата во НБА. Тогаш Кливленд губеше со 1:3 во победи од Голден Стејт, а на крајот се случи чудо и Кливленд победи на следните три меча за конечен триумф од 4:3 и освојување на шампионскат титула. Никогаш претходно, а и после тоа во финалето на НБА немало таков пресврт, тимот кој губел со 3:1 во победи, на крајот да биде шампион.

Во историјата на Лига на шампиони само еднаш се случило тимот кој на свој терен во првиот меч од нокаут фаза загубил со 0:2, а на крајот да оди во следната фаза. Тоа се случи во 2019 година, кога во 16-финалето Манчестер јунајтед на првиот меч дома загуби со 0:2 од Пари Сен Жермен, а потоа во реваншот на „Паркот на принцовите“ победи со 3:1 и се пласираше во следната фаза.

Тогаш во дресот на Манчестер јунајтед играше Маркус Рашфорд и токму тој беше стрелец на голот во 90+3 минута за победа од 3:1. Интересно е дека тогаш важеше правилото за предност со даден гол нагости, па иако по двата дуели вкупниот резултат беше 3:3, Манчестер јунајтед се пласираше во следната фаза, затоа што постигна три погодоци на туѓ терен. Сега, тоа правило не важи, што значи дека Барселона ако сака да направи чудо во Мадрид против Атлетико ќе мора да победи со три гола разлика, или да биде подобар со два гола и потоа да слави на пенали.

Од Барселона упатија порака која имаше само еден збор а тоа е „ВЕРУВАМЕ“.

Реално, малку веројатна е оваа варијанта за Барселона, но Јамал и друштвото очигледно дека веруваат во чудо. Квотата во Sport Life за Барселона да се пласира во полуфиналето е дури 3.30.

Јувентус ќе плати 40 милиони евра за фудбалер кој не му ни треба

Јувентус ја активираше клаузулата според која ќе мора да го откупи договорот на Лоис Опенда од РБ Лајпциг. На почетокот на оваа сезона, Опенда се придружи на Јувентус на позајмица до крајот на сезоната за околу 4 милиони евра. Сега, италијанскиот гигант има обврска да го откупи целиот договорот на Опенда и тоа за сума од 40,6 милиони евра, затоа што тоа го наложува клаузулата.

Според договорот, Јувентус се сложил да го откупи договорот на опенда, доколку Старата дама заврши во Топ 10 на табелата во Серија А. На шест кола до крајот, Јувентус има дури 18 бодови повеќе од Сасуоло кој е на 11 место на табелата, па јасно е дека тимот од Торино ќе го откупи договорот на Опенда.

Автоматски Опенда ќе добие четиригодишен договор со Јувентус, до јуни 2030 годоина. Овој договор не е многу по кејф на Јувентус ако се знае дека 26-годишниот напаѓач на последните пет меча воопшто не играше, додека последен пат настапи симболично во последните 2-3 минути од натпреварот. Во 2026 година Опенда ниту еднаш не бил стартер за Јувентус.

Вкупно сезонава Опенда има постигнато само два гола во 33 настапи за Јувентус.

Ван Дајк: Потребно ни е нешто специјално против ПСЖ

Ливерпул има само три победи во последните девет меча што ги одигра, што само покажува дека актуелниот англиски првак е во лоша форма. Црвените од „Енфилд роуд“ утревечер на свој терен ќе играат против Пари Сен Жермен во ревншот од четвртфиналето на Лига на шампиони. Англискиот гигант ќе има тешка задача затоа што има негатива од 2:0 против актуелниот европски владетел.

Капитенот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк знае дека неговиот тим мора да направи нешто специјално ако сака да успее да го елиминира ПСЖ.

„Имаме потреба да направиме нешто специјално, во спротивно нема да имаме шанса. Ако играме како што игравме на првиот меч во Париз, според мене тоа ќе значи дека нема да имаме никаква шанса. Нашите навивачи веројатно ќе бидат важен фактор за тоа како може да одиграме. Пред нас се 90 минути во кои треба да покажеме дека можеме да бидеме рамноправни. Привилегија е да се игра во четвртфиналето. Не треба да заборавиме дека ние сме Ливерпул и ќе се обидеме да ја направиме таа вечер да биде незаборавна“, рече Ван Дајк.

Симеоне полн со оптимизам: Наша цел е да ја елиминираме Барселона и да играме во полуфиналето

Атлетико Мадрид има предност од 2:0 во пресрет на утрешниот реванш против Барселона во Лигата на шампионите. Покрај преднсота од двата гола, мадридскиот тим ќе ја има предноста и на домашен терен, што значи дека очекува голема поддршна од трибините на „Ванда Метрополитано“.

Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне е полн со самодоверба дека неговиот тим ќе се пласира во полуфиналето на елитното натпреварување на УЕФА.

„Убедени сме во тоа што ни треба и што ќе бараме на теренот. Нашата цел е да продолжиме напред и ќе играме на таков начин што тоа ќе се случи“, објасни Чоло на денешната прес-конференција во пресрет на реваншот против каталонскиот гигант.

Во врска со пристапот кон ваквите натпревари, аргентинскиот стратег коментираше: „Ќе пристапиме на начинот на кој секогаш сме играле против Барса. Знаеме дека тие се многу добар противник, но исто така сме свесни за нашата цел, а тоа е да одиме во следната фаза“.

Симеоне вели дека секој меч е приказна сам за себе и никогаш предвреме не може да се предвиди што ќе се случи на теренот.

„Сè што однапред замислуваме може да биде само имагинација. Кога ќе започне натпреварот, сè што сме размислувале може да се остави во втор план. На последниот натпревар тие излегоа со понападна линија. Затоа ни требаат верба и сигурност во она што го сакаме, а тоа е да ги елиминираме“, додаде Симеоне, кој одби да го коментира судењето на првиот меч во Барселона. „Размислувам за тимот, не размислувам за судиите. Тие веќе се под екстремен притисок, не размислувам за нив.“

Симеоне одби да открие дали Јан Облак ќе се врати на голот.

Шкендија повторно дојде на еден бод зад Вардар, Тиквеш славеше во Струга

Шкендија рутински стигна до нова победа во Тетово откако со убедливо 6:0 славеше над Шкупи во меч од 27. коло на прва фудбалска лига на Македонија. Овој триумф на Шкендија беше повеќе од очекуван, затоа што Шкупи е најслаб прволигаш не само во нашата лига, туку во цела Европа, затоа што цела сезона освои само еден бод.

Уште во првото полувреме тетовци ја завршија „домашната задача“. Мелиќи даде два гола и тоа во 13 и 20 минута, а потоа и капитенот Бесарт Ибраими погоди за 3:0 во 42 минута. Ибраими погоди втор пат во 66 минута за зголемување на убедливата предност.

Во финишот на сцена стапи Латифи, кој истотака постигна два гола. Латифи погодуваше во 85 и 87 минута за убедлива победа на Шкендија од 6:0.

Со овој триумф Шкендија стигна до 20 победа сезонава и со 64 бодови сега повторно е само еден бод зад лидерот Вардар. Според тоа како играат двата тима во црвено-црна боја, многу лесно може да се случи шампионот да се решава во последното 33. коло кога Вардар ќе биде домаќин на Шкендија.

Во втроиот меч кој се играше попладнево, Тиквеш славеше со 2:1 во Струга. Домашниот тим на Струга ТЛ поведе со погодокот на Радески во 21 минута, но гостите возвратија само пет минути подоцна кога израмни Рамадани. Тиквеш дојде до целосен пресврт со погодокот на Сила во 56 минута.

За Тиквеш ова се многу важни бодови во трката да биде сигурен на средина од табелата и да го избегне плејаутот. Кавадарчани сега имаат 40 бодови, додека Струга ТЛ не мрда од третото место и остана на 56 бодови.

 

Ова е можеби најизненадувачката победа во 2026 година, хероите се од Сан Марино

Фудбалот секогаш е интересен затоа што фаворитите се само на хартија и за да се победи, мора да се одигра најдобри дури и против најслабиот ривал. Токму тоа дека изненадувањата се можно, денеска покажа селекцијата на Сан Марино за играчи до 17 години.

На квалификацискиот турнир за играчи до 17 години, надежите на Сан Марино со 1:0 ги победија врсниците од Велс. Оваа победа е големо изненадување затоа што Велс важеше за голем фаворит, но на теренот, тинејџерите на Сан Марино постигнаа гол по еден час игра и потоа одлично се бранеа за да стигнат до триумф.

Оваа победа на Сан Марино У17 е чудо над чудата, затоа што оваа селекција на најслаборангираната фудбалска земја во светот, немаше победа повеќе од 16 години. На последните 50 натпревари што ги одигра Сан Марино У17 во изминативе 16 години има биланс од 48 порази и само две нерешени!

Затоа, овој триумф против Велс е повеќе од неочекуван, но и доказ дека сите репрезентации работат и напредуваат на фудбалски план. Во третото коло од квалификациите Сан Марино У17 ќе игра против врсниците од Аандора што значи дека имаат неверојатна шанса да спојат две победи.

Македонија загуби со 9:0 од Шкотска

Женската македонска фудбалска репрезентација за играчи до 19 години претрпе убедлив пораз со 9:0 од Шкотска во втората рунда од квалификациите за пласман на ЕП. Избраничките на селекторот Изов, беа неможни да се спротистават на домашната селекција во Глазгов и на крајот претрпеа дебакл, со девет примени погодоци.

Во првите 20 минути нашите надежи парираа и држеа 0:0, но потоа Шкотска едноставно заигра многу подобро и до крајот на првото полувреме постигнаа дури пет погодоци за убедлива предност по првите 45 минути. Во второто полувреме продолжи офанзивата на Шкотска, а нашите надежи се обидуваа да се бранат, но не успеаа па примија уште четири погодоци за конечни 9:0.

Македонија У17 е на последното место во групата, откако во првото коло загуби со 3:0 и од врсничките од Норвешка. Во последното трето коло, македонските репрезентативки ќе играат против Австрија, која има три бода од првите две кола.

Еден од најневеројатните погодоци дадени по промашен пенал (Видео)

Екипата на Олимпија Асунсион со 2:0 победи на гости кај Рубио Ну во меч од 16 коло на првенството на Парагвај, а дуелот го одбележа еден од најчудните погодоци дадени по промашен пенал. Олимпија поведе со гол во 16 минтуа кога погоди Себастијан Фереира, а победата на гостите беше потврдена со погодок на почетокот од второто полувреме.

Беше досуден пенал за Олимпија Асунсион, а Фереира реши да го изведе пеналот. Голманот на домаќините го одбрани пеналот, а топката се одби до еден од играчите на Рубио Ну. Сакајќи да ја исфрли топката далеку од својот шеснаесетник, домашниот фудабер силно ја шутна топката, но таа заврши директно во лицето на Фереира кој го шутираше пеналот, а потоа заврши во мрежата на домашниот тим.

Со оваа победа Олимпија е лидер на табелата со 39 бодови, три повеќе од второпласираниот тим на Церо Портено, додека Рубио Ну ја продолжува очајната низа и загуби петти пат по ред, па остана на 15 освоени бодови и е на деветото место на табелата.

Гигантите од Англија „полудеа“ по фудбалерот на Селта

Повеќе од половина клубови од Премиер лигата покажуваат интерес за дефанзивецот на Селта, Оскар Мингеза, истакнуваат медиумите во Англија. 26-годишниот шпански фудбалер станува слободен агент во летниот период, кога му истекува договорот со галискиот клуб.

Мингеза, кој може да игра како десен бек, но и во срцето на одбраната, се наоѓа на листите на желби на Ливерпул, Арсенал, Манчестер сити и Тотенхем. Дополнително, веќе подолго време го следат и Астон Вила, Евертон и Њукасл.

Во тековната сезона, Оскар Мингеза има 38 настапи во сите натпреварувања, со еден постигнат гол и шест асистенции.

Тој пристигна во Селта од Барселона во летото 2022 година.