Дома Blog Страница 92

Нојер не се премислува околу учеството на СП 2026

Мануел Нојер, светскиот шампион од 2014 година, се повлече од германската репрезентација по Европско првенство 2024. Сепак, дебатата за негово можно враќање повторно се отвори откако новиот прв голман Марк-Андре тер Штеген имаше неколку повреди, додека Нојер и понатаму настапува на највисоко ниво.

Еден од примерите беше неговата одлична партија во победата на Баерн Минхен од 1-2 против Реал Мадрид во Лигата на шампионите минатата недела.

Иако постојано истакнува дека враќањето во националниот тим не е опција, Нојер реагираше и на изјавите на поранешниот капитен на Германија, Лотар Матеус, кој тврдеше дека неговиот однос со селекторот Јулијан Нагелсман не е најдобар.

„Немаме лош однос, напротив, имаме добри релации. Но, тоа што луѓето го зборуваат однадвор не нè засега, ниту него ниту мене, па затоа сме мирни околу тоа“, изјави Нојер.

Тој исто така потврди дека во следните недели ќе донесе одлука дали ќе го продолжи договорот со Баерн Минхен за уште една сезона. Баварскиот гигант се бори за тројна круна и е подготвен да му понуди нов договор, а Нојер истакна дека сака да ужива во претстојните натпревари, по што ќе одлучи за својата иднина заедно со клубот.

Реал Мадрид има план да го врати Тони Крос на „Бернабеу“

Реал Мадрид сериозно размислува да го врати Тони Крос во својата структура од следната сезона, но овојпат не како играч, туку како дел од спортскиот менаџмент на клубот, пишуваат шпанските медиуми.

Иако Германецот сè уште физички изгледа подготвен за фудбал, планот на Кралскиот клуб воопшто не е поврзан со негов камбек на теренот, туку со негово ангажирање во спортскиот сектор, каде би можел да придонесе со своето искуство и фудбалска интелигенција.

Во Мадрид постои силно убедување дека неговото присуство би донело нов квалитет во работата со тимот, особено во развојот на играчите и стратегијата на клубот во наредните сезони.

Крос зад себе остави длабока трага во Реал Мадрид, а во клубот сметаат дека неговото заминување создало празнина која сè уште не е целосно пополнета. Поради тоа, веќе се разгледуваат конкретни модели за негово враќање, иако конечната улога што би ја имал сè уште не е прецизирана.

Односот меѓу Крос и клупското раководство, вклучително и претседателот Флорентино Перес, отсекогаш бил одличен, а токму Перес наводно е еден од најголемите поддржувачи на идејата за негово враќање.

Крос и денес живее во Мадрид, каде што работи во својата фудбалска академија. Често се појавува во тренинг-центарот Валдебебас, каде учествува во активности со младите категории на Реал Мадрид, а повремено се вклучува и во тренерски задачи.

Во клубот веруваат дека неговото знаење, авторитет и искуство би можеле да бидат клучен адут во понатамошниот развој на спортскиот проект веќе од следната сезона.

Конте: Границата меѓу победа и реми е многу тенка, но ќе се бориме за титулата до крај

Антонио Конте изрази разочарување поради раниот примен гол на Наполи во ремито 1-1 против Парма, како и поради пропуштената можност за победа, но нагласи дека борбата за титулата сè уште не е завршена.

Италијанскиот стратег истакна дека тимот добро тренирал такви ситуации, но во натпреварите често одлучуваат моментите и емоциите, што довело до грешка уште по само 33 секунди игра. Според него, токму тој шок на почетокот ја променил динамиката на мечот, бидејќи Парма потоа се повлекла и играла со силен дефанзивен блок.

Конте нагласи дека неговиот тим и покрај тоа доминираше во поседот и создаваше шанси, но му недостасуваше прецизност во завршницата. Особено ја истакна ситуацијата на Елиф Елмас, чиј удар со глава го опиша како извонреден, но недоволен за победа.

„Границата меѓу победа и реми е многу тенка“, порача Конте, додавајќи дека неговите играчи дале максимум и дека тимот успеал да се врати по лошиот почеток.

Тој исто така ја коментираше трката за Скудетото, истакнувајќи дека Интер и понатаму е во предност, но дека математички сè уште постои надеж. Според него, тимот ќе продолжи да се бори до крај, и покрај тоа што ситуацијата на табелата ја прави мисијата многу тешка.

Миовски: Головите ми ја зголемуваат самодовербата

Бојан Миовски беше херој на Ренџерс во убедливата победа од 3-6 на гостувањето кај Фалкирк во шкотската Премиер лига.


Македонскиот напаѓач влезе во игра на полувремето и со два постигнати гола одигра клучна улога во пресвртот на својот тим, кој во првото полувреме имаше негатива од 2-0.


По натпреварот, Миовски не го криеше задоволството од својот настап и придонесот за победата.

„Како напаѓач секогаш сакаш да му помогнеш на тимот. Секогаш сум подготвен и денес успеав да помогнам со два гола, што ме прави многу среќен. Се чувствувам добро, имам три гола на последните два натпревари и тоа ми носи дополнителна самодоверба“, изјави Миовски.

Тој нагласи дека клучен момент бил погодокот пред крајот на првото полувреме, кој му дал енергија на тимот за пресврт.

„Во првите 40 минути не игравме добро, но голот пред паузата беше многу важен. Покажавме карактер, како и многупати оваа сезона. Ова е лига во која секој натпревар е тежок и мора да одиме чекор по чекор“, додаде македонскиот репрезентативец.

Со оваа победа, Ренџерс останува во сериозна трка за шампионската титула, а добрата форма на Миовски може да биде клучна во завршницата од сезоната.

Штутгарт не се откажува од намерата да игра во ЛШ (Видео)

Штутгарт продолжува со силната форма во Бундеслигата, откако забележа убедлива победа од 4-0 против Хамбургер и направи важен чекор во битката за пласман во Лигата на шампионите.

И покрај тоа што вториот стрелец во лигата, Дениз Ундав, не беше во својот препознатлив ритам и промаши пенал, тоа не го спречи домаќинот да стигне до убедлив триумф.

Резултатот беше отворен со гол на Анџело Штилер, по што следуваа погодоци и на Крис Фирих, Максимилијан Мителштет и Ел Канус, со што Штутгарт целосно ја контролираше играта.

Со оваа победа, Штутгарт останува при врвот од табелата, израмнет со Лајпциг, а трката за топ 4 позициите станува сè поинтензивна во завршницата од сезоната.

Ракометарките третпат по ред се пласираа на Европско првенство

Женската ракометна репрезентација на Македонија го заврши квалификацискиот циклус со пораз од Словенија со 18-27, но и покрај поразот обезбеди пласман на Европското првенство.

Македонските ракометарки успеаја да се најдат меѓу четирите најдобри третопласирани селекции, што им донесе билет за континенталниот шампионат.

Избраничките на селекторот Кристијан Грчевски не успеаја да ѝ парираат на Словенија, која доминираше и со комбиниран состав. Домашниот тим беше рамноправен само во првите петнаесетина минути од второто полувреме, кога противникот влезе со ротации и помала минутажа.

Една од најсветлите точки во македонскиот состав беше голманката Андреа Илиќ, која забележа 13 интервенции и спречи уште поубедлив пораз, што на крај се покажа како клучно за пласманот.

Со овој успех, женската ракометна репрезентација на Македонија обезбеди настап на трето Европско првенство во низа, по учествата во 2022 и 2024 година.

Следното Европско првенство во ракомет за жени 2026 ќе се одржи од 3 до 20 декември во Чешка, Полска, Романија, Словачка и Турција.

Ќе има драма за титулата: Манчестер сити го декласира Челзи на „Стемфорд бриџ“ (Видео)

Манчестер сити го победи Челзи со 0-3 на „Стемфорд бриџ“ и комплетно ги врати шансите за шампионската титула. Сега Граѓаните шест бода помалку од лидерот Арсенал, но следниот викенд ќе го пречекаат на „Етихад“ во големо дерби, а имаат и еден одигран натпревар помалку.

Првото полувреме мина без голови, а Челзи успеваше да го диктира ритамот на играта. Марк Кукуреља дури и постигна погодок, но истиот беше поништен поради офсајд.

Сините први се заканија уште во почетните минути, Кол Палмер промаши шанса во шестата минута, а потоа и Жоао Педро во деветтата минута. Во 19-тата минута се обиде и Педро Нето, но Џанлуиџи Донарума со одлична одбрана го спаси својот гол.

И покрај подобриот впечаток на Челзи во првото полувреме, второто донесе целосен пресврт во корист на Манчестер сити, кој одигра доминантно и буквално го надигра противникот.

Во 51-та минута, Рајан Шерки центрираше, а Нико О’Рајли со удар со глава го совлада Роберт Санчез за 0-1.

Само шест минути подоцна, Сити практично го реши натпреварот. Повторно Шерки асистираше, а Оскар Боб погоди за 0-2 со прецизен завршен удар.

Конечните 0-3 ги постави Џереми Доку во 68. минута, откако ја искористи грешката на противникот и реализираше по пресинг-акција.

Во завршницата, Манчестер сити рутински го контролираше натпреварот, а Пеп Гвардиола внесе неколку замени за освежување, меѓу кои и Матео Ковачиќ, кој се врати по подолга пауза.

Челси не успеа да создаде сериозна шанса за утешен гол, а Сити со оваа победа направи клучен чекор во трката за титулата. Во следното коло, на „Етихад“ гостува Арсенал, во директен дуел кој може да ја реши сезоната.

Има многу „зицери“, но можете да „ловите“ и изненадувања во Полноќниот експрес (Фото)

Претстојната ноќ нуди неверојатно голем избор на натпревари од НБА лигата. Има и многу „зицери“, но исто така може да се „ловат“ и изненадувања. Полноќниот експрес е преполн со натпревари и одлични квоти.

Филаделфија, Торонто, ЛА лејкерс, Хјустон, Детроит, делуваат како лесно предвидливи типови, но затоа има и мечеви на кои се можни изненадувања. Ваше е да ја определите стратегијата и да го составите добитниот тикет.

Футсал: Македонија подобра и од Литванците

Футсал репрезентацијата на Македонија обезбеди пласман во главната рунда од квалификациите за Светското првенство, откако со максимален ефект го заврши претквалификацискиот турнир во Литванија.

Нашите футсал репрезентативци остварија три победи во три натпревари, потврдувајќи ја фаворитската улога и квалитетот на турнирот.

Во последното коло, Македонија ја совлада селекцијата на Литванија со минимални 1-0. Стрелец на победничкиот погодок беше Јанев, кој погоди во 14-тата минута од средбата.

Претходно, Македонија забележа убедлива победа над Турција со 6-3, како и триумф од 4-2 против Бугарија, со што го заокружи настапот со девет освоени бодови.

Бруно Фернандеш откри што треба да направи Манчестер јунајтед за да го задржи во клубот

Капитенот на Црвените ѓаволи, Бруно Фернандеш, откри што очекува од Манчестер јунајтед за да биде убеден да го продолжи престојот на „Олд Трафорд“. Португалецот се осврна и на работата на привремениот менаџер Мајкл Карик.

Фернандеш (31) е вистински талисман на Манчестер јунајтед уште од доаѓањето од Спортинг Лисабон во 2020 година. Тој и сезонава е водечка фигура, со осум голови и 16 асистенции во одлична индивидуална сезона, додека тимот се бори за пласман во Лигата на шампионите.

Овие резултати доаѓаат откако минатото лето Бруно Фернандеш беше блиску до заминување. На крајот, тој ја одби понудата од Ал-Хилал, која му гарантираше плата од околу еден милион фунти неделно, додека трансферот ќе изнесуваше околу 100 милиони фунти.

Иднината на португалскиот ас и натаму е актуелна тема, бидејќи му останува уште една година од договорот, иако клубот има опција за продолжување на уште 12 месеци.

„Им велам на луѓето во клубот дека сакам да се борам за трофеи. Секој што доаѓа во Манчестер јунајтед сака да го освои секој трофеј. Никој не доаѓа со мисла дека ќе се бори за еден или два трофеи за шест години. Сакаш да се бориш за сите можни трофеи. Тоа е она што секогаш им го кажувам, ако сме во борба, ќе бидеме блиску до победата. Ако не сме, немаме никаква шанса“, изјави Бруно Фернандеш.

Португалецот потенцираше дека фактот што Јунајтед не ја освоил Премиер лигата од 2013 година „не е нормален“ и додаде дека поминало „премногу време“.

„Она што секогаш му го велам на клубот е: не можете да ми ветите дека ќе ја освоиме Премиер лигата – тоа е невозможно. Но, ако ми ветите дека ќе бидеме конкурентни и ќе се бориме до крај… тоа е сè што сакам. Потоа е на мене да бидам најдобрата верзија од себе и да им помогнам на сите околу мене да го направат истото, за да станеме клубот што сакаме да бидеме“, истакна капитенот на Манчестер јунајтед.